Рецензија: ЕКСКЛУЗИВНО: Неодговорни лица одговорни за кингерот

02052014-MRT-za-Kingerot-crop-resize

Медиумите многу сакаат да бидат ексклузивни, да ги именуваат новинарските извештаи како ексклузивни и од таа преголема желба, многу често се случува оваа карактеристика на некојa новинарска вест да биде ѝ погрешно, несоодветно „залепена“.

Така е и во случајот на оваа новинарска „ексклузива“, која воопшто не е тоа. За почеток само ќе кажеме дека искажано мислење не може да биде новинарска ексклузива, посебно не во новинарски стории во кои многу поважни и пресудни се фактите, а не мислењата. Така е секогаш кога се работи за новинарски известувања за несреќи и трауми.

Втора битна работа, која не треба никогаш да се испушта од вид кога се известува за несреќи и трауми, многу прецизно е опишана во првиот став од членот 8 од Кодексот на новинарите кој вели:

„Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.“

Ова особено треба да се има предвид кога истрагата е сѐ уште во тек, каков што е случајот за кој се говори во оваа вест.

02052014-MRT-za-KingerotЛинк до оригиналниот напис: ЕКСКЛУЗИВНО: Неодговорни лица одговорни за кингерот

Датум и време на објавување: 05.02.2014, 16:50

Датум на рецензирање: 06.02.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Бездруго авторката и уредниците  на овој текст имале добра намера кога го подготвувале овој ТВ прилог. Но, од некоја причина тие не ја увиделе контрадиктирноста во исказот на единствениот експерт од кого побарале мислење за несреќата во близината на Мостар во Босна и Херцеговина. Експертот, инаку долгодишен пилот и инструктор на многу пилоти, вели:

„Самото планирање на летот подразбира детално планирање со најава на летот, но тоа не можело директно да влијае за несреќата на Кингерот, тоа само покажува дека во службите работеле некомпетенти луѓе, па тие нестручно го сториле тоа.“

Ако нестручното планирање на летот „не можело директно да влијае на несреќата“, тогаш зошто воопшто се споменува и оценува?!?

И понатаму во текстот поранешниот пилот вели дека:

„'(Пилотите) отстапиле од висинската граница предвидена за слетување’ без да се знае причината за тоа, но дека тоа било кобно за Кингерот и екипажот.“

Кога вели „без да се знае причината за тоа“, експертот користен во оваа сторија искажува мислење кое не е категорично и засновано на цврсти сознанија. Тоа не може да биде категорична вистина и никако не може да биде ексклузива.

Извори на информации: Кога новинарите користат извори секогаш мора да го имаат превдид членот 13 од Кодексот на новинарите кој е многу прецизен кога станува збор за тоа кога од изворите се бара факт или мислење. Кодексот вели:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“

Експертите можат да даваат мислење. Факти изнесуваат само овластени лица. Во овој случај новинарката во текстот не предупредува дека овде има експертско мислење. Освен тоа, ваквите ситуации, кога се работи за политички деликатни случаи, што изискуваат и висока и специфична стручност, имаат неопходна потреба од втор извор, второ мислење.

Содржајност: Отсуството на второ мислење, како нешто што недостасува во оваа сторија, ја прави таа да биде несеопфатна. И самата авторка во завршните два пасуси на сторијата го констатира тоа кога наведува во која фаза е обновената истрага за фаталниот лет на „кингерот“.

Квалитет на насловот: Во самиот наслов е наметнат висок критериум – ексклузивност, кој авторката на текстот и нејзините уредници, не успеале да го обезбедат, и со тоа да го оправдаат.

Освен тоа, кога се работи за несреќата во која загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и уште деветмина негови блиски соработници и членовите на екипажот, крајно несоодветно е да се користат сензационалистички елементи во насловот, додека истрагата, како што се истакнува во самиот текст, уште не е затворена.

Фотографија: Во интернет верзијата на новинарскиот текст што го рецензираме, искористена е документарна фотографија од местото на несреќата на владиниот авион. Таа нема никаква компатибилна вредност со намерата на текстот и само неутрално ја илусутрира новинарската сторија.   

Заклучок: Не се нештата секогаш такви какви што ни изгледаат на прв поглед.  Објективниот новинарски пристап, во овој случај можел многу да помогне да се избегне едностраното мислење. Новинарите, а посебно уредниците не треба да избрзуваат. Треба да ја владеат дистанцата и посеопфатно да ги согледуваат новинарските производи.

Конкретно во овој случај, претендирањето на „ексклузивност“ е превисоко поставен стандард, кој, доколку нема елементи, нема потреба да си го поставуваме. Освен тоа, во прашање го доведуваме расудувањето на публиката на која ѝ се сугерира погрешна констатација, а во деликатна ситуација се става и изворот заради изнасилената потреба на медиумот неговиот исказ да се именува како ексклузивен.

Соодветната мерка, како и во многу други ситуации во животот, е неопходната постапка.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција