Рецензија: ФОТО: Жерновски се фали дека ужива во Бразил, Центар без ниеден од ветените проекти

mmo-0987-098-crop-resize

Социјалните мрежи се легитимен извор на информации и идеи за тоа што е актуелно во моментот и медиумите ги користат како ориентир во својата работа, но кога се употребуваат како алатка во новинарството, работата на новинарот е многу посложена отколку „копи-пејст“. Правилото е, дури и ако некоја информација првично е добиена на Фејсбук, таа да се провери на традиционалниот начин – со контактирање на изворот. Тоа се прави од превентивни причини, но и како обврска за веродостојност, бидејќи никогаш не знаеме кој стои зад некој профил и каква намера има со искажаното. Во случајов не може да се види ниту обид да се провери, а камоли добиена потврда на информацијата која е преземена од профилот на Жерновски. На неа се накалемени низа коментари и квалификации, кои оставаат впечаток на политичка пристрасност.

mmoЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Жерновски се фали дека ужива во Бразил, Центар без ниеден од ветените проекти

Датум и време на објавување: 8.07.2014;15:10

Датум на рецензирање: 12.07.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Како одговор на објавата што ја рецензираме, Жерновски испрати демант до медиумите во кој се наведува дека тој воопшто не заминал на патување во Бразил. Оттука, се потврдува дека принципот на проверка на објавеното на социјалните мрежи е од суштинско значење за веродостојноста, за вистинитоста, за професионалниот интегритет и точното информирање. Оттука, се пласира неточна информација врз која се надоврзува останатиот дел од текстот полн со коментари, со калкулации и дискредитација небазирана на факти.

Во однос на изворот на информации, освен статусот на Фејсбук, нема ниту еден друг извор. Содржината е насочена кон тезата што треба да се впие од страна на читателот, а тоа е „Жерновски се шета во Бразил, а општината пропаѓа“. Се разбира дека работата на функционерите е постојан предмет на опсервација и нивните постапки се од јавен интерес, но овде тоа е направено без аргументи и без оправдани причини. Дури и во самиот текст тоа се потврдува:

Не е спорно што тој како граѓанин, одлучил да замине во Бразил и да ужива во најголемото случување во светот. Но, Жерновски очигледно само ужива во луксузот кој функцијата му го овозможи, а не во обврските кои таа функција ги носи со себе.

Наспроти ова, во изнесеното се проблематизира патувањето, кое патем не се ни случило и се користи како повод за да се нападне градоначалникот за  неработење, а за тоа не се нуди ниту еден аргумент и доказ. Оттука и впечатокот за недобронамерност и пристрасност.

За тврдењата изнесени не се нуди никаков доказ, односно не се посочуваат конкретни наводно неостварени проекти на кои се алудира. Со други зборови, не е поткрепено изнесеното, туку се генерализира и се остава впечаток на спинување:

Дека си дозволил еден таков луксуз, Жерновски одлучи да им се пофали на сите, на неговите политички противници, но и на граѓаните на општината во која за речиси година ипол не вложи пари ни колку повратен билет за Бразил.

Додека тој ужива во Бразил, општина Центар остана без ниту еден поголем проект кој Жерновски го вети. Граѓаните на централната општина од него добија само зграда „Папагал“ која беше мета на бројни критики, неколку тротоари и исечени дрвја.

Градоначалникот одлучил прво да ги изгледа натпреварите меѓу Бразил и Германија, па Холандија и Аргентина, па дури потоа да види што се случува во Центар, општината која ја остави без ниту еден проект од големо значење за граѓаните.

Ако се следи логиката на насловот, тој остава впечаток дека ќе видиме фотографија од Жерновски во Бразил, но сосема спротивно, се илустрира со исечок од Фејсбук статус.

Функционерите се мета на опсервација и се откажуваат од дел од својата приватност и се поподложни на критика (според праксата на Европскиот суд за човекови права), но тоа мора да биде во основа поради јавен интерес и со намера да се укаже на општествено важен проблем или за да се отвори дебата за теми од јавен интерес. Такво нешто во случајот нема. Проверката на информациите добиени преку социјалните мрежи е императив.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција