Рецензија: ФОТО/ВИДЕО: Заев осуден за затајување данок

zaev_osuden_danok-00998877-crop-resize

Текстот станува интересен за рецензирање уште од насловот, поради тоа што во него не е јасно издвоено дека не станува збор за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, туку за негов роднина (трет братучед). Оттука читателот добива погрешно пренасочување на вниманието, односно насловот „залажува“ дека станува збор за друго лице, односно за претседателот на СДСМ. Новинарот можел да разграничи и да допрецизира на кого се однесува пресудата. Понатаму, интересно е да се забележи дека оваа вест се презентира во предизборен период, а пресудата е изречена пред 5 месеци.

74Линк до оригиналниот напис: ФОТО/ВИДЕО: Заев осуден за затајување данок

Датум и време на објавување: 21.02.2014, 12:04

Датум на рецензирање: 24.02.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Документот, односно судската пресуда е изречена од првостепен орган. Со други зборови, од она што е презентирано во текстот, таа не е правосилна и не се наведува дали воопшто лицето продолжило со жалбена постапка пред второстепениот суд. Документот што е презентиран е веродостоен, но мотивот за објавување на оваа вест со неколкумесечно задоцнување може да се толкува на различни, предизборни начини.

Извори на информации: Изворите се документите, односно пресудата од првостепениот суд.

Содржајност: Недостасува изјава од инволвираните, односно новинарот не се потрудил да дознае како оваа приказна завршила. На читателот не му е презентирана „втората страна“, односно не се консултирани за изјава сите инволвирани во приказната. Дали има некакво продолжение пред Апелациониот суд?

Пристрасност: Текстот остава впечаток дека е објавен во конкретното време, (пред избори) поради политичка пристрасност, односно како антикампања на Заев.

Коментирање: Коментарот за висината на казната сугерира дека авторот заговара таа да биде повисока. Всушност, казната не е никаква енигма и е наведена во пресудата, иако новинарот го тврди спротивното.

Она што зачудува и останува енигма е висината на сумата со која Бобан Заев е казнет.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинално создаден во редакција.

Квалитет на насловот: Насловот залажува и наведува на погрешно толкување дека, всушност, станува збор за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, бидејќи тој е најекспониран и е јавна личност. Всушност, во насловот можело да се интервенира и да се наведе и името на братучедот на Зоран Заев за да се избегне било какво недоразбирање, ако намерата на медиумот не била дискредитирање на лидерот на опозицијата. 

Заклучок: Направена е конструкција за да се заклучи дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е осуден, што е погрешната слика која ќе ја добијат оние што ќе го прочитаат само насловот. Во текстот не се консултирани оние за кои се пишува и не е направен обид да се провери како завршила судската постапка, односно дали имало жалба до апелациониот суд. Понатаму, во финишот на приказната е направен обид да се дискредитира Зоран Заев како човек кој не ја говорел вистината, без да се земе изјава од ниту еден од инволвираните. Политичката пристрасност е сосема можно образложение за овој текст со оглед на тоа што братучедот на Заев не е јавна личност, а и времето кога е донесена пресудата, за новинарското мерење на времето е „античка“, односно престара за да биде третирана како вест. Во насловот е направена манипулација, од која се добива впечаток дека станува збор за видео на кое корисникот ќе го види Заев во судница.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција