Рецензија: ЕКСКЛУЗИВНО: Ѓорге Иванов се повлекува од кандидатурата за претседател?

09-centarnjuz-0987-09876-crop-resize

Новинарството не е танте за кукурику, односно игра на одмазди. Пред нас имаме текст кој е јасен одговор на претходните објави за тоа дека кандидат на СДСМ за претседател ќе биде Стево Пендаровски, во кои во дел од провладините медиуми се изнесуваа низа шпекулации и непоткрепени тврдења. Во поглед на изборот на атрибуцијата, во текстот што го рецензираме, одбрана е вечно сомнителната формулација „партиски извори во врвот на владејачката партија“. Како да пренесува озборување, авторот без извори создава приказна со која навестува повлекување на Иванов од трката за претседател. Тоа го прави низ низа елементарно нелогични тврдења и констатации, како, на пример, дека „Првично Иванов добил цврсти гаранции лично од премиерот Груевски дека Пендаровски нема да ја прифати кандидатурата“. Прашање што се поставува е каква надлежност и можност има Груевски да одлучува и да дава гаранции за кандидатот на опозицијата? Самото тоа е нелогично.

09Линк до оригиналниот напис: ЕКСКЛУЗИВНО: Ѓорге Иванов се повлекува од кандидатурата за претседател?

Датум и време на објавување: 27.02.2014, 18:34

Датум на рецензирање: 28.02.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Постои информација, но таа е штуро аргументирана, нема логичен след и рационална експликација. Поради неаргументираноста, таа остава впечаток дека е невистинита, а во прилог на тоа одат и некои од тезите, како, на пример, таа дека Груевски му давал гаранции на Иванов за тоа кој ќе биде кандидатот на опозицијата.

Извори на информации: Иако се повикува на извори, текстот не остава впечаток дека извори навистина постојат. Атрибуцијата е премногу општа.

Содржајност:  Нелогичноста и празнината на текстот се движи во дијапазонот на семантичка неусолгасеност (не е јасно што се тврди во реченицата, односно што авторот сака да каже), па се до нафрлени идеи и тези без никаква поткрепа. Во последната реченица непотпишаниот автор ретерира од сето она што го пишува во остатокот од текстот, поради што тој е збунувачки.

Дали одбивањето на кандидатурата од страна на Иванов, директорот на службата за безбедност и контраразузнавање Мијалков го внесува во игра Ставре Џиков како кандидат кој што треба да биде жртвено јагне на претседателските избори?

Во текот на денот до Иванов пристигнале повеќе притисоци од страна на видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, како што дознаваме од нашите извори премиерот бил меѓу првите кој директно го побарал Иванов и му се заканил дека неговата кариера е готова доколку не прифати да биде кандидат за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Останува да видиме кого делегатите ќе го изберат да биде кандидат за шеф на државата.

Пристрасност: Станува збор за политички пристрасен текст. Не е побаран ниту еден извор за изјава и на ниеден начин не е направен новинарски напор да се проверат приказните и тезите што се изнесуваат.

Дали одбивањето на кандидатурата од страна на Иванов, директорот на службата за безбедност и контраразузнавање Мијалков го внесува во игра Ставре Џиков како кандидат кој што треба да биде жртвено јагне на претседателските избори?

„Епитетот“ жртвено јагне први во зародишот на кампањата за избори го лансираа провладините медиуми, а овде тој го присвојува, но врз лица од спротивниот табор.

 Коментирање: Ако за коментар се сметаат сите непоткрепени со извор тврдења, тогаш текстот во 90 проценти е таков. Меѓутоа, суштински, авторот лепи неколку епитети како „жртвено јагне“, а и при пишувањето на речениците сугерира на коментаторски начин.

Дознаваме дека и голем дел од делегатите се во паника пред претстојната партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ која ќе се одржи во сабота. Останува да видиме кого делегатите ќе го изберат да биде кандидат за шеф на државата.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален и медиумот за него се фали дека е ексклузивен, што значи, создаден изворно во редакцијата.

Квалитет на насловот: Насловот е во прашална форма, што покажува несигурност. Неосновано е мислењето дека ако на крајот од реченицата (конкретно насловот) се стави прашалник, тогаш тоа значи дека новинарот се дистанцира од одговорност за евентуалната невистинитост на она што го изнесува. Освен тоа, насловот е сензационален.

Заклучок: Спин е облик на пропаганда при кој еден настан се толкува на начин што ќе овозможи пренасочување на јавното мислење во поддршка и полза на одредени јавни личности.

Во членот 1 од Кодексот на новинарите пишува:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Сепак и наведувањето на шпекулацијата би требало да биде последна инстанца, откако се исцрпени сите други методи на проверка или барем методи за да се покаже дека новинарот се потрудил да ја провери шпекулацијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција