Рецензија: Елиминирани 99 % од супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка

 

„Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и раководителот на Канцеларијата за заштита на озонската обвивка Марин Кочов, од 21 до 25 октомври учествуваа на 25. состанок на членките на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, што се одржува во Банкок, Тајланд. Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека Адеми на состанокот истакнал дека Република Македонија успеа да оствари елиминација на 99% од супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка преку имплементација на конкретни инвестициони проекти, додавајќи дека Канцеларијата за заштита на озонската обвивка придава големо значење на регионалната соработка во оваа област“.

Овој текст треба да покаже дека Македонија ги исполнува своите меѓународни обврски во однос на оштетувањето на озонската обвивка. Податоците во текстот директно ги дава министерот за екологија, ама текстот, сепак, произведува „кусоци“ по сите основи на проверка на вредноста на овој напис. Некогаш не е доволно некој висок функционер да даде изјава, бидејќи тоа може да се оцени и како самофалба.

Линк до оригиналниот напис: Елиминирани 99 % од супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка

Рецензија: Елиминирани 99 отсто од супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивкаДатум и време на објавување: 25.10.2013, 13:08

Датум на рецензирање: 30.10.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: За да добиеме веродостојност на она што го читаме, треба да знаеме како земјава ја загрозувала озонската обвивка, што е преземено за да дојдеме до ситуација да имаме „апсолутна невиност“ во однос на овој глобален проблем и како тоа се утврдува, секако.

Извори на информации:Во текстот инаку се цитира министерот за екологија Абдилаќим Адеми и раководителот на Канцеларијата за заштита на озонската обвивка Марин Кочов, кои од 21 до 25 октомври учествувале на 25. Состанок на членките на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка. Ама, за да биде „алал“ тоа сознание треба да знаеме и што им одговориле на таа информација другите учесници, ако веќе таа била презентирана таму: нѐ пофалиле, изразиле скепса кон точноста на веста или нѐ игнорирале, бидејќи можеби сето тоа и не е вест, односно земјава можеби и претходно, пред Адеми да стане министер, и не била земја-загадувач!?

Содржајност: Постоеле, значи, многу основи по кои една вест би била содржајна, односно би ни ги дале оние информации кои изјавата на министерот само ги поттикнува како скокоткање на разбирливата љубопитност. Та, нели се работи за спас на планетата и за спречување на климатските промени на кои сме сите сведоци? И ние би сакале да сме малку граѓани на светот, нели и да се гордееме со таа наша еколошки издржана позиција, ама немаме основ така да се чувствуваме со сигурност.

Пристрасност:  Оттаму, ако веста е необразложена, а се засновува само на изјава на човек кој може и да е министер, или друг висок владин службеник, се разбира, излегува дека медиумот е само прост пренесувач на една порака која не може да се прочита никако поинаку освен како спин! Имено, би требало да се знае дали тоа  министерот го рекол директно пред новинарите, им поделил соопштение, ги брифирал…

Оригиналност/Плагијат: Необично е што информацијата во речиси идентична форма ја има на сите медиуми, а никој од нив не објаснува како ја добиле. Информацијата оттаму не може да добие потврда за својата оригиналност, иако тука, на овој портал таа е секако најопширна, во една формална смисла на зборот.

Квалитет на насловот: Насловот е ударен и непрецизен, не објаснува кој тоа елиминирал 99 отсто од изворите на опасност по озонската обвивка – Македонија, регионот, светот…

Фотографија: Текстот има само една фотографија, доста голема, на министерот Адеми, што е дел од провладиниот спин –  сѐ што е добро од овој извештај, нели, треба да му се припише нему. Така делува ова уредување на текстот.

Заклучок:  Имаме релативно ценет портал, кој не се издвојува во секојдневието со спорни текстови и прилози, ама оттаму одговорноста на уредништвото е постојано да внимава да остане на таа позиција. Овој прилог не е во таа насока.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција