Рецензија: ЕУ повеќе загрижена за рускиот гас отколку за Украина

29-09876-0987009988-09807-crop-resize

Во изминатиот период кризата во Украина беше тема на поголем број текстови во домашните медиуми. Забележливо беше дека дел од нив содржеа одредена навивачка компонента по различни основи: дали тоа било за украинската опозиција, дали за сега веќе соборениот претседател, дали за народот на улица, дали е оправдана таквата промена на власта, дали бил државен удар, дали сѐ е „масло“ на САД и сојзузниците, дали чекорите на Русија се легитимни, дали тоа требаше да му се случи на Крим, кој прв почнал во источна Украина. итн.

Неспорно е дека има многу нејаснотии и „сиви“ елементи во целата исклучително комплексна ситуација, премногу глобални испреплетени интереси, високи политички цели. Затоа, барем според мене, во отсуство на проверени информации од кредибилни извори или непосредно присуство на терен во Украина, она што новинарски и коректно треба да се направи, е да се пренесуваат преземените вести од реномираните светски агенции кои имаат цели тимови за следење на ситуацијата. Значи, без многу филозофирање, без „умешни“ дополнувања да се изнесат настаните во оваа земја. Тоа во овој случај не е баш така направено – имаме неумесни додатоци кои ја извртуваат основната вест.

2Линк до оригиналниот напис: ЕУ повеќе загрижена за рускиот гас отколку за Украина

Датум и време на објавување: 18.04.2014, 10:55

Датум на рецензирање: 18.04.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ЛУДОСТ, НЕЗНАЕЊЕ ИЛИ ЕПТЕН ИНСАЈДЕРСКИ ИНФОРМАЦИИ?!

За да се каже дека „ЕУ повеќе е загрижена за рускиот гас отколку за Украина“ требаат барем две работи: незнаење или ептен, ептен инсајдерски сознанија. Ајде ќе тргнеме од првиот услов – не исклучувам дека во „темните соби на седиштето на ЕУ“ се разгледувале безброј сценарија меѓу кои, секако, едно од важните е рускиот гас, но да „залепите“ таква квлификација непоткрепена со никаков солиден доказ за мене е неумесно. Вториот критериум – ако се има барем малку поголем преглед врз Унијата и нејзините политики, ќе се знае значењето кое Брисел му го дава на т.н. Источно партнерство – своевидна алатка за приближување на Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија, Белорусија и секако Украина кон Европа. Оваа соработка официјализирана е уште во 2009-тата и е исклучително важна компонента во надворешната политика на ЕУ, како што, на пример, е проширувањето кон Балканот. Оттука, уште од многу одамна бриселските стратези, далеку пред актуелната криза, знаат што значи Украина и колку би било плус за европскиот „сет на вредности“ да го имаш Киев поблиску до тебе отколку тој да е до Москва. Тоа е сериозен процес во кој членките на ЕУ, особено оние од источна Европа, инвестираа многу време и труд. Оттука, самата Украина и нејзините граѓани се незаобиколен сегмент во европската стратегија кон истокот. Конечно, зад ваквите тврди заклучоци во овој напис не стојат некакви инсајдерски информации, бидејќи нив ги нема.

Поточно, станува збор за преземена вест, без да се наведе од каде е земена, и на неа е „насадена“ претходно споменатата остра констатација. Да, точно е дека ЕУ, како реакција на отвореното предупредување на Владимир Путин, се согласи да разговара со Русија за ситуацијата со снабдувањето со гас, кој оди преку Украина, но тоа не е доволно за да се оправда заклучокот дека Брисел повеќе е загрижен за гасот отколку за, на пример, огромното жариште во што кое може да се претвори Украина и со тоа да ја воведе Европа во криза невидена од Втората светска војна. Ајде уште малку background: колку што рускиот гас ѝ треба на Европа (проценките се дека 30 проценти од вкупните годишни потреби се руски гас), толку на Москва ѝ треба европскиот пазар за нејзиниот енергенс, од чиј извоз пак зависат вкупните перформанси на руската економија. Значи имаме двостран, а не едностран однос, како што сака да ни се прикаже во овој текст. Затоа, сметам дека содржајноста не е баш јака страна и можело, веќе кога се интервенирало во оригиналната вест, тоа да се направи попрофесионално за целиот пакет да добие повеќе на квалитет и сериозност.

 

ОДБИВНОСТ КОН ЕУ

Инаку, неизбежно е чувството на одредена доза, не многу голема, на одбивност кон ЕУ на која ѝ е дадена себична нитка. Самиот наслов, пак, не само што не е коректен, туку е и, како што веќе рековме, неаргументитран:

„ЕУ повеќе загрижена за рускиот гас отколку за Украина“

За веднаш потоа веќе во наредната реченица да биде демантиран со:

„ЕУ сака да спречи граѓанска војна во Украина, но и да обезбеди руски гас за своите граѓани за следната зима“.

Сега, за што е повеќе ЕУ загрижена: за гасот, или за Украина? Или можеби и за двете што несомнено е win-win ситуација за Брисел?!

Конечно, може да се каже дека имаме исклучително сериозна тема кон која некој пристапил импровизаторски и површно. Пример за „copy – paste“ новинарство надградено со несоодветни интервенции.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција