Рецензија: ЕУ: „Дуинг бизнис“ на Светската банка е широко признаен и ние го користиме

МИА-doing biznis 002-final-098760980-crop-resize

Станува збор за наменска и манипулативна вест, чија цел е да се амортизираат и деградираат новите и тукушто искажани критики, што се однесуваат на начинот на кој се извршени некои од рангирањата на некои од земјите во публикацијата „Дуинг бизнис“ на Светска банка (СБ). Притоа, една изјава на висок претставник на Европската комисија (ЕК) се користи за да се замолчат секакви критики, критичарите да се жигосаат како „индивидуалци“ што се занимаваат со „лудости“.

Но, сомневањата не се од „индивидуалци“, критичките опсервации кои се искажувани сигурно не се „лудости“, а настрана и фактот што не е јасно кој за сомневањата вели дека се од „индивидуалци“ и кој ги третира таквите сомневања како „лудости“. Уште повеќе што во искажаните критики не се спори целиот проект „Дуинг бизнис“, туку се иницираат конкретни прашања за само две држави, и тоа прашања кои навистина заслужуваат внимание.

МИА-doing biznis 002-final-098760980Линк до оригиналниот напис: ЕУ: „Дуинг бизнис“ на Светската банка е широко признаен и ние го користиме

Датум и време на објавување: 06.11.2014, 14.47

Датум на рецензирање: 06.11.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Проблемот со оваа вест е што изјавата на портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас, е прилично генерална и општа, додека она што е напишано околу неговата изјава е многу поконкретно и подиректно. Ова е новинарска практика која често се користи, некогаш етички, некогаш неетички. Имено, кога ќе се добие изјава за која се смета дека не е доволно директна, која, евентуално, може да се толкува на различни начини или која не доволно силно се согласува со нечии претходно изградени ставови, или ако контекстот на изјавата е поместен во насока која некому не му се допаѓа, тогаш има обид да се „спаси работата“ со околниот текст, пред и по изјавата, така што таа ќе се засили со дополнителни елементи во саканата насока. Некогаш тоа е етички, ако тие елементи се факти или ако се документирани и ако одат во насока на појаснување на изјавата, но другпат се неетички ако одат во насока на манипулација за да се стави изјавата во контекст кој е посакуван или ако не се каже јасно кој е изворот на оние дополнувања на изјавата и се остави читателот да мисли дека и она околу изјавата е од истото лице што ја дало самата изјава. Ние, како читатели на оваа вест, не знаеме дали што било од околниот текст на изјавата има врска со нешто што е кажано од Схинас или не.

Во директниот цитат, кој е овде искористен, само се вели дека рангирањето на СБ е широко признаено и дека се употребува во многу секторски политики на ЕК. Ова не е ништо ново и непознато. Се разбира, рангирањето е широко признато и познато и документот се користи од Комисијата.

Како прво, дури и да се покаже дека рангирањето има некакви проблеми, сигурно тие не се однесуваат на сите извештаи или на целите извештаи според кои се прави рангирањето за сите земји во светот. Имено, за оние што не се запознаени подетално со „Дуинг бизнис“, СБ секоја година за секоја земја издава цела публикација. Годинешната за Македонија е цели 94 страници. Никој не вели дека сè што е напишано во овие 94 страници и во сите други вакви публикации за уште 188 земји во светот не чини и дека Европската комисија треба да го укине користењето на сите 189 публикации. Во сите нив има многу корисни информации и тоа такви кои никаде на друго место не можат да се најдат. Или, кажано малку поинаку, ниедна друга меѓународна институција, а во голем број земји и ниедна национална институција, не ги истражува олку сеопфатно условите за водење бизнис. Оваа публикација на СБ едноставно нема конкуренција. Ниедна друга меѓународна финансиска институција нема цели тимови луѓе на самото место ширум светот освен СБ. Од таа гледна точка, и покрај какви било критики, се разбира дека таа ќе биде широко користена и тоа не само од ЕК, туку и многу пошироко.

Но, она што не го знаеме и што не е кажано во веста е како било поставено прашањето на кое е добиен ваков одговор. Пред одговорот на Схинас се спомнуваат „покренатите сомневања од индивидуалци во ЕУ“. Кои индивидуалци? Критиките, кои на површна испливаа и се објавени последниве два дена се од организацијата ЕСИ – Европската иницијатива за стабилност, основана во 1999 година, со буџет поголем од половина милион евра годишно, канцеларии во Берлин, Брисел, Истанбул и во Виена и со 23 организации членки, а која има изработено повеќе од 62 извештаи од различни области за Југоисточна Европа и пошироко. Таа е потпомогната од владите на скандинавските земји и на Ирска, како и од Фондацијата „Рокфелер“, Фондацијата „Роберт Бош“ и од Германскиот Маршалов фонд. Значи, не станува збор за никакви „индивидуалци“, туку за етаблирана организација со референци.

Главен проблем што не го знаеме е дали портпаролот на ЕК е воопшто запознаен со критиките на „Дуинг бизнис“, дали тие му се образложени, а да не говориме за тоа што ова е типичен одговор кога некој портпарол на една меѓународна институција е прашан за работата на друга меѓународна институција (и тоа официјално) и, во таква ситуација, многу тешко е да се очекува критички или каков било поинаков одговор.

Крајно проблематичен е и наводот, кој следува по изјавата на европскиот портпарол:

„Во рамки на неформалната Влада на Унијата, сомневањата во ранг-листата на Светската банка се третирани како лудост, бидејќи се работи за една од најмоќните финансиски институции на светот и рангирањето, кое се прави според многу економски параметри, се смета за апсолутно праведно и релевантно.“

Овој навод има два проблеми. Како прво, во конкретната вест треба да се прецизира кој во ЕК ги смета сомневањата за „Дуинг бизнис“ за „лудост“. Ако веќе толку не можело да се каже точно за кого станува збор, можело барем да ни се приближи изворот: станува ли збор за некој од комесарите, нивните секретари, за некој орган на Унијата? Кој? Потоа, кога толку бргу стигнаа овие сомневања до Европската комисија, па некој таму веднаш да искаже став? Па, дури и таков остар став според кој сомневањата се третирани како лудости. Како прво, извештајот на ЕСИ, во кој се искажани извесни сомневања, се појави дури завчера, а на македонски, на пример, е преведен денеска, односно само пред неколку часа. Европската комисија и нејзините органи ретко кога толку бргу излегуваат со став за вакви прашања, а конкретно за ова, можеби и никогаш, зашто не се засегнати. Плус, па, како што веќе кажавме, станува збор за обемен материјал, кој опфаќа 189 земји. Тешко е да се поверува дека кои било „кругови“ во ЕК би избрзале и тоа со така остро мислење за некакви сомневања за работата на друга институција да ги третираат како било, а не па како „лудости“.

Настрана фактот што извештајот на ЕСИ не го ни проблематизира целиот извештај ниту, пак, го критикува неговото постоење и смисла, туку поставува многу мал број конкретни прашања, кои заслужуваат одговор. На пример:

  • Како малата заткавкаска земја Грузија, која беше и во војна со Русија во 2008 година, е толку високо рангирана (на 8. место лани), што е подобра и од Германија?

 

  • Како Грузија скокнала за само една година (од 2005 на 2006) од 100. на 37. место?

 

  • Како Македонија е пред Швајцарија, земја во која е присутна целата светска бизнис-елита, токму заради добрите услови за бизнис?

 

  • И како Македонија е пред Швајцарија, кога од 10 точки на рангирање, пред Швајцарија е само во три, додека Швајцарија е подобра во 7 точки и тоа такви точки, кои се многу позначајни, отколку оние во кои Македонија е во предност?

Ваквите многу конкретни прашања не можат да се третираат како „лудости“ од никого. Тие претставуваат јасни и прецизни аналитички прашања, кои се засновани на претходно објавени бројки и се крајно рационални. Тешко дека неколку вакви прашања кој било во „круговите“ на ЕК би ги третирал како „лудости“.

Друг проблем со оваа реченица, пак, е фактот што рангирањето на Светската банка во никој случај не се прави според никакви економски параметри, а камоли според „многу економски параметри“. Да се правеше „Дуинг бизнис“ според економски параметри, земји како Грузија и Македонија лани никогаш немаше да се најдат на 8. и на 25. место, туку ќе беа кон крајот на листата. Како што е познато, „Дуинг бизнис“ се обидува да ги рангира капацитетите на државните институции и пошироките услови во 189 земји во светот да се справат со потребите на бизнисот и да го олеснат неговото функционирање.

Сѐ на сѐ, вест во која има многу малку прецизност, само една кратка атрибуција, како и редица проблематични наводи, кои мирисаат на наменско и манипулативно известување.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција