Рецензија: Денес околу 11.00 часот почина Дуле од дуото “Дуле и Коки”!
Овој напис е куса вест која нуди информации за трагичен настан, односно причините за смртта на музичарот Душан Љубисављевиќ – Дуле, од дуото „Дуле и Коки“. Во неа, без да се наведе извор, се шпекулира со болест (рак на црниот дроб) како причина за смртта, а на фотографијата што го придружува текстот е прикажано малолетно девојче без да се замагли неговиот лик. Со оглед на тоа што на овој напис се повикаа и други медиуми, тој заслужува рецензија за да се потенцираат и реафирмираат етичките принципи при известувањето, наведени во Кодексот на новинарите.
Линк до оригиналниот напис: Денес околу 11.00 часот почина Дуле од дуото “Дуле и Коки”!
Датум и време на објавување: 23.09.2013 | 12:41
Датум на рецензирање: 24.09.2013
Рецензент: Ида Протугер Вељковиќ
Вистинитост: Во текстот е изнесено тврдење дека пејачот починал од рак на црниот дроб и истовремено се демантираат информации изнесени од други медиуми каде биле наведени други медицински причини за смртта (инфаркт и проблеми со срцето), но не се нудат никакви извори или официјални информации што би ги поткрепиле изнесените тврдења.
Извори на информации: Не се наведени извори на информации, со што не е задоволен еден од основните професионални стандарди за тоа како веста треба да биде напишана.
Содржајност: Веста не го задоволува ни минималното ниво на примена на професионални стандарди како што е наведување извор, изнесување точни и проверени информации. Напишаното може да значи произволно тврдење и притоа, се однесува на многу сензитивно прашање поврзано со нечие здравје што задира во приватноста на семејството. Во исто време, со напишаното во оваа вест се кршат принципите од етичкиот Кодекс на новинарите кој бара крајно внимателно и без сензационализам да се известува за болест, а информации поврзани со нечие здравје да се изнесуваат единствено ако интересот на јавноста е позначаен од нечија приватност. Тоа подрзабира дека ако се работи за здравствена кондиција на функционер чии одлуки влијаат врз општествените прилики, во тој случај интересот на јавноста се става над заштитата на приватноста. Во овој случај се задоволува љубопитството, а не интересот на јавноста.
(Кодекс на новинарите: Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост. Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.)
Во овој случај очигледно се работи за сензационализам во известувањето и не е почитувана приватноста, како во медиумот каде е пласирана оваа вест, но и кај најголем дел од останатите медиуми, кои без никаква официјална информација лицитираа со дијагнози и причини за смртта на пејачот:
(Телеграф: Дуле подолго време имал проблеми со црниот дроб и се лекувал од цироза; Тв Нова: Како што дознава НОВА од болнички извори, познатиот пејач од дуото Дуле и Коки, Душан Љубисављевиќ, починал пладнево на Ургентниот центар во Скопје, каде бил донесен во саботата попладне, во тешка состојба со повеќе хрoнични заболувања. Тој пред три години бил опериран од панкретаит, а имал и хепатит; Република: Како што ни потврди негов близок пријател, на Дуле му откажало срцето. Тој долго време имал здравствени проблеми; А1он: Според неофицијални извори од Клинички Центар, пејачот подолго време се лекувал, имал проблеми со црниот дроб, а причината за смртта неофицијално е откажување на работата на срцето; Сител: Според информации на Сител од извори од клиниката најверојатно причина за смртта се проблеми со срцето.)
Пристрасност: Како што не може да се утврди дали станува збор за веродостојни факти, не може да се утврди ни дали веста ја прикажува вистината, особено по напливот на информации кај речиси сите медиуми со различни „вистини“ за трагичниот настан.
Освен тоа, иако на прв поглед делува неважно и суштински не ја менува веста, се забележува дека во оваа, како и во објавените информациите за истиот настан на другите медиуми, има многу верзии за презимето на сопругата на починатиот музичар. Објавувањето на точен идентитет на лице наведено во некој текст е важно! Сопругата на Дуле се вика Љупка Наскова Љубисављевиќ (според нејзиниот ФБ профил). Во текстот што е предмет на рецензија е наведена како Настовска, во текстот на Република е Нескова, кај НОВА и Сител е Настовска. Ова е уште еден показател дека во трка по сензација во втор план е ставена точноста на пласираните информации.
Квалитет на насловот: Насловот е соодветен и информативен.
Фотографија: Објавени се две фотографии без наведен автор. На првата е прикажан музичарот Љубисављевиќ, а на втората фотографија од неговото семејство, сопругата и малолетната ќерка. Кај втората фотографија е направено уште едно прекршување на етичкиот Кодекс, бидејќи е прикажано малолетно лице без да се замагли нејзиниот лик.
(Кодекс на новинарите: Новинарот не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.)
Заклучок: Сензационализам, а не објективно и точно информирање на јавноста е начелото од кое се водел медиумот објавувајќи ја оваа вест. Притоа, недостасува еден од основните елементи за професионално напишана вест – наведување извор. Нарушена е приватноста на индивидуата и семејството и прекршен е Кодексот, кој не дозволува објавување на фотографија од малолетно лице без дозвола на родителите. Сензационалимот наспроти вистинито и објективно информирање на јавноста се забележува и кај најголем дел од останатите медиуми кои информираа за истиот настан – смртта на музичарот Душан Љубисављевиќ. Во однос на заштита на приватноста, може да се напомене, иако тоа не е врзано за новинарската професија, дека лекарите што оддаваат информации за здравствена состојба на некое лице, може лесно да најдат под истрага и за го загубат работното место. Во Македонија досега немало истрага за лекари кои оддавале информации за здравствена кондиција или дијагноза на некоја личност, така што таа област е слабо регулирана, состојба која новинарите ја користат во трката за сензационализам.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар