Рецензија: Драма во „Рамстор“: Непознати лица од Косово украле дете, пронајдено е во гаражата
Новинарскиот кодекс налага новинарот да ги проверува информациите кога тоа е можно, а кога не е, да наведе дека станува збор за шпекулација. Изнесената невистинита информација пред објавата морала да подлежи на елементарна проверка или во споменатиот трговски центар или во Министерството за внатрешни работи, но тоа не е направено.
Линк до оригиналниот напис: Драма во „Рамстор“: Непознати лица од Косово украле дете, пронајдено е во гаражата
Датум и време на објавување:13.12.2014 23:10
Датум на рецензирање: 14.12.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Информацијата не е вистинита. Демант пристигна од трговскиот центар „Рамстор“.
„Преку ова соопштение официјално ја информираме јавноста дека содржината на веста од 13.12.2014 за киднапирање во трговскиот е неточна и невистина. Според увидот, единствен извор за објава за оваа вест е наводен статус на личен профил на социјалните медиуми што укажува на нејзината неверодостојност. Истовремено упатуваме апел до медиумите за проверка на релевантноста и точноста на информациите пред нивното објавување и консултација со организацијата чие име се користи. Преку објавата на овој демант бараме од медиумите кои ја објавија лажната вест да упатат јавно извинување до Рамстор Македонија, до потрошувачите и до читателите за пренесување на лажни и непроверени вести.“
Системот на проверка на информацијата во овој случај е едноставен бидејќи настанот за кој се известило е на територијата на Македонија, има повеќе субјекти кои можат да ја потврдат или да ја негираат неговата вистинитост и бидејќи се случил на јавно место. Но, од дискурсот не може да се види дека каков било новинарски труд е вложен за проверката или барем тоа не е наведено. Навистина, станува збор за информација од јавен интерес, но таа не е проверена и не е точна.
И во 2006 година медиуми објавуваат за случај кој е со истите клучни информации, но се случува во Грција. Тогаш се повикуваат на анонимни, но поблиску лоцирани извори – родители на девојчето што било киднапирано, па оттука така објавената информација има повеќе елементи на веродостојност.
Во текстот што го рецензираме, освен најважното – барање на официјализирање на информацијата, непроверената информација може да предизвика паника и страв кај граѓаните, па дури и да му нанесе финансиска штета на работењето на трговскиот центар што се посочува. Неодговорното преземање на статусот од социјалната мрежа, продолжува во насока на непроверување на информациите и за друг правен субјект. Неодговорно, непоткрепено се истакнува и етничката припадност на непостоечките киднапери.
„Исто така, се потенцира дека ова не е единствен случај, и во трговскиот центар „Сити мол“ е забележан ваков инцидент со Косовари, кој за среќа успешно бил решен.“
Непотпишаниот автор завршува со поука на крајот од текстот, која е коментаторска, но при создавањето на медиумскиот производ и самиот не внимавал на новинарските принципи во информативните жанрови. Иако формално постои извор на информација (фејсбук-статус на корисничка на социјалната мрежа), сепак ниту таа не е контактирана, за да се утврди степенот на нејзината инволвираност, како таа дошла до информацијата. Тоа можело да му помогне на новинарот да ја провери информацијата. Насловот, исто така, е сензационалистички, со него се предизвикува паника. Неодговорното новинарство придонесува да има штети, во случајот дезинформирани граѓани и нарушена репутација на правен субјект. Информациите мора да се проверуваат. На интернет има сè и сешто, но новинарството е проверка на фактите. Вакви приказни датираат на интернет уште од 1999 година, на различни платформи низ светот. Сценариото е секогаш исто, а се менува само земјата на трачот.
Прекршен е членот 1 од Новинарскиот кодекс:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Наспроти тоа, некритички е преземена информација од приватен профил на лице, која дословно е пренесена како вистинита и не се преземени основните новинарски постапки на проверка. Социјалните мрежи се добар извор на информации, но само доколку тие информации потоа можат и да се официјализираат.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар