Рецензија: Фото: Најлошиот случај на канибализам – човек јаде живо бебе пред камери!

Одамна е докажано, низ научни постапки, дека медиумите влијаат врз формирањето на мислењето, навиките и однесувањето на луѓето. Зборот, фотографијата, видеото, и другите графички содржини имаат моќ да предизвикаат неконтролирани емоции доколку исто неконтролирано се пласираат во средствата за јавно информирање.

Треба сериозно да се земе предвид предупредувањето објавено на веб страницата на угледното списание „Сајколоџи Тудеј“ (Psychology Today) објавено во текстот „Мозокот, однесувањето и медиумите“ (Brain, Behavior, and Media). Во овој поучен текст се вели дека „вниманието на медиумската публика попушта под силната изложеност на вознемирувачките слики во медиумите. Тоа ја намалува чувствителноста кон насилството, па дури може и да предизвика насилно однесување. Насилството може да биде заразно…“

Звучи предимензионирано, но, релативизирањето на овие медиумски феномени може само да укаже оти треба да се очекува дека несоодветното новинарско менаџирање на вознемирувачките содржини ќе не соочи со емотивни одговори на публиката како што се одмазда, чувство на омраза и на страв, гнев и фрустрации… Вусшност, ова го потврдуваат коментарите на оние што го прочитале/виделе новинарскиот продукт што го рецензираме тука.

01 24Puls Firefox_Screenshot_2013-10-30T22-13-10.079ZЛинк до оригиналниот напис: Фото: Најлошиот случај на канибализам – човек јаде живо бебе пред камери!

Датум и време на објавување: 26.10.2013, 02:40:00

Датум на рецензирање: 31.10.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Којзнае дали е ова вистинито или не? Ниту има извор од каде се веста и фотографиите. Ништо. Кусото истражување на потеклото на фотографии те преку специјализираните пребарувачи на фотографии, авторот на рецензијата го доведе до информација дека овие фотографии биле објавени на Фејсбук, но заради нивната вознемирувачка содржина, тие биле отстранети од администраторите на оваа социјална мрежа.

Извори на информации: Нема. Непростлива грешка кога се работи за вакви вознемирувачки содржини, бидејќи тие што ги поставиле овие фотографии и веста што ја рецензираме со ништо не можат да аргументираат дека за да се објават овие фотографии се воделе од некаков повисок или јавен интерес.

Содржајност: Нема никаква содржајност.

Коментирање: Во самата вест нема коментари, но во коментарите на читателите, кои сакале или не, стануваат дел од веста што се објавува, има многу говор на омраза, фашистички и расистички коментари. Посебно вознемирувачки се коментарите во кои некои читатели од позиции на една етничка заедница порачуваат дека вакви канибали се потребни за припадниците на друга етничка група. Тоа е најапликативната крајно лоша последица која ја предизвикува овој текст и овие фотографии како потврда на тезата дека медиумите имаат влијание и поттик доколку не постои висока новинарска свест и одговорност за медиумските содржини.

Оригиналност/Плагијат: Во вакви случаи најмалку е важно дали овој новинарски продукт е оригинален или плагијат зашто вака како што е објавен тој со ништо не заслужува медиумски простор. Инаку, секако дека е плагијат.

Квалитет на насловот: Крајно вознемирувачки и сензационален.

02 24Puls Firefox_Screenshot_2013-10-30T22-15-24.599Z copyФотографија: Фотографијата е, всушност, најголем проблем тука. Ако една фотографија заменува илјада зборови, така една лоша, вознемирувачка, фотографија предизвикува илјада, и повеќе, проблеми. Рековме дека за фотографиите нема наведено извор, ниту било каква информација која ќе го одреди времето и локацијата за тоа кога и каде се направени овие фотографии. Иако постојат ситуации кога може да се направи исклучок и да се објават вознемирувачки фотографии (види во заклучокот), едно врвните правила кое важи за сите медиуми, а кое најлесно може да се примени на интернет медиумите, е предупредувањето. Кај другите медиуми, особено телевизијата, гледачот нема контрола врз тоа што ќе следува на екранот после текстуалното предупредување, или после предупредувањето на водителот. Кај онлајн медиумите, пак, контролата на посетителот и одлуката дали ќе ја види фотографијата, е во неговите раце. Сѐ што треба да направат уредниците на интернет порталите е да предупредат дека вознемирувачките слики се поставени на место за кое е потребен дополнителен клик и дека корисникот на сајтот треба да ги преземе сите постапки за да ги заштити децата и сите оние за кои ќе процени дека фотографијата ќе предизвика вознемирување. Уште повеќе, текстот што го рецензираме, на веб сајтот на кој што е објавен на две страници и било многу лесно да се стави предупредувањето на првата зашто вознемирувачката фотографија е на втората страница.

Заклучок: Како заклучок, само неколку правила и препораки кога и под кои услови би можело да се објавуваат вознемирувачки содржини.

Новинарите во вакви ситуации се соочуваат со тешки одлуки. Вознемирувачки содржини можат да се објават само доколку тоа е од особено висок јавен интерес за да се предизвика внимание кое потоа ќе се насочи, низ една јавна и стручна дебата, злото што се прикажува, да се искорени. Но, дури и тогаш, објавувањето мора да биде придружено со соодветни предупредувања во сите фази и елементи на медиумската објава. Треба аргументирано и видливо да објасниме зошто објавуваме такви содржини и со соодветни коментари да ги придружиме фотографиите или другите вознемирувачки графички содржини. Треба да ги дополниме содржините со експертски мислења и да ги ставиме во контекст кој ќе ги лоцира на вистинско место тие појави и ќе ги осуди.

Треба да се направи се’ што е неопходно вознемирувачките содржини да не го продолжат вознемирувањето. Тешко е, сложено е, бара мислење и расудување.

Да завршиме на крајот со потсетување на една студија за човечкото однесување испишана од големиот филмски режисер Стенли Кјубрик во неговиот филм „Пеколен портокал“. Тој многу показателно ја сруши тезата дека насилничкото однесување кај луѓето може да се потисне доколку насилниците бидат подложени на медиумски слики на екстремно насилство. Во тој филм, насилниците „лечени“ на тој начин се претворија само во побрутални насилници.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција