Рецензија: Дипломати: СДСМ не треба да дејствува надвор од институциите
Според Кодексот на новинарите на Македонија, ако изворот на информации бара да остане анонимен, новинарот треба да го заштити. Во овој случај тоа е направено сосема коректно и легитимно, бидејќи се во прашање амбасадори. Но, во текстот како да има премногу заштитени и не до крај прецизни извори, а ја нема ни втората страна, па веродостојноста на кажаното може да се доведе под знакот на прашање.
Линк до оригиналниот напис: Дипломати: СДСМ не треба да дејствува надвор од институциите
Датум и време на објавување: 29.04.2014, 19:23
Датум на рецензирање: 29.04.2014
Рецензент: Александар Писарев
ЗАВИТКАНО ВО ОБЛАНДА
Спротивставувањето на хипотетичката најава на опозицијата (на денот кога е пишуван и рецензиран текстот), нивните пратеници да го напуштат Парламентот, е завиткано во „дипломатска обланда“, преку која и на граѓаните им се наметнува мислењето дека на таквата намера на опозцијата не треба да се гледа како на легитимна одлука. „Меѓународниот фактор нема да поддржи бојкот на институциите и вонпарламентарно дејствување“. Одбраните изјави на анонимни дипломати се контроверзни и зад нив вешто е сокриен бранител на ставовите на владеачката верзија на настаните.
КРАТКО ПАМЕТЕЊЕ
Пренагласено потенцирање дека: „Според дипломатите Македонија е доволно демократска земја за сама да си ги решава внатрешните проблеми и дека политичките лидери не можат да очекуваат посредништво или вклучување на европските челници“ е контроверзно и со „кратко паметење“ .
За потсетување е колку пати само евроамбасдорот бараше да се побрза со комплетирање на ад-хок комисијата за расчистување на настаните од 24 декември 2012 година, кои и со странско посредништво уште не се до крај расчистени. Тоа, всушност, е нагласено и во самиот текст: „Ние вложивме премногу напор за потпишување на Мартовскиот договор, вели амбасадорот на една европска држава“ . На граѓаните им се познати и оценките на домашните и на меѓународните експерти за степенот на развој на демократијата во македонското општество. Како што им се познати и на земјите–членки на ЕУ. Не треба да се чита „меѓу редови“ за да се препознае нивото на демократија од самите изјави на дипломатите: „Унијата најмногу е заинтересирана за зачувување на добрите меѓуетнички односи и дека единствено тогаш може да се очекува нивен ангажман што сега не е случај“. Ако е „Македонија доволно демократска земја сама да ги решава проблемите “… зошто би требало да се очекува „нивен ангажман“.
И ДРУГАТА СТРАНА ИМА ШТО ДА КАЖЕ
Отворена е сериозна тема, но не е доречена до крај и во приказната ја нема другата страна. Има обвинување завиткано во „според некои амбасадори“: …„ако не учествуваат во работата на Собранието тоа негативно ќе влијае на извештајот за напредокот на Македонија што ЕУ треба да го објави на есен“... Вината која однапред ѝ се наметнува на опозицијата за некои одлуки, кои можеби се соема легитимни, комплетно ја амнестира власта од одговорност за евентуално лошиот извештај на ЕУ наесен. Ова остава впечаток на притосок и порака и врз граѓаните и врз опозицијата дека изборните резултати мора да се прифатат. …„Амбасадорите им укажале дека треба да ги прифатат освоените мандати во Собтранието и дека од партијата очекуваат да биде конструктивна опозиција“.
За вакви сериозни заклучоци, сепак, е очекувано во еден коректен новинарски текст, да го чуеме и мислењето на другата страна. Инаку, ќе останеме со вкусот на проголтано „горчливо апче“ „препорачано “ од авторот потпишан со полно име и презиме, која ни го „препишал“ под сугестија на сегментирани (на моменти и контроверзни) изјави на амбасадори и дипломати за кои немаме до крај прецизно објаснување.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар