Рецензија: ФОТО: Морска сирена пронајдена во Турција

26-09876-0987-crop-resize
Сѐ почесто домашните медиуми објавуваат информации преземени од социјалните мрежи кои се целосно непроверени и најчесто невистинити. Таков е случајот и со овој текст за наводна сирена која се „насукала“ на турскиот брег. Написот не само што нема грам точност, туку покажува и целосна новинарска инертност и отсуство на каков било ангажман барем да се направи обид за да се дојде до тоа што е вистина. Не може да се каже „одлучете сами“, бидејќи задача е на новинарот да ги провери информациите кои и ги пласира на јавноста.

2 Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Морска сирена пронајдена во Турција

 Датум и време на објавување: 26.08.2014, 11:18

 Датум на рецензирање: 28.08.2014

 Рецензент: Владимир Мирчески

 

ДАЛИ ИМА НОВИНАРСТВО, ОДЛУЧЕТЕ САМИ!  

„Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“ – член 1 од Кодексот на новинарите.

Тоа во конкретниот пример не е запазено. Пласирана е вест, која не само што е невистинита, туку не е направена каква било, барем основна, проверка пред таа да се објави. Едноставно, новинарот решил дека читателите треба самите да си проценат дали понуденото е точно, или не.

Повторно доаѓаме до тоа дека секој „информативен отпадок“ од Фејсбук не може и не смее да заврши како легитимна вест на некој медиум. Дополнително, во кусиот текст се наведува дека има, нормално на социјалните мрежи, дебата за вистинитоста на понудените фотографии за „чудо на природата“, но ништо не е преземено за да се утврди каква е реалната ситуација. Тогаш, прашањето кое се поставува е зошто воопшто е „закачена“ вест на интеренет сајт на една македонска телевизија во истата непроверена форма во која кружи на Фејсбук, без какви било други елементи кои би појасниле за што станува збор? Одговорот е, најверојатно од потребата од некакво си полнење на порталот со што било, макар тоа било и глупост.

Треба да се разбере дека меѓу другото медиумите, во ова време на наплив на секакви информации, треба да бидат и филтер за тоа што ќе стигне до јавноста. Новинарите и медиумите треба да пласираат информации, а не шпекулации, шарени лаги и „новини“ од типот „проверете сами“. Ако треба самите да проверуваме, тогаш што ќе ни се медиуми?! Ќе беше во ред во написот да е загатнато дека „можеби“ се појавиле сирени во Турција, за потоа да се дообјасни дека станува збор за кукла направена за потребите на високобуџетен холивудски филм. Но, ваквиот непрофесионален пристап на неименуваниот креатор не минал незабележано од дел од читателите кои во коментарите под текстот остро реагираат за понудениот материјал.

Сумирано, имаме само Фејсбук-„зезанција “„оптегната“ на интернет портал, без саглам извори, без јасна и чиста содржина и, конечно, без запазени елементарни новинарски критериуми. Или, користејќи го стилот од самиот текст, може да кажеме: „Дали има новинарство, одлучете сами?“. Но, бидејќи не треба да ги повторуваме лошите примери, како што е овој напис, ќе одговориме на прашањето: „Не, овде нема новинарство“!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција