Рецензија: ФОТО: На дрво во Струга се појави и ликот на Богородица и девојче со шамија

Na-drvo-vo-struga-Bogorodic-crop-resize

Ако се суди според искуствата од медиумското покривање на „чудата“ со фреските во црквата Свети Димитрија во Скопје, може да се заклучи дека вестите поврзани со натприродното и мистичното се атрактивни за медиумите и за нивната публика. Македонското новинарство нема некое посериозно искуство во однос на овие појави, но, кога се известува за овие деликатни прашања треба да се имаат предвид два многу важни аспекти:

Прво, поради тоа што верското убедување и определување за припадност кон одредена вера е едно од најприватните и многу лични сфери на човекот и, второ, заради тоа што кај нас, во македонското новинарство степенот на стручна подготвеност на новинарите за овие прашања е многу ниско. Заради второто, медиумските извештаи на овие теми, на темите „религиозни чуда“ се најчесто на границата на сензационализам.

Na-drvo-vo-struga-BogorodicЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: На дрво во Струга се појави и ликот на Богородица и девојче со шамија

Датум и време на објавување: 15.11.2013, 12:40

Датум на рецензирање: 17.11.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Кога треба да ја определуваме вистинитоста на оваа вест, се соочуваме со една дилема. Дали треба да се утврди вистинитоста на феноменот, односно дека ликови на светци се појавиле на дрвото во Струга, или, пак, треба да се утврдува вистинитоста на верувањето на граѓаните кои се убедени дека ги гледаат тие ликови? Од фактичката состојба на теренот може да се потврди дека одреден број граѓани во Струга во дрвото во Паркот на поезијата ги гледаат ликовите на светците, но медиумот објавува дека единствените „експерти“ од кои било побарано мислење за овој „феномен“  „(Свештените лица) не сакаат да коментираат ништо за ова божјо чудо…

Извори на информации: Во случајот на оваа фото вест, извори се „очевидците“, односно граѓаните на Струга. Понудени се и фотографии кои треба да го потврдат овој „феномен“, но освен една на која се забележува одредена силуета која има контури препознатливи од православните икони, другите фотографии се со контури како оние од Роршах тестовите – секој гледа во нив тоа што го посакува. Интересно е што оваа фото фест се појави како следна епизода откако претходно беше објавено дека на истото тоа дрво се појавил ликот на светецот Свети Никола, што беше публикувано во други медиуми (Фото: Божјо чудо во Струга – на дрво се појави ликот на Свети Никола?).

Од друга страна, ако ја продолжиме темата на вистинитост на оваа вест од претходниот пасус, која треба да биде потврдена од стручни лица, во овој случај свештеници, сосема разбирлива е нивната воздржаноста на оваа тема, зашто многу добро знаат дека според православната вера овие феномени се многу блиску до празноверието.

Содржајност: Нема содржајност, иако не сме сигурни дека и можеме да ја очекуваме во вакви случаи. Можеби авторот на текстот или уредништвото можеле да потсетат на „чудото“ со фреските во црквата Свети Димитрија во Скопје и да повлечат некакви аналогии, или да консултираат теолози во врска со овие прашања.

Во православието не е непознато дека се случувале чуда, но, исто така, треба да се земе сериозно ова толкување објавено во статијата „Православието и празноверието“ во кое се вели:

„Православието ја има верата во Живиот Бог, несоздаден Создател и наш Татко и Седржител на светот. А во празноверието имаме своевидно идолопоклонство со безброј различни богови на кои им робуваме. Секоја суеверна иновација претставува „оживување“ на некој нов бог, којшто ни станува немилосрден господар… Во празноверието човекот наидува на инстант решенија за своите проблеми со кои се соочува секојдневно… Празноверието всушност ги легализира и утврдува страстите, затоа што со своите „решенија“ дејствува само како аналгетик за последиците, но во никој случај не се обидува да ги лечи.“

Оригиналност/Плагијат: Фотографиите и неколкуте реченици ја потврдуваат оригиналноста на текстот.

Квалитет на насловот: Насловот е информативно описен и го избегнал сензационализмот кој како потенцијална опасност обично се наметнува кога станува збор за вакви случаи.  

Фотографија: Ако се суди според водениот жиг со логото на медиумот што ги објавил, фотографиите се автентични.

Заклучок: Суеверијата се стари колку и самата вера, познати се од дамнина, некогаш посилно се изразени, а некогаш послабо зависно од тоа колку луѓето се придржуваат на принципите на пропишаното верување.

Суеверието, исто така, доаѓа до израз во кризни времиња, во моменти на голем страв и неизвесности. Во такви ситуации настанува од потреба дека човекот има барем илузија дека ќе се променат животните околности кон подобро, макар и сами по себе. Ова го потврдува и констатацијата во веста:

„Реки од народ одат кон Паркот на поезијата во центарот на градот за да се прекрстат и помолат пред ликовите на светците.“

Кога ќе се изгуби свеста и знаењето околу чистата вера, луѓето тогаш почнуваат да обожаваат дрва, камења, луѓе, животни, пари и да прават ритуали кои мислат дека ќе го отстранат злото или опасноста од нив…

И уште една констатација која не може да не се забележи: „Ликот“ на „чудо(но)то дрво“ во Струга се појавува на две-три недели пред празникот Свети Никола, кој православниот народ во Македонија го слави со посебен пиетет. Како што „чудата“ во црквата Свети Димитрија се појавија пред најголемиот христијански празник Велигден… Сигурно и сега, како и лани во Скопје „река“ од народ ќе пали свеќи и ќе остава дарови во надеж дека ова „чудо“ ќе им ги реши проблемите…

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција