Рецензија: Економските аналитичари за програмите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ

КАНАЛ-5-Телевизија-kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID37134-crop-resize

Затскривајќи се  зад плаштот  „економски аналитичари“, овој напис отворено ја величи изборната програма на владејачката партија.  Воспевањето на новите проекти кои ги најавува власта се прави толку многу нагласено што делува  невкусно.

„64 илјади нови работни места, отворање нови фабрики, зголемување на платите и пензиите, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со сериозна економска програма излегува на овие предвремени парламентарни избори. Се тврди дека ова е најдобрата, најобемната политичка програма кој досега била составена за избори…“

'КАНАЛ 5 - Телевизија' - kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID=37134Линк до оригиналниот напис: Економските аналитичари за програмите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ

Датум и време на објавување: 19.04.2014, 14:59

Датум на рецензирање: 21.04.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ПОРТОКАЛОВА СЛАВОПОЈКА

Прилогот се темели на  Програмата  насловена: „Проверено“  и нема зошто да се сомневаме дека податоците кои се презентираат се вистинити .

Програмата има 2046 проекти, предвидено е намалување на ДДВ од 18 отсто на 5 за набавка на училишниот прибор, како и бебешките производи.  Студентите ќе имаат беплатен превоз во градските автобуси, железничкиот сообраќај. Зголемување на платите за 21,5 отсто…

Впрочем, Програмата беше официјално промовирана и овие бројки  секојдневно се  вртат на  изборните рекламни спотови  на неколку телевизии со национална концесија. Меѓутоа, ако веќе се има амбиција да се направи анализа на некоја изборна програма, коректно е да се презентираат и компетентни согледувања  дали понудените проекти се реално остварливи или се само убаво спакувани ветувања. Наспроти тоа, во материјалот што го рецензираме отсуствува минимална доза на критичност при презентирањето на податоците. Тие  се нафрлани без никаква проверка во однос на нивната за издржаност и се пласираат како апсолутна вистина. А, потоа се употребени за на гледачите да им се пренесе пораката дека:

 „ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит на 27 април“

 

ВИРТУЕЛНИ ЕКСПЕРТИ

И во овој прилог имаме работа со виртуелни експерти! Имено, во „анализата“ се споменуваат неименувани  „политички и економски аналитичари“, но само како параван за да се пласират зацртаните тези. Ваквото продлабочено аналитичко новинарство станува тренд во медиумите наклонети кон владејачката партија.  А, особено зачести во изборниот период. Во конкретниот случај овие невидливи експерти имаат двојна улога. Од една страна  ја фалат владејачката партија и нејзината Програма, а од друга страна ја напаѓаат опозицијата. И тоа без да се наведе ниту еден  проект од  изборна понуда на СДСМ,  „политичките аналитичари“ оценуваат  дека опозицијата го турка  концептот на:

„празни ветувања со навреди и омаловажувања кон потенцијалното гласачко тело“.

Текстот тежи од коментари и пристрасност кон власта. Тој е направен во еден агитроповски манир. Буквално секоја реченица, од почеток до крај, е коментаторска  и е ставена  во функција на агитација за власта. И во самиот почеток, и во заклучокот се нагласува дека е извесна уште една победа за владејачката партија:

„… ваква безидејна, најголемата опозициска партија на изборите ќе се соочи со висок изборен пораз“.

 

СЕ НАВИВА СО ЖАР

Кога ќе се прочита наслов, каков што  е:  „Економските аналитичари за програмите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“ (кој, иако е неинтересен, сепак, е коректен), очекувањата се дека  во прилогот ќе се презентираат барем  по две-три независни експертски мислења за економскиот дел од изборната понуда за двете партии. Но, тоа што го има во насловот, го нема во текстот. Во овој напис, ниту се посочени конкретни економски авторитети, ниту се наведени економските мерки кои ги предлага опозицијата (спомнати се само дел од проектите на власта).

Во овој наменски срочен материјал, кој претендира да биде анализа, фалењето на владејачката партија се прави со жар. Што е апсолутно недозволиво со востановените принципи на етички исправното, објективно и коректно информирање на јавноста. Така што, оваа содржина што е предмет на нашата рецензија, нема некоја допирна точка со професионалното новинарството, туку многу е поблиска  до политичко–пропагандните четива.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција