Рецензија: „До балчак“ доби 3 милиони евра, а должен е 800.000 евра
Расправата околу долговите што ги остави зад себе најскапиот досега снимен македонски игран филм „До балчак“, заедно со аферите на црвениот тепих на Фестивалот Манаки, веројатно наскоро ќе бидат заменети со она што е посуштинско: оценка на уметничките вредности на делото. Сепак, овој прилог привлекува внимание врз основа на обидот на авторките со „проста математика“ да ја испробаат исплатливоста на проектот, макар и хипотетички. На прв поглед ништо посебно, ама што би се рекло – некому би требало да му текне!
Линк до оригиналниот напис: „До балчак“ доби 3 милиони евра, а должен е 800.000 евра
Датум и време на објавување: 16.09.2014, 17:50
Датум на рецензирање: 21.09.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„Задолжената продуцентска куќа „Триангл филм“, која стои зад филмот „До балчак“, ќе може да ги исплати долговите кон соработниците на филмот само ако филмот добро се продаде во кино салите во земјава и во странство. Единствено на тој начин уметниците и другиот кадар што работеше на филмот ќе може да си ги добијат неисплатените пари. Никакви протести нема да бидат од полза, велат филмаџиите“.
Она што веднаш паѓа во очи во овој текст е дека постои онаа неопходна хронологија на настаните до која авторките се држат доследно, која не е испревртена со вметнување на тековни ексцеси од Битола, заради добивање на атрактивност. Најнапред, имаме за прв пат сосема прецизно „изоден пат“ од првите пари кои ги добива продуцентот, преку оние попатни спасувања на проектот во точни износи, за да се види едниот количник. На другата страна се сосема прецизно наведени сите елементи на трошковникот, па јасно се гледа и вториот количник. Резултатот на двете соочувања на добиените суми е недвосмилен во однос на колосалната загуба (речиси една четвртина од вредноста на проектот) кој го води во „була“. И сега сите сме исправени пред ветувањето – дека долгот ќе се покрие со проекциите и заработувачката од билетите.
Пресметката покажува дека во најдобрата резултанта на кино дистрибуција на филмот во сите кино сали во земјава (две во Скопје и 19 низ Македонија), може да се заработат најмалку 150.000 евра во две недели проекција. Ова е време во кое би се исцрпел интересот за делото кај кино-гледачите. Излегува дека тоа е само една петтина од борчовите, па и оваа приказна за одложен надомест на хонорарите за актерите и обесштетување на битолските дуќанџии, на пример, паѓа лесно во вода.
На овој начин сите што се инволвирани во проектот кој однапред, според парите, добил статус на дело од „национален интерес“ се исправени на – гола ледина. Во правна држава тужените – продуцентите ќе мора да одговараат заради фактот што измамиле многумина инволвирани, меѓу нив и (според дадени примери на самите авторки) некои кои ги изгубиле изворите на својата егзистенција.
Ваквите прилози во весниците секако стануваат пример на објективност, која ретко се сретнува, на едно креативно растојание од настаните без оглед што некому во владините кабинети ваквиот пристап нема да му се допадне, а што дневниот весник во кој е објавен прилогот се третира како близок токму до овие центри на моќ. Некои можеби овој прилог ќе го третираат дури и како знак на некаков отклон на државата од „До балчак“, евентуално и после првото гледање, но мислиме дека пристапот на авторките од старт е независен и покажува искрено подаништво кон вистината.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар