Рецензија: ФОТО: Трајановски лично помага во најкритичните поплавени подрачја

FOTO-Trajanovski-licno-pomaga-vo-najkriticnite-poplaveni-podracja-crop-resize

Пред нас е фотовест, поточно  четири фотографии направени набрзо по невремето кое го зафати главниот град во неделата (25.05.2014),  во доцните вечерни часови. Но, основната идеја на овие фотографии не е да ја долови глетката по силниот дожд што ги потопи скопските улици, туку да направи своевиден медиумски спектакл од „подвигот“ на скопскиот градоначалник Коце Трајановски, во стилот на српскиот премиер Александар Вучиќ.

FOTO-Trajanovski-licno-pomaga-vo-najkriticnite-poplaveni-podracjaЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Трајановски лично помага во најкритичните поплавени подрачја

Датум и време на објавување: 26.05.2014, 02:45

Датум на рецензирање: 27.05.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВО АКЦИЈА!

Материјалот што го рецензираме нема проблем со вистинитоста, изворите ниту со содржајноста. Проблемот е во (не)коректноста кон читателите и потценувањето на нивната интелигенција. Како  и во (не)искреноста на намерите објективно да се извести за состојбите на теренот по поројните дождови.

Имено, сите четири фотографии сведочат за ангажаманот на скопскиот градоначалник во испумпувањето на водата од поплавените улици. Тој е главниот јунак во оваа фотосесија, која би можела да се наслови „градоначалникот во акција“!

Овековечен  со засукани ракави и во вода до колена, рамо до рамо со техничките екипи кои ги отпушуваа поплавените улици. Се разбира, сосема случајно токму во тоа време на местото на настанот имало  фоторепортер кој го уловил моментот.  И, нели, не станува збор за некаква медиумска промоција на градоначалникот! Чиста професионалност е и  информацијата пласирана на истиот медиум половина час претходно , а која говори за тоа дека „скопскиот градоначалник веднаш излегол на најкритичните точки кои беа поплавени“.

 

ИНСПИРАЦИЈА ЗА САТИРИЧНИ ВЕСТИ

Да нема забуна. Сосема нормално е во една ваква специфична ситуација во главниот град, градоначалникот да излезе на терен. Напротив, ќе беше чудно да не излезеше. Меѓутоа, навистина немаше потреба нагласено медиумски да се експонира и да се прави „драма“ од неговата пожртвуваност. Впрочем, не е задача на градоначалникот да ја отпушува атмосферската канализација. Градот има  платени и обучени технички служби кои треба да го сторат тоа. Така што, позирањето на Трајановски облечен во специјална работничка облека и накиснат, сепак, некако делува невкусно и наиде на негодување во дел од  јавноста, а беше инспирација и за сатирични вести.

Манирот во кој е напишана и пласирана оваа фотосторија открива значителна доза на пристрасност. Ваквиот впечаток дополнително се засилува и со коментарите од типот:

 „Самиот градоначалник лично се вклучи во испумпувањето на водата од најкритичните места, и без двоумење влезе во надојдената вода и помогна при испумпување на истата“,

кои прозвучуваат дури додворувачки. А таков призвук има и спинерскиот наслов со кој се величи скопскиот градоначалник:

ФОТО: Трајановски лично помага во најкритичните поплавени подрачја

 

ПР ИНФОРМАЦИЈА

Фотографиите се клучен елемент од оваа класична ПР информација која ја објавија повеќе медиуми, кои вообичаено ги протежираат политиките на актуелната власт (и на централно и на локално ниво). Очигледно е дека  илустрациите  не се ставени за да информираат за штетите настанати од временската непогода, туку за да го истакнат во преден план потегот на Трајановски.

Од друга страна, неговото  лично вклучување во  отстранувањето на дефектите со задолжителното фотографирање, го отвора прашањето зошто имало потреба градоначалникот да биде медиумска ѕвезда токму во моменти на потоп низ градот?

Трајановски го троши вториот градоначалнички мандат во Скопје , а претходно беше четири години градоначалник на Гази Баба, Општината во која се јавија најголемите проблеми од дождовите. Па, гледано од тој аспект,  сосема сигурно дека му се добро познати критичните точки во главниот град. Така што, останува да виси дилемата, дали  можеби,  овие  фотографии  треба да ја покријат одговорноста за тоа зошто досега не се отстранети причините кои доведуваат до поплавување на улиците при секој малку посилен дожд?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција