Рецензија: Дојран ќе привлекува туристи со нови плажи и рекреативна патека
Линк до оригиналниот напис: Дојран ќе привлекува туристи со нови плажи и рекреативна патека
Датум и време на објавување: 10.03.2014, 15:37
Датум на рецензирање: 11.03.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Што е правно, а што е праведно? Што е легално, а не е фер? Што е чесно, а што итрина? Каков и да е одговорот на овие прашања кога се разгледуваат во конткест на политиката, тие се во тесна врска со моралот и достоинството на политичарите. Тие можат да си поигруваат со моралните норми, доколку тоа го сакаат или го чувствуваат за потребно, но треба да сметаат на тоа дека за таквите нивни постапки ќе бидат изложени на судот на јавноста и на тестот за проверка на довербата кај граѓаните на изборите.
Со промените во Изборниот законик, во членот 8-А, во првиот став, недвосмислено се вели:
(1) Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може:
– да се располага со буџетски средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал;
– да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Некој што внимателно ќе го прочита новинарскиот текст што го рецензираме ќе забележи дека во него не станува збор за фрлање лопати и за сечење црвени ленти. Точно е, не станува. Лопатите и црвените ленти за овој проект, плажа и патека покрај брегот на Дојранското Езеро, се случија на 17 февруари. Но, министерот за плажи и павер патеки, решил сега, во периодот кога се забранети лопати и црвени ленти, да го посети градежниот комлепкс и да види како напредуваат работите.
Многу досетливо: нема лопати, ама има медиумско внимание и тогаш, зошто да не!
ПРАВНОТО НЕ МОРА ДА Е ПРАВЕДНО
Значи, постапката на министерот правно е чиста и легална (не го крши Изборниот закон), ама не е праведна и фер. Тој се досетил, но медиумот чија вест за овој настан ја рецензираме, не се досетил дека како гласило во интерес на јавноста треба да ги изложи на виделина и ваквите досетки на политичарите со професионална дистанца. Впрочем, како што налага челнот 14 од Кодексот на новинарите:
„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“
Објавувањето на овој новинарски текст не е во прилог на избалансирано известување од предизборниот процес, зашто премногу се различни ресурсите на партијата на владејачките партии и оние за опозициските партии. Затоа беа донесени амандманите на Изборниот законик.
Членот 75-Б од Изборниот закон е уште подециден:
„Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радиодифузерите, во периодот од денот на распишување на изборите до нивното завршување не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.“
Иако се однесува на радиодифузерите, неговиот дух во голема мерка ја илустрира потребата на медиумите да обрнат дополнително внимание.
Правно, медиумот што ја објавил веста се „протнал“ низ уште една дупка во законот: бидејќи не се работи за радиодифузер, ја одбегнал и казнената санкција во врска со прекршувањето на членот 75-Б, кој вели:
„Глоба во износ од 1500 до 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на радиодифузерот, ако:
– известува за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, и на правните лица на кои им е доверено вршење на јавни овластувања, спротивно на членот 75-б на овој закон.“
На крајот на оваа рецензија да потсетиме: Медиумите треба да бидат глас не безгласните и да укажуваат на појавите кога законите се заобиколуваат за сметка на праведното.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар