Рецензија: Дивонаселените не го напуштаат центарот на градот

07212014-NM-Romi-crop-resize

Една од препораките за професионалното известување на новинарите кога се во прашање ранливите групи во прирачникот „Етика во новинарството“ (Т.Чаусидис/З.Бојаровски, ЗНМ, 2012) вели:

„Не учествувај во создавање негативен имиџ на одредена група или заедница! Да се биде различен, поинаков од мнозинството, да се биде малцинство многу често претставува голем товар за луѓето. Новинарот не смее да учествува во зголемувањето на тој товар. Никогаш не прави некоја заедница или група да се доживува како синоним за тероризам, граѓанска недисциплина, примитивизам, болести.“

Вака како што е стокмена сторијата што ја рецензираме, само заради тоа што нема изјава од ликовите што имаат главна ролја во оваа новинарска приказна, таа паднала на ова етичко и професионално правило.

07212014-NM-RomiЛинк до оригиналниот напис: Дивонаселените не го напуштаат центарот на градот

Датум и време на објавување: 18.07.2014

Датум на рецензирање: 21.07.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Зошто во целата репортажа не се нашло место за изјава на жителите во овие несоодветни живеалишта. Нема назнака дека биле нешто прашани, па тие одбиле да дадат изјави. На пример, зошто не сакаат да одат во прифатилиштата во Чичино село и Катланово. Бездруго тие луѓе имаат нешто да кажат во врска со тоа. Ако, од некои причини, одбиле да зборуваат, и тоа требало да биде напишано и објаснето зошто.

Вака, за жал, се добива впечаток дека овие граѓани воопшто не биле прашани, а тие, уште еднаш ќе потсетиме, се во фокусот на приказната.

Фотографијата во оваа новинарска приказна го испочитувала правото на детето на заштита на неговиот идентитет, но, дури и со една таква интервенција, таа не е најсоодветниот избор. Секако дека имало десеттина други фотографии за да се прикаже сиромаштијата, несоодветните услови за живот, субстандардните услови во овие привремени живеалишта и нивните жители, отколку голо детско тело. Апсолутно непотребно и неприфатливо.

Со овие, навидум, мали недостатоци, оваа сторија добила големи проблеми на едностраност, па дури и на пристрасност. Тонот на приказната е во прилог на институциите и во тој поглед оваа новинарска сторија падна уште на еден испит – да биде глас на безгласните.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција