Рецензија: ФОТО: Ова е познатиот доктор кој го уапси полицијата

www_press24_mk_foto-ova-e-poznatiot-doktor-koj-go-uapsi-policijata-crop-resize

„Новинарското известување не смее да биде начин за општествено казнување на осомничените и нивно ставање на столбот на срамот“

Токму оваа сугестија од Прирачникот за етиката во новинарството, не е испочитувана во материјалот што го рецензираме. Имено, иако станува збор за куса вест од само неколку реда, сепак, таа е прилично проблематична од етички апсект. И тоа, најмногу поради фотографијата и насловот: „ФОТО: Ова е познатиот доктор кој го уапси полицијата“

www_press24_mk_foto-ova-e-poznatiot-doktor-koj-go-uapsi-policijata

Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Ова е познатиот доктор кој го уапси полицијата

Датум и време на објавување: 06.05.2014, 16:21

Датум на рецензирање: 07.05.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

НЕЕТИЧКО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Веста нема проблеми со вистинитоста, ниту со изворите, а го задоволува и минималното ниво на сеопфатност. Проблемот е во начинот на кој е пласирана. Имено, написот се темели на неофицијални информации од полициски извори, а,  потоа, како што е наведено, е добиена и официјална потврда од полицијата дека е приведен доктор. Но, наспроти тоа што на крајот од веста е посочено дека полицијата „не го соопштува идентитетот  на приведениот доктор, ниту соопштува детали за кривичното дело “, уште во првата реченица јасно се сугерира за која личност се работи:

„Познатиот македонски доктор офтамолог Д.С. (45) попладнево бил уапсен во Скопје“.

Токму ваквиот пристап во информирањето на јавноста е спротивен на препораките во Прирачникот за етика:

„Кога се известува за несреќи, криминал, или акција на полицијата, медиумите генерално треба да се воздржат од објавување имиња, фотографии или други податоци кои би овозможиле идентификување на жртвите и извршителите“

Па, наспроти добрите практики на етички  исправното новинарство, кое подразбира дека новинарите имаат обврска да го заштитат приватниот живот, интегритетот и достоинството на лицата осомничени за криминал – корупција (притоа, особено, треба да се внимава на пресумпцијата на невиност), веста е илустрирана со фотографија од уапсениот доктор. На која, независно што  му се прекриени очите, сепак, бидејќи е во прашање јавно експонирана личност – до неодамна лидер на лекарите кој го предводеше штрајкот што траеше 52 дена, лесно се препознава ликот на познатиот очен хирург.

 

ДИСКРЕДИТИРАЊЕ И СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ

Фактички, со објавената фотографија и со изборот на насловот се дава омаловажувачки тон на веста во целина. Самата формулација на насловот: „ФОТО: Ова е познатиот доктор кој го уапси полицијата“, прозвучува некако сеирџиски.  Всушност, ја открива вистинската намера на веста: јавно да се дискредитира личноста која е ставена на „отстрел“! Впечатокот дополнително се засилува  и со тоа што половина час претходно, во истиот медиум имаше една невообичаена  спектакуларна најава за приведувањето: „АПСЕЊЕ ВО МОМЕНТОВ: Падна познат македонски доктор“.

Гледано, пак, во поширок контекст, ваквата нагласена потреба за сензационализам делува загрижувачки. Пред сѐ, поради специфичната улога  што ја имаат медиумите како креатори на јавното мислење, но и поради нивната одговорност во општетсвото.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција