Рецензија: „Делата“ на кавадаречкиот градоначалник – почнале, па ќе продолжат!
Оваа вест е пример како е можно и кус извештај од прес конференција да биде искористен за спин. Фокусот е на насловот, кој е, всушност, циничен коментар дека кавадаречкиот градоначалник се фалел со почнати проекти, а истата тенденција е видлива и во самиот текст на извештајот.
Авторот, притоа, како да заборава да каже дека прес-конференцијата и била свикана со цел на јавноста да и биде соопштено кои се проектите на кои почнала да работи локалната власт во новиот состав.
Линк до оригиналниот напис: „Делата“ на кавадаречкиот градоначалник – почнале, па ќе продолжат!
Датум и време на објавување: 03.07.2013, 12:32
Датум на рецензирање: 10.07.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Веста содржи сублимат од прес-конференција на градоначалникот на Кавадарци, при што се извадени само оние поенти што укажуваат дека тој се фали со веќе започнати проекти и во тој дух авторот на извештајот потоа додава свои ситни забелешки за искажаното што содржат коментаторски акцент. Ова се прави иако поентата на оваа прес-конференција и била јавноста да биде информирана за проектите што почнале да се реализираат во првите 100 дена од новиот мандат.
Извори на информации: Единствен извор на кој се повикува авторот на написот е исказот на кавадаречкиот градоначалник даден на прес-конференцијата, која е повод за написот.
Содржајност: Авторот на информацијата секогаш сам прави селекција што од изнесените податоци на една прес-конференција треба да добие место во извештајот, па така до читателот допира само она што тој проценил дека треба да влезе во написот. Сепак, поради елементите на тенденциозен пристап кои се присутни, можеме да се посомневаме дали е соопштена целосната информација.
Пристрасност: Поради неизбалансираниот пристап, елементите на иронија, па и отворениот спин, не може да се одбегне оценката за пристрасност.
Квалитет на насловот: Насловот содржи повеќе негативни елементи – иронизирање („Делата“ почнале па ќе продолжат), обид за сензационализам, не информира за самата содржина, нејасен е и тенденциозен.
Фотографија: Фотографијата на која е прикажан градоначалникот на прес-конференцијата ќе беше соодветна да не беше технички лошо обработена. Фигурата е во крупен план , но е несмасно исечена и поставена странично, веројатно со цел да се види позадината.
Говор на омраза: Извештајот од прес-конференцијата на кавадаречкиот градоначалник кусо набројува со кои сѐ почнати проекти се пофалил градоначалникот, ставајќи го зборот „дела“ во наводници што, сугерира иронија и го користи зборот „изрецитира“ наместо вообичаените „рече“, „кажа“, „изјави“ и слично. Ова, исто така, звучи потсмешливо и пејоративно, што вообичаено се користи во насока на дискредитирање.
Заклучок: При изработката на веста како да е заборавено на едно од основните правила при нивното пишување, а тоа е дека во неа нема место за коментирање. Што и да имало да ѝ се соопшти на јавноста околу сопствениот став во врска со отчетот на кавадаречкиот градоначалник, тоа можело да се стори преку други журналистички форми, пред сѐ, преку редакциски коментар, осврт или нешто слично.
Оптоварувањето на веста со коментари, тенденциозност и непотребно иронизирање, не помага во информирањето на читателите, туку може да биде протолкувано како политички мотивирано.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар