Рецензија: Филмски и вооружен грабеж во „Кам маркет“ во Скопје
Оваа вест, и покрај тоа што е техничка, го нема минималниот степен на медиумски стандарди.
Линк до оригиналниот напис: Филмски и вооружен грабеж на „Кам Маркет“ во Скопје
Датум и време на објавување: 28.09.2013, 12:42
Датум на рецензирање: 30.09.2013
Рецензент: Зоран Бојаровски
Вистинитост: Веста може, и најверојатно е вистинита, зашто е препис на полициски извештај. Но, многу лош препис.
Извори на информации: Со оглед на тоа што е препис, има само еден извор на информации. Другите извори се во маркетот во населбата Чаир, каде што е извршен грабежот за кој се пишува во веста. Чаир мора да е многу далеку? И, како сега да се побара контакт или да се оди во компанијата што е сопственик на синџирот маркети „Кам маркет“ за да се побара верификација и дополнување на информацијата од билтенот на МВР. Тоа е многу, многу работа. Физичка. Освен тоа, покрај оваа физичка работа, треба барем малку и ментална за да се сетите дека во грабежот има и луѓе, продавачи во маркетот кои се, всушност, примарниот извор за една ваква вест.
Содржајност: Кога некој препишува, и препишува буквално, па дури и тогаш прави грешки, не можете да очекувате содржајност. Во овој случај имаме еден парадокс, бидејќи рецензираме новинарски текст, а, всушност, вреднуваме полициски извештај. Полициските извешати се такви: бирократски и сувопарни со најголем дострел во фактографијата. Од полицијата не можеме да очекуваме да пишува со новинарски стандарди, ама од новинарите е неопходно да добиеме вест која ја надградува информацијата и и дава новинарска димензија.
Пристрасност: Ако сакаме да бидеме строги, со оглед на тоа што ја нема потребната новинарска перцепција и дистанца, и бидејќи има само еден извор, можеме да кажеме дека овој текст е пристрасен.
Оригиналност/Плагијат: Оваа вест е комплетна копија на полициски извештај. Лошо препишана, неписмена, со граматички грешки.
Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички и апсолутно не одговара на содржината на веста, бидејќи од неа не може да се извлече заклучок каков што сугерира веста. Филмски никако, а вооружен – можеби, иако не знаеме со какво оружје.
Фотографија: Несоодветна, не е автентична и без информации за авторството. Освен тоа, таа е прилично вознемирувачка зашто пиштолот е свртен кон тој што чита.
Заклучок: За новинарските стандарди во оваа вест еве ја рецензијата, а за оние на публиката само уште една реченица: ваква вест како да има за цел да ја обезличи и неа. Да ја навикне на празен сензационализам, на искривена стварност за да ја доведе до степен да може да проголта ваков „медиумски“ продукт како розово апче. После тоа сѐ е лесно.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар