Рецензија: ФОТО: Граѓаните масовно излегуваат да го дадат својот потпис за Иванов

ФОТО Граѓаните масовно излегуваат да го дадат својот потпис за Иванов-crop-resize

Веста со наслов: „ФОТО: Граѓаните масовно излегуваат да го дадат својот потпис за Иванов“,  перфидно манипулира со вистината. Всушност овој материјал  е само еден од низата написи  во кои медиумот  со возбуда  известуваше  за „спонтаноста“, со која македонските граѓани во саботата (1 март) „итаа“ да се потпишат за кандидатурата на Ѓорѓе Иванов за уште еден претседателски мандат.

Откако на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ огромен број делегати одлучија да застанат зад Иванов и тој да биде претседателски кандидат на владејачката партија, масовна поддршка актуелниот претседател добива и од граѓаните.

Меѓутоа, од веста што ја рецензираме  не може да се разбере кои граѓани – членови на владејачката партија или непартиски лица –  во саботата попладнето добиле ваков ненадеен „спонтан“  порив да ја искажат поддршката кон Иванов!  Многу е веројатно дека ова намерно  не е споменато за да се добие впечаток како да се случува своевидна „сенародна поддршка“ за Иванов.

ФОТО Граѓаните масовно излегуваат да го дадат својот потпис за ИвановЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Граѓаните масовно излегуваат да го дадат својот потпис за Иванов

Датум и време на објавување: 1.03.2014, 17:56

Датум на рецензирање: 2.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Овој материјал има факти и нема причина да се сомневаме во нивната веродостојност.

Ѓорге Иванов денеска освои вкупно 1.099 гласови на Конвенцијата, а останатите негови тројца противкандидати заедно освоија само 135.

Податокот за гласовите кои Иванов ги освоил на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ е точен. Тоа го објавија сите медиуми  кои известуваа за настанот.

Не е спорно ниту тоа дека многумина ги дале своите потписи  за уште еден негов мандат.

Масовната поддршка за Иванов која започна на Конвенцијата продолжува и од страна на граѓаните. Покрај во Кисела Вода, според наши информации, граѓаните масовно излегуваат да го дадат својот потпис за поддршка на Ѓорге Иванов и низ цела Македонија.

Но, никаде не е посочено дали се работи за партиски припадници, или за обични граѓани, кои, откако ја разбрале информацијата дека Иванов ја добил поддршката на Конвенцијата  на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш  „спонтано потрчале“ во канцелариите на општинските изборни комисии, за да го депонираат својот потпис и да го искажат задоволството што Иванов ќе се трка за уште еден мандат! Како што прозвучува  заклучокот на крајот од веста:

Ваквата масовност покажува дека граѓаните застануваат зад изборот на партиските делегати на ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска убедливо го поддржаа за Иванов

Сепак, некои од медиумите објавија снимки на кои дел од граѓаните кажуваат дека: „претседателот“ ги повикал да се потпишат за Иванов. Ова дава поинаква слика за „спонтаноста и масовноста“ на потпишувањето на кандидатурата за Иванов.

Исто така, нема аргументи ниту за констатацијата:

Оваа фотографија од пред канцеларијата на Државната изборна комисија во општина Кисела Вода, покажува дека изборот на владејачката партија да му укаже доверба на Иванов и тој да се бори за втор мандат е целосно оправдан од народот.

Да се каже вакво нешто, само врз основа на една фотографија е навистина претенциозно.

Извори на информации: Веста се потпира на фотографијата направена  пред  канцеларијата на Државната  изборна комисија во Кисела Вода. Како извор на информации е посочена и Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, а во написот се користи и формулација „според наши информации“.

Содржајност: Материјалот е едностран, нештата ги прикажува  селективно. Како што веќе напоменавме, недостасува информација кои се овие граѓаните што „масовно излегуваат да го дадат својот потпис за поддршка на Ѓорге Иванов“. Ваквиот пристап е во спротивност со вториот дел амандманот 1 од  Кодексот на новинарите:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци“.

Пристрасност: Манирот во кој е конструирана веста покажува нагласена наклонетост кон владејачката партија што делува дури и сервилно.

 Коментирање: Написот е коментаторски скроен. Лесно се препознава намерата ставот на редакцијата да се протне како факт и да се претстави како генерална вистина:

„Оваа фотографија од пред канцеларијата на Државната изборна комисија во општина Кисела Вода, покажува дека изборот на владејачката партија да му укаже доверба на Иванов и тој да се бори за втор мандат е целосно оправдан од народот“.

Материјалот, вусшност, почнува со коментаторски спин:

„Масовната поддршка за Иванов која започна на Конвенцијата продолжува и од страна на граѓаните“

И завршува со конектаторски спин:

„Ваквата масовност покажува дека граѓаните застануваат зад изборот на партиските делегати на ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска убедливо го поддржаа за Иванов“

Оригиналност/Плагијат: Веста не е потпишана, па може да се заклучи дека е редакциска. Викендов неколку медиуми, исто вака „спонтано“ известуваа  дека се чека ред за потпис на кандидатурата на Иванов.

Квалитет на насловот: Насловот е спинерски и наведувачки. Тој сосема соодветно ја испраќа манипулативната порака на оваа фотовест.

Фотографија: Фотографијата е клучниот „доказ“ за тезата која сака да се протне со овој новинарски производ: дека владејачката партија направила вистински избор со Иванов и дека тој  ужива големи симпатии  кај народот!

Заклучок: Материјалот што го рецензираме е претенциозен и му недостига политичка дистанца. Со сугестивниот наслов, поднасловот и самата конструкцијата на веста е добиен лош новинарски производ со пропагандистичка интонација. Во овој апологетски текст од самиот старт е видлива идејата да се величи кандидатот на владејачката партија. Гледано во поширок контекст, ваквиот начин на обработка и пласирање на информациите има за цел да креира во јавноста атмосфера дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ е фаворит на претстојните претседателски избори.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција