Рецензија: Европските фабрики работат турбо
Тешко дека може да се каже оти „Европските фабрики работат турбо“, како што гласи насловот на оваа вест. Такво нешто не е можно ако се знае дека посочениот индекс на менаџерите на набавки, кој следи редица варијабли што се однесуваат на производството и активностите на фабриките во Еврозоната (PMI – Purchasing Managers Index на компанијата Markit) покажува раст само два месеци по ред, откако претходно бележеше пад уште од средината на 2011 година.
Нејаснотиите произлегуваат од фактот што не е објаснет овој индекс – што тој мери, како мери и слично. Кога ова би било објаснето, тогаш состојбите со производството во Еврозоната би биле далеку појасни во оваа вест и не би се довеле во ситуација во насловот за читаме за „турбо“ работење, а во текстот за „закрепнување“.
Линк до оригиналниот напис: Европските фабрики работат турбо
Датум и време на објавување: 03.09. 2013 06:57
Датум на рецензирање: 03. 09. 2013
Рецензент: Владимир Петрески
Вистинитост: Наводите во текстот се вистинити, но тоа не може да се каже и за насловот. Текстот е преземен од Ројтерс, кој, пак, се повикува на истражувањето на Маркит.
Извори на информации: Изворите на информации се одлични, кога станува збор за осознавање на движењето на производството и активноста на фабриките во Еврозоната. „Ројтерс“ е една од малкуте најреномирани светски агенции и тоа особено кога станува збор за финансиски, деловни и макроекономски вести и информации на глобално ниво. Проблемот е само што „Ројтерс“ не го пренесува целото соопштение на „Маркит“, туку инкорпорира негови делови во своите извештаи. Временската разлика во објавувањето на податоците е само 2 минути. Ова значи дека „Ројтерс“ предвремено го добива соопштението и го пренесува само две минути порано, а потоа целото се појавува на веб сајтот на „Маркит“. Таков договор има меѓу „Маркит“ и „Ројтерс“. На агенцијата и е многу важно да биде прва која ќе ги објави овие податоци, а причината за тоа се дилерите и трговците со хартии од вредност во финансиските институции овие податоци да ги видат најпрвин на „Ројтерс“. Но, во Македонија тоа не игра никаква улога и затоа вреди да се почекаат тие две минути за да се добие целото соопштение од „Маркит“ и тоа да се погледне во целост.
Содржајност: На ниво на содржајноста главен проблем е тоа што PMI индексот воопшто не е објаснет. Иако овој индекс е од вонредна важност за откривање на тоа како се движат состојбите со производството и во Еврозоната и за 32 земји за кои овој индекс посебно известува, тој, сепак, не е пошироко познат. Во македонските деловни вести овој индекс е спомнат првпат во јануари 2012 година, барем според она што го покажуваат агрегаторите.
Еве како во веста се објаснети вредностите на индексот:
„Индексот на (Пи Ем Ај – PMI) на Маркит скокна до 51,4 поени во август во однос на 50,3 поени во јули – прв месец со ниво над 50 поени од февруари 2012 година, што значи раст. Прелиминарните податоци беа за вредност на показателот од 51,3 поени.“
Никаде не е наведено што овие поени значат, каква вредност имаат и слично. Средна вредност на PMI индексот е 50. Тоа значи дека нема никаква промена во однос на претходниот месец. Ако индексот за некоја земја изнесува под 50 поени 6 месеци по ред, на пример, тоа значи дека 6 месеци по ред производството паѓа споредено со претходниот месец. И обратно, ако индексот е 6 месеци по ред над 50, тоа значи дека производството расте 6 месеци по ред во однос на претходниот месец.
Така, на пример, ако се погледне долниот графикон, кој го покажува PMI индексот за Грција од 1999-2011 година, веднаш се гледа дека производството и фабричката активност во оваа земја од средината на 2009 па до почетокот на 2011 покажуваат постојан и засилен пад. Индексот е постојано под 50 поени во овој период, но неговата сѐ пониска вредност, која на почетокот на 2011 изнесува само 37 индексни поени покажува дека производството сѐ позабрзано паѓало во овој период.
Коментирајќи ги овие податоци, новинарот на лондонски „Економист,“ Рајан Авент, на својот Твитер профил тогаш ова го нарече „тотален колапс.“ И до ден денешен производството во Грција бележи пад зашто PMI индексот постојано е под нивото од 50 индексни поени, но падот барем не е засилен и од почетокот на годината тој постојано се намалува за во август да се приближи до вредноста од 48,7, што е највисоко ниво во последните 44 месеци . Ова значи дека иако производството постојано паѓа, тоа барем не паѓа со сѐ позасилено темпо, како што покажува и долниот графикон од најновото соопштение на „Маркит“:
Што точно мери PMI индексот? Во своите соопштенија „Маркит“ говори за мерење на „состојбите во производствениот сектор“, додека, пак, „Ројтерс“ кога пишува за овој индекс вели „активноста на фабриките“. Индексот за Еврозоната се базира врз податоци од истражување собрани од репрезентативен панел од околу 3.000 производствени фирми. Конкретно во овој индекс се вклучени податоци од Германија, Франција, Италија, Шпанија, Холандија, Австрија, Ирска и Грција. Овие земји сочинуваат околу 90 отсто од вкупната производствена активност на Еврозоната. PMI индекот има одлична репутација за обезбедување на најдобри можни, и што е уште поважно, брзи информации за она што навистина се случува во реалниот сектор во секоја од 32-те земји во кои се мери индексот и во Еврозоната и тој ги следи варијаблите какви што се продажбата, вработувањето, состојбите со инвентарот и цените.
Ништо од ова не е објаснето во веста и оттаму доаѓа нејзиниот проблем со содржајноста. Никако не може да се очекува дека читателската публика, освен еден многу мал експертски дел, ги знае сите карактеристики на PMI индексот и што тој означува и мери. Во таква ситуација, должност е на професијата поблиску да го протолкува за јавноста да знае за што станува збор.
Квалитет на насловот: Тој никако не е вистинит, ниту во поширока смисла на зборот. Не за бадијала, насловот на соопштението на Маркит гласи: „Закрепнувањето на производството во Еврозоната се забрза во август“ (Eurozone manufacturing recovery gathers pace in August). Ова јасно покажува дека станува збор за закрепнување, а не за „турбо“ работење. Никако не може да стане збор за турбо работење кога до пред два месеци индексот уште од средината на 2011 година покажуваше постојан пад. Тоа што индексот во некои земји има највисоко ниво во последните 25, 27 или 29 месеци не мора да значи турбо работење, ако претходно имало пад, како што тоа е овде случај. Имено, секоја вредност на индексот под 50 значи негов пад. Еве како се движел индексот уште од 1998 и како што може да се забележи, од средината на 2011 година, па се до пред два месеци тој постојано бил под 50, што значи дека од месец во месец паѓал.
Дека состојбата со производството во Еврозоната сѐ уште е несигурна покажува и фактот што и покрај генералниот раст на индексот, вработеноста сѐ уште паѓа и тоа 19-ти месец по ред. Уште повеќе, губењето на работните места во август е забрзано во однос на јули, а единствен добар знак кај вработувањата е тоа што тие не се намалуваат толку брзо колку што изнесуваше просекот на губење на работни места во овој период (секвенца) на нивно намалување. Само Ирска, од сите земји вклучени во индексот, покажа зголемување на вработеноста.
Фотографија: Фотографијата претставува илустрација, но таа е ептен генеричка. Непознати оџаци од кои излегува густ бел чад се многу подобра илустрација за загадување на животната средина отколку за индекси на производство.
Заклучок: Познавањето на темата е клучно за квалитетна вест. Исто така, клучно е и точно да ѝ се протолкува на јавноста што е она за што се пишува. Живееме во време на бројни економски индекси кои ги создаваат разни компании ширум светот и кои мерат сѐ и сешто. Некои од нив се важни, други се помалку важни, а трети се тесно специјализирани. PMI индексот на „Маркит“ редовно треба помно да се следи и тоа и на ниво на Еврозоната и за Германија како наш најголем трговски партнер. Но, тој и треба да се објасни за јавноста да знае за што станува збор. Исто така, едно од основните правила кога се презема една вест е тоа да се направи преку нејзиниот првичен извор. Оние што веќе ја презеле веста можеби направиле некоја грешка или искористиле поинаква терминологија. Тоа е особено упатно да се стори овде, особено зашто веста од оригиналниот извор доцни само две минути.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар