Рецензија: ФОТО: Метеор падна во центарот на Загреб

sitel-00009998765-0987-crop-resize

Манипулација, смешен обид за пласирање сензационална, но непостоечка информација, а сето тоа „зачинето“ со фотографија која треба да нѐ „убеди“ дека метеор, и тоа не мало „камче“, го погодило Загреб. Во најмала рака ова некакво си дело би го нарекле навреда на интелегенцијата на публиката за што говорат и бројните коментари на читателите објавени веднаш под оваа т.н. фото-вест. Ако се погледне оргиналното пакување, веднаш станува јасно дека е несериозен материјал, кој очигледно некои во земјава, без малку да размислат, го претставија како сериозна информација.

sitelЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Метеор падна во центарот на Загреб

Датум и време на објавување: 13.01.2014, 16:16

Датум на рецензирање:  14.01.2014  

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Јасно е дека ја нема. Не треба многу ум за да се увиди дека ако метеор, онака од око, тежок од 500 до 1.000 килограми ја погоди Земјава, тогаш се во радиус од стотици метри би било уништено. Неверојатно е да се помисли дека при таков удар нешто би останало од возило, независно какво и да е, и тоа да се пласира како кредибилна вест. Како пример ланскиот удар на метеор Русија, кој според проценките тежел 10 тона, имал јачина од една атомска бомба, што го покажаа 1.100 лица повредени само од „соничниот бум“ кој ги искрши прозорците на неброени домови. Брзината со која метеорите влегуваат во земјината атмосфера, според проценките, изнесува од 25.000 до 67.000 милји на час. Замислете дали од таков удар од кутриот цитроен, приложен на фотографиите, ќе имало нешто. Дополнително, тој или тие, кои решиле да ја пренесат оваа информација, не го отвориле оригиналниот текст под кој јасно пишува дека е спонзориран напис. Дел од медиумите во регионот кои го пренеле, сепак се оградиле. Во македонските гласила тоа не е сторено.

Извори на информации: Фото-веста, што разгледуваме овде, има само една реченица. Во неа не е најдено простор да се наведе кој е оригиналниот извор. Само се „летало“ по интересните фотографии и на прва се објавило тоа што стигнало во редакција. Убаво да се разгледала оригиналната информација би се увидело дека станува збор за фина и најверојатно, од рекламни причини, мотивирана „патка“ од Хрватска.

Содржајност: Ја нема, бидејќи е несериозен материјал кој не содржи веродостојна вест, иако во земјава е пласирана како реална информација.

Оригиналност/Плагијат: Преземена фото-вест за која не било доблесно ниту да се каже кој е изворот.

Квалитет на насловот: Ако верувате дека метеор, и тоа толкав, удрил во Загреб и причинил само толку мала штета, тогаш насловот е во ред. Но, проблемот е што во оригиналниот текст нешто упатува дека насловот е таков само за да привлече читатели, додека во македонската верзија тој елемент отсуствува.

Фотографија: Интересни и „заразно“ привлечни за гледање. И откако ќе се утврди дека веста е само „смешка“, пак е занимливо да се гледаат понудените фотографии. Дури има и ефект на „сожалување“ за смачканиот автомобил.

Заклучок: Оваа фото-вест е само уште ден пример за неодговорно новинарство. Трчањето по тоа „кој прв ќе објави“, без внимателно да се провери што навистина се објавува, доведува до вакви случаи. Работата е како во изреката „Лета ли магарето, да лета“. Но, крајниот суд го дава публиката, а каков е тој за конкретниот текст, најубаво се гледа веднаш под него.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција