Рецензија: ФОТО: Слаба посетеност на денешната геј парада во Скопје

wwwpress24mk_node_128914-crop-resize

 

Текстот:„ ФОТО: Слаба посетеност на денешната геј парада во Скопје“, ја манипулира јавноста за настанот што се случи во главниот град на 16 ноември 2014 година, по повод Меѓународиот ден на толеранцијата. Материјалот преку насловот испраќа погрешна порака дека во Скопје  имало геј-парада. Иако, всушност, станува збор за  Маршот на толеранцијата  во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права и невладината „Цивил – Центар за слобода“.

www.press24.mk_node_128914

Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Слаба посетеност на денешната геј парада во Скопје

Датум и време на објавување: 16.11.2014, 14:58

Датум на рецензирање: 19.11.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

СВЕСНО ДЕЗИНФОРМИРАЊЕ НА ЈАВНОСТА

И, не само во насловната конструкција, погрешната информација  е пласирана и во првата реченица од текстот:

„Денешната геј парада во Скопје која се организираше под насловот Марш на толеранцијата помина со многу слаба посетеност.“

А, точната информација е дека се одржа шестиот по ред Марш на толеранцијата под мотото „Правда! Слобода! Еднаквост!“, во кој учествуваа претставници на невладини организации и активисти за човекови права. Освен организаторите (Хелсиншки комитет и „Цивил“), маршот го поддржаа и :

Национална мрежа против хомофобијата и трансфобијата, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, ХОПС – Опции за здрав живот, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Субверзивен фронт, Реактор – истражување во акција, ЛГБТИ-центар за поддршка,ЛГБТ-јунајтед Тетово, Женска алијанса, Женска граѓанска иницијатива „Антико“, Фондација „Метаморфозис“, Младински образовен форум, Плоштад „Слобода“, Фондација „Отворено општество Македонија“.

На протестот беше изразен револт поради зголемувањето на насилството, говорот на омраза и дискриминацијата.

„Говорот на омраза и делата сторени од омраза врз основа на расна, верска, етничка, полова, родова и сексуална ориентација како и институционализираната дискриминација врз основа на политичка припадност кои се резултат на длабоко вкоренети предрасуди и омраза неминовно продуцираа поделби и тензии во Република Македонија денес.“

Меѓутоа,  во написот акцентот намерно е ставен  на ЛГБТ-заедницата,  при што се чувствува дури и прикриено задоволство од „слабата посетеност“.

 

„НИКОЈ НЕ ИМ ДОЈДЕ НА ХОМОСЕКСУАЛЦИТЕ!“

Иако се работи за куса информација, сепак, во неа е премолчено дека се одбележува Светскиот ден на толеранцијата, како и тоа дека организаторите го вперија прстот кон Владата која се посочува како главен виновник за ширењето на говорот на омраза и нетолеранцијата во општеството.

„Владата на Република Македонија во последните години практикува нетолеранција, промовира омраза против различните и ги остава неказнети сите што прават кривични дела, односно дела сторени од омраза. Говорот на омразата е промовиран токму од највисоките институции на оваа земја.“ (Џабир Дерала)

Ваквото селективно претставување на поентите од протестот  буди сомнеж дека се немало намера објективно да се информира за настанот. Впечаток е дека и фотографиите не се приложени за да информираат, туку од сеирџиски побуди за да се докаже дека „речиси никој од  граѓаните не им се придружил“ и во стилот „еве, уверете се никој не им дојде на хомосексуалците!“

Тендециозниот наслов кој ја наведува публиката на погрешно мислење – дека се работи за неуспешна геј-парада – во една завиена форма покажува нетрпеливост кон хомосексуалната заедница и оди на линија на дискриминација.

Намерното изместување на фокусот на Маршот на толеранцијата  и отсуството дури и на обид да се каже суштината зошто се одржува маршот, по кој повод и  кои се неговите цели, јасно покажува дека во овој спинерски производ е нарушен темелниот принцип во новинарството – почитувањето на вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со членот 16 од Уставот на Република Македонија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција