Рецензија: Факти кои ги учевте на училиште, но сега не се точни

fakulteti_mk_news_13-12-15_fakti_koi_gi_uchevte_na_uchilishte_no_sega_ne_se_toch-crop-resize

Новинарот треба, секогаш кога е тоа можно, да ги наведе своите извори. Јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци за кредибилитетот на изворите што се користени.

 Цитатот што го читате е едно од правилата наведени во Кодексот на Здружението на професионални новинари од САД. Всушност, целата прва глава од правилата во овој Кодекс е посветен на изворите, што само укажува на важноста на овој елемент при составување каков било новинарки продукт. Текстот што ќе го рецензираме е одличен илустративен пример за тоа колку е важен изворот.

FireShot Screen Capture #045 - 'Факти кои ги учевте на училиште, но сега не се точни' - www_fakulteti_mk_news_13-12-15_fakti_koi_gi_uchevte_na_uchilishte_no_sega_ne_se_tochni_aspxЛинк до оригиналниот напис: Факти кои ги учевте на училиште, но сега не се точни

Датум и време на објавување: 15.12.2013

Датум на рецензирање: 20.11.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Вистинитоста на текстот вештачки е испроблематизирана само и само затоа што не се наведени изворите. 

Извори на информации: Нема наведено ниту еден извор на информација, така што, ако не се проверува дополнително, не може да се утврди дали изворите се еднострани, актуелни, неактуелни, итн.

Содржајност: Популарно составената сторија од кратки наводи и фотографии за некои спорни научни факти, секако дека не е сеопфатна, но, тоа не ѝ е намената, така што забелешки во овој контекст нема.

Пристрасност: Текстот не е пристрасен. Тој само нотира факти, при што фактите не се поткрепени со извор, па, така, на прв поглед не може да се оцени дали прикажува вистина во целост, делумно или е целосно извртување на вистинита.

Коментирање: Коментарот е даден во воведот на текстот, но генерално текстот нема проблем со коментирање и жанровската структура во тој контекст не е нарушена.

Оригиналност/Плагијат: Не може да се утврди дали е оригинална замисла на авторот или е плагијат од некој од светските сајтови што се занимаваат со популарно образование.

Квалитет на насловот: Насловот е јасен и е соодветен за содржината на текстот, иако би можел да биде покреативен.

Фотографија: Мултимедијалниот елемент со повеќе фотографии зад секој факт што е понуден, е една од посилните стрaни при подготовката на текстот, вo смисла да биде поприемчив за читателот и појасен. Изворот на фотографиите не е наведен.

Заклучок:  Текстот што го рецензираме е класичен новинарски текст, изработен со поинаква од вообичаената кратка форма, со користење на фотографијата како еден од пожелните мултимедијални елементи во новинарството и е наменет за широка читателска публика, при што едукативната компонента му е примарна. Тој спаѓа во текстови наменети за популарно образование и наука, што е, впрочем, една од компонентите на порталот Факултети.

Гледано од аспект на структура,  имаме кратко, добро опремено, читливо четиво, кое на лесен јазик нѝ раскажува за понови универзални научни вистини, а како порака нѝ пренесува уште во насловот и поднасловот, дека науката е жива материја и дека апсолутната вистина во неа, е всушност, мошне релативна категорија. Така погледнато, текстот што жанровски тешко може да се класифицира (што воопшто не е фалинка во овој случај), е добар пример како на инвентивен начин четиво од повеќе научни дисциплини може да се сублимира и да се приближи до секој читател. И, сѐ би било во ред, доколку авторката од некоја само нејзе позната причина, решила да не го наведе изворот или изворите на тврдењата во текстот.

Пообразуван читател нема проблем со вистинитоста на фактите изнесени во текстот. Дури и ако за некое тврдење не слушнал досега, многу лесно може да го провери на интернет. Но, тоа не целта. Целта е уште во самиот текст да бидат наведени изворите, така што ќе им се даде уверливост на тврдењата. Навистина немало причини ако текстот бил преземен и преведен од некој од светските портали, да не се наведе тоа во самиот текст и да не се линкува со оригиналот. Ако, пак, сторијата била оригинална замисла на авторката, таа уште повеќе згрешила што зад секој нов факт не ставила барем еден релевантен линк, со што, од аспект на новинарските стандарди, ќе го заокружела во целост своето добро четиво. 

Наведување извор во современото новинарство се смета како услов да се говори за почитување на професионални стандарди и следење на добри практики, а ненаведувањето на изворот се дозволува само по исклучок. Тоа се бара и во Кодексот што го цитиравме во воведот на оваа рецензија, но и во повеќето други кодекси кои сме ги виделе, вклучувајќи го и Кодексот на ЗНМ. И тоа не е случајно. Зашто, како што запишале американските новинари во својот кодекс, една од најважните улоги на новинарот е просветувањето.

Членовите на Здружението на професионални новинари сметаат дека просветувањето на јавноста е претходник на правдата и основа на демократијата.

За да бидете уверлив просветител, на публиката на која се обраќате, меѓу другото, треба јасно да ѝ кажете од каде го црпите тоа што го говорите или пишувате.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција