Рецензија: Едни бојкотираат други бараат апанажа – еве ги пратениците на СДСМ кои една година ќе живеат на грбот на граѓаните

press24_mk_edni-bojkotiraat-drugi-baraat-apanazha-eve-gi-crop-resize

Станува збор за куса информација со нагласена тенденциозност и во содржинскиот дел и во насловот: „Едни бојкотираат други бараат апанажа – еве ги пратениците на СДСМ кои една година ќе живеат на грбот на граѓаните“. Најпрво, во текстот  се мешаат две работи кои немаат никаква допирна точка: одлуката на новоизбраните пратеници од СДСМ да не ги прифатат мандатите  во Собранието и правото на апанажа на парламентарците од претходниот собраниски осостав.  А потоа, наменски  се потенцира дека можноста да примаат паричен надоместок 12 месеци ќе го искористат само пратениците од СДСМ, иако на списокот за апанажа има и поранешни парламентарци од сите пратенички групи вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ.

press24_mk_edni-bojkotiraat-drugi-baraat-apanazha-eve-gi-Линк до оригиналниот напис: Едни бојкотираат други бараат апанажа – еве ги пратениците на СДСМ кои една година ќе живеат на грбот на граѓаните

Датум и време на објавување: 19.05.2014, 14:34

Датум на рецензирање:  20,05.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

МАНИПУЛАЦИЈА

Текстот се потпира на вистинити податоци. Списокот  на експратеници кои ќе добиваат апанажа, а кој е искористен и како илустрација за написот,  е точен.  Овие податоци ги објавија повеќе медиуми кои  имаа извештаи од седницата на собраниската Комисија за избори и именување. И во кои, меѓу другото, информираа за Одлуката на Комисјата да им одобри апанажа на дваесетина пратеници  членови на минатиот парламент.

Во однос на барањето за апанажа на пратениците од минатиот состав на Собранието, Комисијата едногласно донесе одлука за прифаќање на 24 барања, а за уште седум ќе се расправа на следната седница на Комисијата.

Сепак, материјалот што го рецензираме не  користи прецизни и официјални извори, туку формулација „според информациите до кои дојде Прес 24“, што делува некако нелогично.

Но, главниот проблем во овој напис е тоа што од листата за апанажа се издвојуваат  имињата на социјалдемократите (и на Фијат Цаноски, само неговото име е кажано во друга конотација), а воопшто не се споменуваат  пратениците од ВМРО-ДПМНЕ,  ЛП, НДП, ПЕИ, како и оние од партиите на Србите и Турците. Со што, всушност, се манипулира со читателите на кои им се сервира мислење дека единствено поранешните пратеници од редовите на СДСМ ќе ја искористат оваа законска можност.

 

СПИНЕРСКА КОНСТРУКЦИЈА

Дополнително се прави и една спинерска конструкција со враќањето на мандатите на новоизбраните пратеници. Практично, овој материјал уште во самиот старт во коментаторски манир вели:

„Додека едни бојкотираат други бааат апанажа“,

со што навестува дека нема идеја објективно да ја информира јавноста, туку да креира една негативна слика за претставниците на опозицијата. Впрочем, тоа е видливо и во самиот наслов, кој во вториот дел дури ги става опозиционерите на столбот на срамот

„…еве ги пратениците на СДСМ кои една година ќе живеат на грбот на граѓаните“

Ваквата тенденциозност јасно покажува на која страна натежнува овој  политички некоректен и непрофесионален текст. Еден професионален пристап подразбира да се каже дека оваа законска можност не е привилегија „измислена“ само за социјалдемократите, туку споменатата бенефиција во изминатите дваесетина години ја искористиле бројни функционери (и не само пратеници)  без разлика на партиската боја. Но, зошто тоа не се кажува не е тешко да се претпостави.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција