Рецензија: Газдата на Миравци ги тепал своите фудбалери зашто не му ја додавале топката на – син му!

Газдата-на-Миравци-ги-тепал-своите-фудбалери crop resize

„Јавно истакнувам дека без да ме смени јас ќе си заминев од клубот бидејќи на средбата со Локомотива, на која не успеавме да победиме во текот на целиот меч, вулгарно ги пцуеше играчите и на крајот од самиот натпревар дојде и го го удри Томче Мижоров . Причина – затоа што не проигрувал со неговиот син Дарко Штерјов. Со ова тотално ја наруши атмосферата во екипата и тоа е единствената причина за недоразбирањето и што јас си заминувам од клубот”, вели за ’Спортефе’ Штерјовски“.

Порталот „мкд.мк“, кој има голема понуда на спортски вести, покажува дека има добри конекции со т.н. провинција и умее да извлече атрактивни теми и онаму каде најголем дел од другите портали не наоѓаат ништо интересно или уште почесто – не обрнуваат внимание. Во случајот една куса вест може да стане општествена хроника. Дадената форма на стартот делува повеќе како изнудена од содржинските и визуелни норми на самиот портал. Текст навидум треба да служи како пример за истражувачкото новинарство. Но, неговото читање, повеќе укажува на пропусти, без оглед што истиот е пренесен и редактиран. И тие треба да се забележат за да се види како една прекрасна тема, со одличен наслов, потоа се еродира, особено на планот на извори на информирање и сеопфатност.

'Газдата на Миравци ги тепал своите фудбалери зашто не му ја додавале топката на – син му!

Линк до оригиналниот напис: Газдата на Миравци ги тепал своите фудбалери зашто не му ја додавале топката на – син му!

Датум и време на објавување: 06.10.2013

Датум на рецензирање: 08.10.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Од повеќе написи кои последувателно или можеби и паралелно ја следеа аферата со „себичниот“ фудбалер Мижаров кој не додавал „таму каде што треба“ , се гледа дека во овој клуб се случуваат неубави работи, а следуваа и смени во низа во овој клуб, при што сменети се погрешните лица.  Медиумите ја туркаа оваа афера со цел куќата на фудбалот – ФФМ, да реагира, ама засега се чини таму ФК Миравци, кој се натпреварува во Втора лига е недопирлив.

Извори на информации: Изворот на информации е еден од актерите во целата таа калакурница на теренот кој дал изјава за спортскиот портал „Ефе“: тренерот на клубот. Тој потоа е сменет. Ова во основа е едностран пристап, без оглед на шармот во описот на случките на теренот кои ги добиваме пред нас. Јасно, тука имаме и вест во низа, која пак, како што е редно, мора во секој напис да биде – макар многу редуцирано – опфатена, па оние кои не се во тек за тоа што било претходно во ФК Миравци, да „влезат во филмот“.

Содржајност: Тие „временски апликации“ што недостасуваат во овој текст, без кои ќе нема целосно отсликување на драмата во гевгелиско, влијаат многу врз несодржајноста, бидејќи, да потсетиме, ФК Миравци е оној тим кој пред неколку години му го поклони својот влез во Првата лига на ФК Вардар, кога тој требаше да излезе од таа лига. Вардар потоа се „фузионира“ со миравчани, за да бргу се заборави на фузионираното име и си продолжи да игра во Првата лига со старото, а ФК Миравци, „раздружен“ од името, продолжи да чмае во старото друштво. Неодамна високите политички кругови му го зедоа стадионот на ФК Кожув од Гевгелија и му го поклонија на „Миравци“, што е скандал кој мораше да биде одбележан, ама се чини тој подарок мораше да биде сокриен. Затоа и ова објаснување, да се сфати колку моќниците во фудбалот му должат на ФК Миравци, односно на неговиот сопственик.

Пристрасност: Така, нешто што заслужува да биде општествена хроника, како што рековме, новинарот ја претвора во весела анегдота која може да се кажува во кафеаните и кладилниците ден или два, ама да не ја допира суштината: дека сопственикот на клубот Миравци не само што може да шамара фудбалери кои се „себичеле“ (да искористиме еден скопски израз), туку веројатно може да прави што сака. Кога еден неморален гест инсцениран во ФФМ со ФК Вардар, кој „не смееше“ да излезе од лигата, ќе биде ставен како правило на однесување, тогаш се е дозволено на зелениот терен!  Нема етика, нема правила…

Оригиналност/Плагијат: Текстот е преземен и обработен, според малата истрага, од еден помалку познат спортски сајт „Спортефе“. За жал, подобро е да бил преземен во целина, бидејќи, барем малку би добил на содржајност.

Квалитет на насловот: Насловот е секако највредното во текстот и тој ќе остане запомнат како долг (постои во новинарството и таква школа, особено во хрватските медиуми). Тој сам за себе веќе ја предава суштината, а на читателот му остава само да ужива во деталите, кои, за жал, ги нема доволно.

Фотографија: Текстот има само една фотографија која илустрира спортска игра и ништо повеќе и поамбициозно од тоа.

Заклучок:  Овој текст  е пример како нашето новинарство лесно се задоволува со површната страна на работите. Еден добар виц и од дрвото не можеме да ја видиме шумата на фудбалот во која живеат и опстојуваат многу работи кои бодат очи, само нема кој да ги опише.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција