Рецензија: Денеска што правите, тоа ќе го правите цела година
Овaа рецензија е на предлог на наш читател. Тој/таа вели „Функција на новинарството е да промовира суеверије… НЕ!“. И, сосема е во право. Не само што не треба да се промовира суеверие, туку е и сосема неспојливо со православната практика на која се повикува текстот.
Но, тука и рецензентот на оваа медиумска содржина и „Сервис за проверка на фактите од медиумите“, пред да продолжиме понатаму со рецензијата, сакаат да направат една задршка: Секој има прво да верува во што сака. Тоа е едно од правата на човекот што произлегуваат од корпусот лични или приватни права. Дотука, дебатите за верувањата може да почнат и да завршат.
Но, доколку за верувањата се пишува во медиумите како средства за канализирање и за испраќање пораки, тогаш едно од основните правила е од личните, прилично приватните концепти, да не се изведуваат генерални заклучоци и да не се наметнуваат ставови кои добиваат димензија на универзалност или правило.
Линк до оригиналниот напис: Денеска што правите, тоа ќе го правите цела година
Датум и време на објавување: 02.01.2015
Датум на рецензирање: 07.01.2015
Рецензент: Зоран Бојаровски
Медиумската содржина што ја анализираме не само што не ја прави токму таа разлика – да ги издвои приватните верувањата од некои општо прифатени – туку прави и друга грешка: го афирмира суеверито како концепт на православната религија што е сосема спротивно на догмите на оваа веросиповед.
Според Свети Јован Златоуст, „со суеверието, ѓаволот ги убедил оние најнеразумните дека не зависат од нив самите делата на добродетелта или гревот, ниту дека се удостоени на било каква слободна волја, настојувајќи така да постигне две работи, кои всушност, и се најпагубни: и да ги одврати од вложување на труд во стекнувањето на добродетелта и да ги лиши од предрагоцениот дар на слободата. Оваа страшна болест нашиот непријател ја воведува во човекот некој пат низ вражањето, некогаш низ гатањето по знаци, низ суеверното разликување на деновите, низ злото учење за судбината и на многу други начини, доведувајќи ги сите во потполно растројство.“
Овој силен исказ на еден од најреспектираните отци на православната црква е доволно ислустративен за неспојливоста на оваа веросиповед со суеверието. Оттаму, сосема несоодветно е да се поврзе празноверието со празникот и со светецот Свети Игнатиј.
Ние, во оваа рецензија, не оспоруваме дека некој може да пишува за суеверието, но, секако, не може, а да не укажеме дека без видливо правење разлика меѓу прашањата на верата и на празноверието, се создава илузија дека митовите и суеверните обичаи се дел од верата.
Во оваа медиумска содржина таа разлика не е направена. Напротив.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар