Рецензија: ФОТО: Ајде администрацијo, сите заедно: Тони ти си цар!
Ова е еден од оние новинарски текстови кои го употребуваат принципот анонимен извор. Тоа не е непозната, ниту, пак, недозволена пракса во професијата. Но, и за употребата на анонимните извори има правила кои мора да се почитуваат. Еден од тие правила го регулира и членот 4 од Кодексот на новинарите:
„Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.“
Линк до оригиналниот напис: ФОТО Ајде администрацијo, сите заедно: Тони ти си цар!
Датум и време на објавување: 11.03.2014, 14:44
Датум на рецензирање: 12.03.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Во исполаризираната атмсофера на предизборната кампања, сведоци сме на политичка битка во која политичарите употребуваат широк спектар на оружја – и дозволени и недозволени. Како во таква ситуација да се однесуваат новинарите? Текстот што го рецензираме е добар пример за да ги провериме правилата.
После внимателното читање на текстот, критички настроениот читател, а во овој случај и рецензент, си поставува неколку прашања: Дали овој текст има доволно елементи кои можат колку што може поблиску да го лоцираат изворот на информација и автентичноста на мејлот што ја открива наредбата до одреден број вработени во јавната администрација, а да не биде загрозен неговиот идентитет, доколку тој побарал да биде анонимен? Логично е да помислиме дека тој што го доставил мејлот, кој послужил како доказ за новинарското тврдење, побарал анонимност, но тоа текстот не го соопштува. Не објаснува како овој мејл стигнал во редакцијата. Тоа, во голема мерка, ќе ги отстранеше евентуалните сомнежи кои можат да се појават во целата оваа ситуцаија на поделеност на медиумите. Единствената новинарска сугестија дека мејлот е автентичен се однесува на совпаѓањето на датумот и времето на неговата испорака со зголемениот број на коментари на истиот тој датум, или еден подоцна, со идентична или слична содржина со онаа која се препорачува во електронската пошта. Во таа насока во четвртиот став на членот 1 на Кодексот на новинарите вели:
„Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“
Пропуштена е добра шанса да се направи обид да се пронајде барем уште еден извор, макар бил и тој анонимен, за да се потврди и поткрепи можниот факт дека ова е оркестрирана иницијатива. Секако, добредојдена ќе беше и изјава на некој информатички експерт, кој би ја објаснил и техничката страна на ваквите „операции“. Ова го пишуваме со одредена резерва, имајќи предвид дека медиумот што ја објавил оваа информација, ќе продолжи да истражува и дека е можен некаков нов развој на оваа приказна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар