Рецензија: Германски туристи навалија во Македонија

FireShot-Screen-Capture-250-Германски-туристи-навалија-во-Македонија-crop-resize

„Од 2012 до 2013 година бројот на германските туристи во Македонија е зголемен од 12.000 на 30.000, пишува Дојче Веле. Ова покажува дека вреди редовното претставување на најголемиот светски саем за туризам (ИТБ) во Берлин, најексплицитно потврди искуството на Македонија. За само две години бројот на германските туристи кои ја посетиле земјата е зголемен за два и пол пати. Или погледано низ бројки, од 12.000 Германци кои престојувале во Македонија во 2012, бројот минатата година скокнал на 30.000“.

Во време на предизборие е најден еден прилично обемен извештај на Дојче Веле од нашиот настап на Саемот за туризам во Берлин и во скусена форма го објави под наслов кој ја менува суштината на текстот и место анализа за „зголемениот интерес на Германците“ за нас, кој и натаму е скромен со своите финансиски ефекти, се претвора во „бриф“ пропаганда за владината политика во оваа област и во сознание дека „Германците навалиле“ кон Македонија и ние треба да преземеме мерки за да не нѐ „прегази толпата“. Една доста опширна и темелна анализа на Дојче Веле, тука се претвора во политички постер.

'Германски туристи навалија во Македонија

Линк до оригиналниот напис: Германски туристи навалија во Македонија 

Датум и време на објавување: 9.03.2014, 13:41

Датум на рецензирање: 10.03.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Преземањето на еден текст од лице место и од релеватен извор секако обезбедува фактите објавени во овој текст да се вистинити, но со насловот и со изземањето на клучните објаснувања за германскиот интерес за нас, кој несомнено е зголемен во однос на претходните години, ние ја губиме суштината и читателите и туристичките работници, кои би го прочитале текстот не би ги извлекле вистинските сознанија за тој „феномен“.

 

ПРОБЛЕМОТ Е ВО РЕДУКЦИЈАТА

Изворот на написот во е секако одличен, ама проблемот е во редукцијата. Текстот на Дојче Велче е направен од дописничката која подолго живее во Берлин и добро ги познава и тамошните навики и нашите можности и секако луѓето кои ја кројат политиката во туризмот и во земјата каде се одржува Саемот и нашите презентери од Агенцијата за туризам.

Но, онака како што е скусен тој текст, во него има место само за нашиот функционер и неговите пропагандни брошури. Ако се прочита оригиналот лесно може да се види дека Германците се привлечени од неконвенционалите форми на летување. Односно, пројавениот интерес е резултат на фактот дека нив не ги интересира туризмот „со четири ѕвездички“, за кои, велат германските оператери, земјава „нема абер“, туку токму рустикалноста и проблемите кои, како јабанџии склони кон авантура, би ги имале кај нас за да стигнат од точката А до точката Б.

Проблемот со наклонетоста е што треба да го видиме она што наводно го прави државата за развој на туризмот, но написот оневозможува туристичките работници, особено оние кои ги покриваат секторите планинарство, алпинизам, ловство, селска, неконвенционална понуда, да бидат поприемчиви за сигналите од Саемот во Берлин. Тоа би била позначајната цел на информирањето!

 

НЕКОИ НОВИ ТУРИСТИ

Дел од германските туристи, значи, се вртат кон содржини кои дури и не можат да ги претпостават пред да го фатат авионот за кај нас, што ги чекаат во дестинацијата каде се упатуваат, ама кои не се врзани за некаков стационар и, за жал, ниту имаат големи пари кои би ги оставиле, бидејќи, ние нема да добиеме добар плаќач како оној од средната класа од Бон или Минхен што оди кон земјите туристички велесили и таму остава, како нација гледано, над 30 милијарди евра годишно, бројка која годишно се зголемува за 1 милијарда.

Намерата за пренасочување на суштината на текстот од Дојче Веле се гледа и во промената на насловот – што секако е прашање на редакциски избор, значи дозволено е – која од „Германските туристи ја открија Македонија“, во оригиналот, се претвора во „Германски туристи навалија на Македонија“, овде, секако како дел од тоа пропагандно претерување.

И фотографијата со која се илустрира текстот се вклучува во генералната намера: таа вистина е само формална, прикажува група млади пред паното со информации кај Стоковната куќа „Мост“. Но, контекстот е дека одговара на намерата на уредништвото да ги пофали мерките на „надлежните“ во оваа област. Она што би одговарало на оригиналот секако е да се прикаже група на туристи или поединци кои заминале на оние наши места од „таа чудесна Македонија“, кои се надвор од градските агломерации.

Овој скусен извор на информација од саемот во Берлин евентуално би можел да биде само дел од некакви информации во синџир, со кои навистина би се постигнало вистинско информирање и би се објаснил феноменот на променетите навики во туризмот и новата клиентела, која е заинтересирана за нас токму заради нашата генерална неразвиеност, изораните патишта, селата во кои не доаѓа и поштарот… Во првите денови по објавувањето на текстот, кој е предмет на рецензија, не се виде таква намера.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција