Рецензија:ФОТО: Отишол „мртов пијан” во тоалет – другарите останале шокирани

FireShot-Screen-Capture-mrtov-pijan-crop-resize

Иако пласиран како „вест“ во рубриката Забава, што навидум  ја елиминира потребата од сериозност и професионален пристап, написот со својата содржина и со својот морализаторски и исмејувачки тон на соопштување на „информацијата“ никого не забавува. Но, затоа, пак, нарушува нечија приватност и претставува грубо исмејување на личност која не е свесна дека некој медиум некаде отворено го навредува и изложува на потсмев.

Написот предизвикува чудење како воопшто можел да биде објавен и зошто воопшто некој би посакал да ги информира своите читатели за една толку ирелевантна и дегутантна тематика како што е пијанството на непознато момче од Русија, за кое нема ниту докази дека навистина колабирало од пијанство. Медицината, впрочем, познава состојба на колабирање за време или непосредно по уринирањето, наречена micturition syncope, која почесто се случува кај припадниците на машкиот пол и која може, но не мора да биде поврзана со прекумерно конзумирање алкохол. Со оглед на тоа што не се понудени никакви други детали за вистинската случка зад објавената фотографија, лесно е можно порталот да му се потсмева на тешко болен човек во неволја.

Рецензија: ФОТО: Отишол „мртов пијан“ во тоалет - другарите останале шокираниЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Отишол „мртов пијан“ во тоалет – другарите останале шокирани

Датум и време на објавување: 17.01.2014, 9:42

Датум на рецензирање: 20.01.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Нема начин да се утврди  веродостојноста на наводите бидејќи и авторот се потпира само на фотографија и снимка на онесвестен човек, но практично ништо не информира. Подетална потрага по „изворот“ води до видеото на Youtube, каде има снимка која наликува на извор на фотографијата, проследена со кусо појаснување дека „пијан Русин отишол во тоалет после забава, предолго се задржал, а кога пријателите отишле да го побараат, го нашле заспан во бизарна положба, со тело зафрлено наназад, сѐ уште во стоечка положба, како римејк од `Матрикс` или `Истерувач на ѓаволот`“, што може, но не мора да биде точно. Но, затоа пак, со голема сигурност може да се зборува за претераноста и непотребноста на со ништо непоткрепеното тврдење во написот дека таа фотографија „го изнасмеја светот“, посебно затоа што видео-клипот има скромни 3.537 прегледи.

Извори на информации: Нема никакви извори.

Содржајност: Веста не го задоволува минималното ниво на сеопфатност. Нема никакви податоци ниту за лицето на фотографијата, ниту за случајот за кој се зборува во написот, освен дека се работи за пијанство на „момче од Русија“.

Пристрасност: Со оглед на тоа што нема никакви докази за тврдењата содржани во написот, голема е веројатноста дека се работи за извртување на вистината за таа да звучи „посмешно“.

Коментирање: Не само што се интегрирани во самиот напис, коментаторските елементи сочинуваат најголем дел од него. Авторот уште на самиот почеток на „веста“ која не е тоа, дели лекции од високо, дека алкохолот не бил за секого. За коментарите дека откако колабирало, момчето останало заглавено во тоалетот „во многу смешна позиција“ или дека фотографијата на момчето во бессознание „го изнасмеја светот“ не вреди ниту да се трошат зборови.

Квалитет на насловот: Насловот содржи тврдење дека лицето на фотографијата било „мртво пијано“ за што не се знае дали е точно.

Фотографија: Написот е илустриран со фотографија на која се гледа маж во несвесна состојба во тоалет. Иако фотографијата веројатно е автентично сведоштво на „настанот“, манипулацијата се состои во нејзината злоупотреба не само да го исмее неименуваното момче, туку и да тврди, без притоа да приложи докази, дека тој колабирал оти бил „мртов пијан“. Притоа, неговиот лик е даден без да биде засенчен или делумно затскриен за да биде заштитен неговиот идентитет.

Образложение: Една од илјадниците снимки на YouTube на кои некој се исмева на нечија сметка, овде заврши како „вест“, иако по ниту еден критериум, посебно новинарски, тоа не е. Нерелевантна содржина, која тешко дека некого забавува, претставува кршење на етичките норми во новинарството.

Објавена е и искоментирана фотографија од нечие колабирање во тоалет, иако тоа не само што не претставува вест, туку е и мошне навредлив и непромислен потег на изложување на интимата на непознато лице пред очите на јавноста. Рубриката Забава, во која се сместуваат таканаречените лесни содржини, овојпат навистина не може да го оправда непрофесионализмот и неодговорноста на постапката.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција