Рецензија: ФОТО: Ова е жената која на двапати ја ограби поштата во Катланово

71-0987-00998877123-crop-resize

Членот 8 од Кодексот на новинарите го утврдува начелото на пресумпција на невиност во новинарското известување како професионален стандард:

Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.

Токму ова начело во написот кој го рецензираме е прекршено. Не само што е објавен идентитетот на осомничената, туку и нејзина фотографија. Секој има право на правично судење и е невин додека не се докаже спротивното. Без исклучок.

71Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Ова е жената која на двапати ја ограби поштата во Катлoново

Датум и време на објавување: 14.02.2014, 15:01

Датум на рецензирање: 15.02.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Во насловот се тврди дека жената на која новинарот ѝ го открива идентитетот, е сторител на кривично дело грабеж, што не е точно. МВР против неа има поднесено пријава за лажно пријавување кривично дело. Понатаму, формално правно, секој е невин додека не се докаже спротивното. Значи, жената е осомничена, а не виновна.

Извори на информации: Иако во текстот не е експлицитно наведено кој е изворот, на дното од текстот е наведено името на телевизијата од каде што текстот е преземен. Порталот изворно и дословно го презел текстот од телевизијата. Дел од информациите наликуваат како да се од полициски извор, односно билтенот на МВР, но ниту тоа не е јасно наведено.

Содржајност: Се пропушта да се наведе дека жената неколку дена претходно, самата дала изјава за медиумите во која тврдела дека некој ја ограбил. Така, всушност, медиумот дошол до идентитетот на осомничената. Меѓутоа, во случајот кога е осомничена, и за неа важи пресумпцијата на невиност, независно од тоа што претходно давала изјави во медиумите.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е целосно пренесен и наведен е изворот на дното под текстот, а не во самиот текст. Читателот што нема да го прочита текстот до крај може да не го забележи ова.

Квалитет на насловот: Во насловот жената на која ѝ се открива идентитетот се претставува како сторител на кривично дело грабеж, се нуди информација дека при кликнувањето на текстот ќе се отвори и нејзина фотографија, со што грубо се крши пресумпцијата на невиност и можноста за правично судење. Насловот е сензационален и при неговото пренесувањето пренесена е и грешката во името на селото Катланово (во насловот стои „Катлоново“).

Фотографија: Нејасно е зошто жената е фотографирана во кревет и што тоа треба да симболизира. Понатаму, не ѝ е замаглен ликот, како што налагаат стандардите. Насловот открива дека тоа воопшто не била намерата на текстот. Напротив, намерата била да се открие идентитетот и да се открие како изгледа таа. Не е наведен авторот на фотографијата.

Заклучок: Пресумпцијата на невиност значи дека секој е невин додека не се покаже спротивното. Невиноста се докажува на суд, исто како и вината. Дотогаш, секој е невин, а медиумот што го тврди спротивното ја крши пресумпцијата на невиност пред воопшто органите да имаат можност да го расветлат докрај случајот и судскиот процес во со закон предвидена постапка да открие за што станува збор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција