Рецензија: Две скопјанки и една битолчанка најбарани проститутки на јахтите во Црна Гора

nz-0987-09876-crop-resize

За изнесен податок да биде веродостоен, зад него треба да стои извор кој што ќе биде релевантен. Во случајот такво нешто не постои. Иако формално се повикува на полициски извори, текстот не наведува линк до оригиналниот текст поради што не може да се добие впечаток дека навистина полицијата тврди оти девојките се од Скопје. Доколку е вистина дека девојките се бават со сексуална работа, која во Црна Гора е нелегална, а полицијата знае за тоа, тогаш прашање е зошто полицијата не си ја врши работата. Сосема е индикативно како полицијата знае „кои девојки се најбарани“, како што наведува текстот. Медиумите на интернет ја имаат уникатната можност да ги линкуваат содржините кои ги преработуваат со нивните оригинали, но тоа во случајот не е направено.

nzЛинк до оригиналниот напис: Две скопјанки и една битолчанка најбарани проститутки на јахтите во Црна Гора

Датум и време на објавување: 11.08.2014, 12:45

Датум на рецензирање: 12.08.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Најбезболни за објавување од аспект на одговорноста, се оние информации во кои никој нема да биде лично засегнат. Во случајот, кога се користат описите „две скопјанки“ и „една битолчанка“, освен интерес кај македонската публика оваа информација, независно од нејзината вистинитост, нема да предизвика деманти или негодување од некоја индивидуа. Тоа не смее никако да биде заштитно перниче зад кое ќе се пласираат информации кои се непроверени. Читателот има право да знае како е дојдено до оваа информација, дали таа е од релевантен извор и дали може да се потврди. Во секој останат случај би требало да се наведе дека станува збор за шпекулација. Во случајов, од конкретна полициска акција со краен и официјален епилог, се проширува фокусот и се генерализира без извор, дека и од Македонија има девојки што се проституираат на јахти во Црна Гора.

Инаку, слична ваква вест, исто за проституција во Црна Гора, со истата фотографија и исто со сомнителни општи информации беше објавена и минатото лето, како и рецензирана од Сервисот за проверка на факти во медиумите.

Следниот пасус нема извор и не е јасно кој стои зад овие информации и дали тие воопшто се факти:

Во Црна Гора е активна, со години, елитна проституција во туристичката сезона кога гостите кои имаат пари, а и јахти, доаѓаат таму и бараат услуги од елитни проститутки кои немаат многу клиенти, и не се “потрошени“ а се избрираат од редот на студентки, фото модели и манекенки од регионот кои во секојдневниот живот не се занимаваат редовно со таа професија, туку за надомест од 1.000 евра па нагоре за еден ден одработуваат со клинетот, а откако ќе одработат 20-30 клиенти во текот на летото се враќаат назад. Во својот град, на својата редовна професија, како ништо да не се случило.

Дел од речениците се коментаторски и не е јасно што со нив се сака да се постигне и да се каже:

Ноќниот живот во Будва, кој најчесто се идентификува со црногорскиот туристички врв, има своја – слатка страна.

Уште еднаш важи правилото дека она што е интересно за читање, не секогаш е и од јавен интерес. Оваа информација ќе го привлече вниманието на читателот, зашто се создава перцепција дека станува збор за вест на која ѝ се додава критериумот „блискост“ (девојки од Македонија), меѓутоа внатре се потфрла да се покаже дека тоа е точно. Новинарскиот кодекс налага да се објавуваат точни и проверени информации а во случаите кога тоа не е можно, да се наведе дека станува збор за шпекулација:

Во членот 1 пишува:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Во насловот се изнесува информација, која инаку не можеме да ја прочитаме во лидот, односно во влезот на текстот. Таа е спорадична и се надоврзува како бекграунд во текст кој примарно се однесува на еден конкретен случај. Со други зборови, поентата што е извлечена во насловот не е онаа на која се посветил најголем труд да се истражи што е очигледно од текстот.

Обидот преку сензационалистички наслов да се доближи приказната и да се заинтересираат читателите не го оправдува содржински изнесеното. Она за кое се пишува е поверодостојно ако зад информациите стојат извори и ако се прави напор шпекулацијата да се провери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција