Рецензија: Државата со ваква младина не треба да се плаши за својата иднина
Текст насочен кон дискредитирање на студентските протести со навивачки предзвук. Објавата налкува на писмо од читател, на кое не му е место на насловната страница на весникот или во делот за „онлајн-вести“ во интернет-изданието.
Линк до оригиналниот напис: Државата со ваква младина не треба да се плаши за својата иднина
Датум и време на објавување: 11.12.2014
Датум на рецензирање: 12.11.2014
Рецензент: Александар Пешев
Главата на текстот испраќа порака до читателот дека академските граѓани бесцелно се собраа на скопските улици. Од приложените тврдења во форма на коментари, држи само констатацијата дека државниот испит нема да важи за студентите кои тековно се запишани на универзитетите. Веќе во вториот пасус се забележуваат реторички прашања со кои коментирањето се ублажува за подолу, во телото на текстот, да се нагласат јасните коментаторски елементи:
„Протести како протести – секогаш може да се изродат во нешто несакано или да се случи некој инцидент“
Судејќи по речиси сите извештаи за текот на настанот, маршот поминал мирно и без инциденти. Авторот не го посочува овој елемент веднаш по оваа реченица, со што ваквата формулација може да се интерпретира како повикување на немири.
Објавата содржи и навредливи елементи, јасно насочени кон демонстрантите.
„Битно е дека на она што на студентите им личи како забава и мало опуштање се вклучија фрустрираните желби за некаква акција против актуелната власт. Па, така, безмалку половина СДСМ беше на протестите, десетици и стотици возрасни лица кои со студирање немаат врска, како и пропагаторите што добиваат пари од странство и кои во овие осум години станаа маргиналци во очите на сопствениот народ“
Освен што имаме јасно омаловажување на сериозноста на намерите на организаторите и на учесниците на настанот, имаме констатација која не е поддржана со факти – освен ако авторот не стоел со сметало на собирот, нема начин да се поддржи тврдењето за бројноста на учесниците што ги именува.
Се прашува дали студентите знаат за што протестираат, а изјавата која дава директен одговор на прашањето е спуштена кон крајот на написот и тоа откако се градат неаргументирани коментари. Имаме обид за пласирање тврдења, чија вистинитост не е поддржана со факти или извори, па макар и анонимни, а од публиката се очекува сервираното да го прифати како вистина. Тоа се согледува во една ваква формулација:
„Ама ова е изгледа единствена држава каде што од бедни мотиви тоа чувство кај младите се потхранува со цел да се искористи во политичка агенда. Kолку е тоа срамно вреди да се кажува“
Очигледно имаме еднострана објава, во која на именуваните страни им е дозволено да се изјаснат со изјава од едвај неколку реда.
Насловот на објавата дава впечаток за обид за сарказам. Наднасловот го поставува прашањето, на кое авторот коментаторски дава одговори, кои, со оглед на недостигот на атрибуција и на факти, може недвосмислено да се опишат како лични ставови. Насловната фотографија е збунувачка. Ако наднасловот поставува прашање кое фотографијата треба да го одговори, испаѓа дека студентите протестирале за покојниот Јосип Броз Тито. Каква врска има Тито со протестите на студентите, не е јасно. Текстуалниот опис на фотографијата не дава одговор на овие прашања.
По неколку пасуси коментари, имаме кратка вест со наслов „Студентски марш од Универзитетот до Владата“. Вест која ги задоволува сите технички и професионални критериуми, ставена како приврзок на коментаторска објава, во која се согледуваат елементи на спин и навредлив говор кон популацијата за која се пишува. Нарачана објава или несфаќање дека постојат стандарди во согласност со кои новинарите не треба да се изразуваат како на лични профили на социјалните мрежи – дилемата останува отворена, а конечниот суд зависи од читателите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар