Рецензија: Героски провоцира и лечи комплекси на ФБ: Старата преамбула ги фаворизираше Македонците, кој ве е*е за Ѓорче

FireShot-Screen-Capture-040-Gjorce-Geroski-crop-resize

Рецензираме уште еден прилог во антологијата на текстови во кои новинарите се занимаваат со новинари, при што предмет на опсервација овојпат е новинарот Бранко Героски и неговите текстови објавени во медиумите за кои пишува, меѓутоа и неговата активност на приватниот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Уште со самиот наслов е јасно дека поентата на текстот не се самите колумни на Героски, туку обид тој да се претстави ем како провокатор кој користи говор на омраза, анти-Македонец, ем, сосема контрадикторно на претходново – како разгорувач на националистичките страсти во текот на нередите што се случуваа по убиството на младото момче во скопската населба Ѓорче Петров.

Една од клучните поенти за негативниот став кон Героски изнесен во написот е дека тој „се залaгал за измена на преамбулата на Уставот и дека уште во далечната 1997 година студентските демонстрации против педагошката академија на албански јазик ги нарекол фашистички и отворено се залагал за измена на преамбулата на Уставот“, па дури и дека „ тврди дека Старата преамбула ги фаворизирала Македонците и не била добра“ и дека тој и денес би ја сменил, бидејќи  ја фаворизирала македонската нација. Но, сепак, според написот, Героски „кој жестоко ја брани политиката на опозицијата продолжува со недоличен речник и говор на омраза преку својот ФБ профил откако за среќа не му успеа идејата за разгорување на страстите по убиството во Ѓорче Петров и пoкрај тоа што постојано преку своите медиуми долеваше масло на оганот“.   Во анализата на неговиот „лик и дело“ нема објаснување како тоа новинар, кој се залагал за правата на Албанците и поради тоа бил прогласуван за предавник, сега помагал да се разгорат (македонските) националистички страсти во случајот Ѓорче Петров. Сите елементи на оваа „анализа“ укажуваат дека таа е невешто склопен пропагандистички памфлет на тема „деструктивноста на опозицијата и нејзините поддржувачи“.

Рецензија: Героски провоцира и лечи комплекси на ФБ: Старата преамбула ги фаворизираше Македонците, кој ве е*е за ЃорчеЛинк до оригиналниот напис: Героски провоцира и лечи комплекси на ФБ: Старата преамбула ги фаворизираше Македонците, кој ве е.е за Ѓорче

Датум на објавување: 25.05.2014, 13:15

Датум на рецензирање: 28.05.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

„ПРОШИРЕНИ И НАДГРАДЕНИ“ ОБВИНУВАЊА  ЗА ГЕРОСКИ

Написот поаѓа од неспорни факти – пишувањата на Героски во неговите колумни посветени на случувањата по убиството во Ѓорче Петров, но цитатите потоа се коментираат во насока на дискредитирање на овој новинар.

Како извор е наведен порталот Курир, кој пишуваше за Бранко Героски и неговата полемика со публицистот Арсим Зеколи и каде што ставовите на Героски за преамбулата и настаните од 1997 година се исто така посебно апострофирани, со таа разлика што текстов што е предмет на рецензија делува како да е „проширена и надградена“ обработка на истата тема.

Написот содржи жестоко обвинение, во вид на коментар, адресирано до Геровски, како „бранител на опозицијата“ – дека имал идеја „за разгорување на страстите по убиството во Ѓорче Петров“ ама за среќа не успеал, но за такво нешто не нуди докази, па ова обвинение звучи паушално и тенденциозно. Истото се однесува на тврдењето дека преку своите медиуми „долевал масло на оган“, бидејќи повторно нема ниту еден цитат од некој истап на Героски или од некое пишување на „неговите“ медиуми со кој тоа тврдење би се докажало. За разлика од извадените цитати од колумните на Героски кои како да се наменети за докажување неговиот „предавнички“ став во однос на Преамбулата на Уставот, докази за неговата „деструктивна“ улога во случајот „Ѓорче Петров“ не се понудени во овој напис.

 

КОЈ ДОЛЕВА МАСЛО НА ОГНОТ?

Насловот е, всушност, предолг и неефектен коментар од кој провејува непријателски став кон личноста која е предмет на „анализа“ во написот, новинарот Бранко Героски и првиот впечаток е дека тој служи за лична пресметка со Героски.  На исказот „Героски провоцира и лечи комплекси на ФБ…“ повеќе му е место во неформален муабет на улица отколку на страниците на еден сериозен информативен медиум.

Текстот е илустриран со постара, повеќепати во други медиуми објавувана фотографија на новинарот Бранко Героски. Очигледно, илустрирањето на овој текст бил последна грижа на уредувачите.

Иако вулгарниот вокабулар во насловот потекнува од самиот Героски, тој е така срочен што кај читателот треба да предизвика згрозување од човекот кој „жестоко ја поддржува опозицијата“, истовремено бил против уставна преамбула која ги фаворизира Македонците, а на сите останати им порачува „кој ве е.е за Ѓорче“.

Имајќи ја предвид токму запалливоста на темата за настаните во Ѓорче Петров, слободно може да се заклучи дека не Героски, туку ваквите написи се манипулации наменети за разгорување на зовриените страсти после Ѓорче Петров.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција