Рецензија: ФОТО: Хомосексуалци во Скопје
Малку, или, пак, многу недостасуваше за оваа фото-сторија да мине „мазно“. Честитки за темата која ја обработува, иако станува збор за преземен материјал, а уште поголеми честитки за луѓето кои се решиле не само низ зборови да ја раскажат својата приказна, туку и преку фотографии да го „разголат“ својот живот.
Храброст или лудост е во денешницата која нѐ опкружува и атмосферата која се наметнува, не еден, не двајца, туку неколкумина отворено да зборуваат за својата сексуална определба. Дека сликата заменува 1.000 зборови навистина покажува овој случај – мајсторија низ објектив да се долови она што преку пишан збор малкумина го можат: чувства, емоции, болка, среќа, радост или накусо живот. Сѐ ќе беше добро ако некој, меѓу другото, не си ја дозволеше „непонодносливата леснотија“ и на ова фото-издание да му го залепи проблематичниот наслов.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Хомосексуалци во Скопје
Датум и време на објавување: 03.12.2013 09:05
Датум на рецензирање: 04.12.2013
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Генерално нема проблем во овој сегмент, бидејќи станува збор за преземена фото-приказна, а фотографиите се коректно пренесени. Но, сепак, има одредена фалинка, некој можеби би рекол и сериозна. Ако се прочита оригиналот ќе се забележи дека во него има одредени воведни цитати од самиот автор – фоторепортер во кои тој остро ги нотира проблемите со дикриминацијата врз сексуална основа во Македонија. Овие цитати во пренесениот текст ги нема. Зошто? Нема одговор.
Содржајност: Не ја барајте во зборовите, туку во сликите. Моќта на содржината овојпат е во фотографијата.
Пристрасност: На прво гледање би се кажало дека нема пристрасност. Но, тоа можеби е само привидно. Отсуството на конкретните оригинални цитати во овој пренесен текст, како и формулацијата на насловот, не ја исклучуваат можноста за одреден степен на, ако не приклонување, тогаш отстапување од објективната линија.
Оригиналност/Плагијат: Во текстот не се крие дека станува збор за материјал преземен од economist.com.
Квалитет на насловот: Еве го главниот проблем. Насловот, намерно или ненамерно е во форма: „На, еве ги, видете ги“. Значи, има елементи на жигосување или едноставно речено „Ова се главните ѕвезди во циркусот во Скопје“. Сосема несоодветен за содржината на текстот и квалитетот на фотографиите. Еден уметник се потрудил да го фати моментот, а некој тоа го уништил со „полициски“ наслов. Оригиналниот наслов е „Gay in Macedonia“ што е светлосни годни од „ФОТО: Хомосексуалци во Скопје“. Во првиот случај се навестува дека ќе се зборува за тоа што значи да си хомосексуалец, во еднина, во оваа земја, а во вториот како да се кажува „Внимавај, заболени, во множина!!“. Голем минус.
Фотографија: Многу кусо: извонредни.
Заклучок: Сакале да признаеме или не, факт е дека живееме во општество со многу фобии. Хомофобијата е една од нив. Во услови кога хомосексуалците се цел на закани, кога ЛГБТ-центарот е постојана мета на насилници, кога општеството мака мачи да „свари“ што значи хомосексуалец, навистина е чудо, дел од нив јавно, без задршка да застанат пред фотоапаратот и отворено да кажат кој се и што се. Затоа, ваквата фото-сторија, навистина прво објавена во странски медиум, е право освежување, која во Македонија е пренесена прво и пред сѐ со „начнат“ наслов. Штета.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар