Рецензија: Фото: Доказ дека СДСМ стои зад денешните протести пред Владата

FireShot-Screen-Capture-023-lazno-pismo-crop-resize

Веќе првата реченица навестува „драма“ – „Овој документ докажува дека СДСМ стои зад денешните протести“ е лаконско тврдење на авторот на написот и тоа се потпира на документ со „конспиративна“ содржина, без задолжителниот печат и потпис на потпишаниот функционер на Социјалдемократскиот Сојуз, Миле Зечевиќ, во кој тој ги повикува општинските организации во Скопје да делегираат свои членови, кои „дискретно“ ќе присуствуваат на протестите на стечајците пред Владата. Автентичноста на писмото е проблематична, бидејќи и на лаик му е јасно дека вакво писмо со било каква содржина, лесно може да се фалсификува, а објаснувањето дека тоа е пронајдено на социјалните мрежи, повеќе звучи како изговор отколку како објаснување кој е изворот на информацијата. И додека медиумите кои не ѝ се наклонети на опозицијата симултано објавија дека опозицијата го организирала протестот на стечајците, носејќи организирано луѓе од Струмица и Куманово, писмото „ги организира“ исклучиво активистите од шесте скопски општини.

Сите овие елементи не му пречат на авторот написот да го срочи исклучиво како листа на пароли, кои наликуваат како изборни слогани, но воопшто не се во функција на пренесување на информација

„Се обидоа да се сокријат и да прикажат дека всушност стечајците стојат зад денешниве протести. Но, како и секогаш на лагата и се кратки нозете“,

„Повторно и овојпат не успејаа да манипулираат со јавност и сеуште не се свесни дека граѓаните не се неинтелигентни како што мислат тие“.

Рецензија:Фото: Доказ дека СДСМ стои зад денешните протести пред ВладатаЛинк до оригиналниот напис:  Фото: Доказ дека СДСМ стои зад денешните протести пред Владата

Датум и време на објавување: 18.02.2014, 9:07

Датум на рецензирање: 23.02.2014

Рецензент:  Југослава Дуковска

Вистинитост: Во целиот текст отсуствуваат фактите. Од првата до последна реченица, наводите во написот се тврдења,  кои авторот само делумно може да ги потпре на објавениот факсимил на документ. Документот, односно писмото, пак, кое се користи како врвен аргумент на тврдењата, не остава впечаток на автентичност, поради отсуството на потпис и печат на организациониот секретар, Миле Зечевиќ, чиешто име како автор стои наведено на крајот на писмото.

Извори на информации: Во текстот е наведено дека писмото наводно било објавено на некоја од социјалните мрежи (не се кажува која). Со оглед на тоа што автентичноста на писмото е, во најмала рака, проблематична (без печат и потпис, тоа претставува обичен лист хартија со меморандум на СДСМ, кој лесно се фалсификува) објаснувањето дека писмото е „пронајдено“ на социјалните мрежи повеќе звучи како алиби на авторот на написот.

Содржајност: Постојат основи за сомневање дека написот прикрива информации поврзани со „случајот“.

Пристрасност: Написот нема многу допирни точки со новинарско изразување, но затоа има исклучително неизбалансиран пристап кон темата, со јасна намера за оцрнување на опозицијата.

Оригиналност/Плагијат: Порталот опстојува на невообичаената пракса написите да ги потпишува само со личното име на авторот.

Квалитет на насловот: Насловот звучи како да се работи за покана за прес-конференција на портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, а не за новинарска информација, некреативен е и тенденциозен, но сосема прикладен на пропагандистичката содржина на написот.

Фотографија: Текстот е илустриран со факсимил на документ, за кој се тврди дека е автентично обраќање на организацискиот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ до општинските организации на партијата во Скопје. Тој е претставен како „крунски“ доказ дека зад протестите на стечајните работници стои организација на Социјалдемократскиот сојуз. Сепак, самиот факсимил повеќе зборува во полза на опцијата дека се работи за фабрикуван доказ, одошто остава впечаток на релевантен документ. Писмото не е потпишано од лицето кое фигурира како автор на обраќањето и кое, според својата позиција, би составило вакво обраќање до општинските организации, а нема ниту печат на партијата.

Говор на омраза: Целиот напис е со јасна интенција да го дискредитира организациониот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, како и целиот Социјалдемократски сојуз. Речениците звучат како пароли од некои минати времиња, речиси како авторот да ликува што „за среќа“ и овојпат успеале да ги раскринкаат „злосторничките намери“ на „непријателот“.

Заклучок: Написот не може да се подведе под ниту една новинарска форма, бидејќи прилега на политичко обраќање насочено против опозицијата, исполнето со звучни пароли, извичници и поучни цитати.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција