Рецензија: ФОТО: Овој скопјанец навистина си го сака автомобилот!
Кога една фотографија, објавена на „Фејсбук“, повремено ќе се рециклира и од неа ќе се прават постојано „нови и нови“ вести, тешко дека може да зборуваме за новинарство. Башка што „Фејсбук“ стана најголем извор на информации, кои веднаш се објавуваат како вести без никаква доработка или какви било дополнителни елементи. Оваа фото-вест, инаку, најде место во речиси сите медиуми, од печатени до електронски. И, секако, кај ниту една нема извор, нема причина, нема зошто, кога, како и што.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Овој скопјанец навистина си го сака автомобилот!
Датум и време на објавување: 24.10.2014, 16:04
Датум на рецензирање: 28.10.2014
Рецензент: Владо Ѓорчев
ИЗВОР: „ФЕЈСБУК“
Ова е вест која потекнува од фејсбук-групата наречена ТапаМуабет. Но, најстрашното не е само тоа. Уште пострашно е дека првично е објавена на 8 април 2014 година, значи пред седум месеци. Во фото-веста е само наведено местото каде што, наводно, е направена фотографијата и тоа дека свештеник го опева автомобилот.
Ако веќе се сакало да се направи од ништо вест, тогаш морало малку и да се поработи. Имено, можело да се контактира со свештениците, да се утврди веродостојноста и дополнително да се извади добра тема за тоа дали навистина свештеници на МПЦ смеат, сакаат и можат да осветуваат автомобили. Тука се сакало само да се постигне една цел. Тоа е повеќе кликнувања. Сепак, можеби целта и се остварила, ама на штета на читателите. Тие, секако, останале без одговорени прашања.
Веста нема ниту извор, па дури и да била преземена од „Фејсбук“, коректно би било да се наведе. Не е ниту содржајна, па иако се работи за фото-вест, се забележува дека во воздухот лебдат многу прашања за кои се чека одговор. Тоа не е сторено и затоа денеска имаме ваква вест која не ги задоволува минимум новинарските стандарди.
Одвреме-навреме, на ова македонско информативно небо се појавуваат вакви недоработени текстови, иако не би требало. Ако ова не може да се спречи, можеби може барем да се намали или, пак, ако ништо друго, да се внимава на датумот кога некоја фотографија се појавила на интернет-просторот. Толку, најверојатно, се може.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар