Рецензија: ФОТО+ВИДЕО: „Таксим“ во Центар, на Жерновски му се случува народ
Причината за рецензирање на овој текст е очекувањето од него да се добијат нови, потврдени и аргументирани сознанија соодветни за актуелна вест во низа. Но, зад претенциозниот и сензационалистички наслов, се покажува дека овој текст е жанровски недефиниран, неаргументиран, стилски неуреден, со елементи на спин и на политичка дискриминација.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО+ВИДЕО: „Таксим“ во Центар, на Жерновски му се случува народ
Датум и време на објавување: 07.06.2013, 14:20
Датум на рецензирање: 10.07.2013
Рецензент: Катерина Блажевска
Вистинитост: Оваа жанровски недефинирана информација (комбинација на вест во низа и коментар) се темели само на еден точен факт – дека има протести пред бараките на општина Центар.
Дел од наводите се точни („…веќе неколку часа траат протестите“), а дел неточни, но преку репортерски коментар манипулативно се пласирани како потврдени факти.
„Заканите на Жерновски, заклучувањето на општината со катанец и притисоците кои тој ги врши врз групата Веритас која се стави во одбрана на Црквата, обидите за насилно тргање на озвучувањето и вклучувањето на педесетина лица од приватна агенција за обезбедување да го кријат Жерновски, доведе до контрареакција на граѓаните“.
Од ваквата информација читателот не може да ја утврди нејзината веродостојност, бидејќи не се понудени аргументи што ќе ја поткрепат пласираната содржина.
Извори на информации: Информацијата формално се потпира на два извори: едниот е репортерот на Курир од местото на настанот, кој не е потпишан, а како втор извор се потенцираат учесниците во протестот, но повеќе од јасно е дека тоа е псевдо-извор, со оглед дека е пласирана „хорска“ изјава:
„Протестантите за Курир велат дека она што во Турција се случува со протестите на Таксим ќе биде детска игра во споредба со она што може да се случи доколку Жерновски тврдоглаво продолжи со инсистирањето да се запре изградбата на Црквата.“
Авторот можел да цитира конкретен учесник во протестот ако тој навистина искажал таков став или да потенцира дека кај дел од нив доминира таков став, бидејќи е невозможно сите да дадат идентична и акламативна изјава, освен ако таа е официјално мото или главна парола на протестот.
Притоа, во информацијата погрешно се користи зборот „протестанти“, бидејќи тој означува припадност на една конфесија, а во вакви случаи се употребуваат термините „учесници во протест“ или „демонстранти“.
Во вакви случаи и жанровски коктели не може да се зборува за релевантност на изворот, бидејќи таа е покриена само со авторска импресија од местото на настанот.
Содржајност: Информацијата не е сеопфатна, не нуди аргументи за наводите во неа, покриена е со коментаторски констатации на репортерот, со што ја замаглува перцепцијата на читателот за мотивите и причините за протестите.
Пристрасност: Информацијата делумно ја прикажува вистината и има обиди за нејзино извртување. Пример за тоа е тврдењето дека:
„Репортерот на Курир на лице место забележува кошкања меѓу протестантите и полицијата“.
Полицијата не ги спречи учесниците на протестот да го искажат своето незадоволство, со официјално образложение од МВР „дека нема основа да им забрани на граѓаните да го искажуваат својот револт заради најавите за уривање на црквата ’Свети Константин и Елена’“.
Коментирање: Во текстот целосно доминираат коментаторски елементи, меѓу кои се интегрирани само два потврдени и фотографски документирани факти од местото на настанот – дека има протест и дека се искршени прозорци на општинските бараки.
Квалитет на насловот: Насловот е некреативен, фразата „случување на народ“ е многу често експлоатирана, а преферира сензационалност со одредницата „Таксим во Скопје“, што е несоодветно за споредба и со причините и со димензиите на протестите во Турција. Овој наслов не ја одразува суштината на протестот.
Фотографија: Текстот е опремен со шест фотографии, кои го отсликуваат протестот, но не и наводите во него. Нема фотографија од „заклучувањето на општината со катанец“, од „притисоците кои ги врши градоначалникот врз групата Веритас“, од „обидите за насилно тргање на озвучувањето“, од „вклучувањето на педесетина лица од приватна агенција за обезбедување на Жерновски“…
Ниту еден од овие наводи во текстот не се документирани со фотографија.
Говор на омраза: Во текстот без аргументи, докази или изјави на релевантни извори, политички се дискредитира градоначалникот со паушални констатации:
„Самоволието, арогантното и незаконското однесување на Андреј Жерновски и неговите обиди противзаконски да ја спречи изградбата на Црквата Свети Константин и Елена, сериозно ги подигнуваат тензиите во јавноста.“
Информацијата поттикнува на протест („…од минута во минута се зголемуваат емоциите, а веќе се забележува дека на присутниот народ му е ’прелеана чашата’“).
Во содржината провејува политичка дискриминација преку изедначување на протестот против градоначалникот на општина Центар со протестите во Таксим против политиката на турскиот премиер, што би требало да им сугерира на читателите дека двата настана имаат иста политичка и (не)демократска тежина, а соодветно на тоа и потреба од слична интернационализација на незадоволството.
Заклучок: Текстот „Таксим во Центар, на Жерновски му се случува народ“, е жанровски коктел од вест во низа и коментар, со делумно точни наводи, и многу паушални репортерски импресии од местото на настанот кои неаргументирано, непотврдено и манипулативно ги објаснуваат причините за протестот. Во текстот целосно доминираат коментаторски елементи меѓу кои се интегрирани само два потврдени и фотографски документирани факти од местото на настанот – дека има протест и дека се искршени прозорци на општинските бараки.
Фразата во насловот „случување на народ“ е многу често експлоатирана, а текстот преферира сензационализам со одредницата „Таксим во Скопје“, што не е соодветна ниту за суштината, ниту за димензиите на протестот во Скопје и ја замаглува перцепцијата на читателот за суштинските аспекти на настанот.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар