Рецензија: Геровски и Плус инфо им се извинуваат на Ивона и на Латас

26-098700998877-crop-resize

Имаме напис кој покажува елементарно непознавање во две категории. Во првата, која ќе ја наречеме новинарска, се мешаат „баби и жаби“ односно вест и коментар, притоа злоупотребувајќи една ситуација на која, преку разни „зачини“, намерно ѝ се дава сосема поинаква конотација, а со тоа се создава погрешен впечаток кај читателите. Во втората категорија, која можеме да ја означиме како правна, се прави вистинска папзјанија и се тврди дека „еден новинар и неговата редакција во еден текст се извиниле за пишувањата против други двајца новинари “, а всушност во оригиналниот текст никаде не се споменува извинување. Хм, интересно. 

2Линк до оригиналниот напис: Геровски и Плус инфо им се извинуваат на Ивона и на Латас

Датум и време на објавување:  11.04.2014, 20:10

Датум на рецензирање:  12.04.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

„СЛАБА РАБОТА“ ОД ВИСТИНИТОСТ 

Ситуацијава е следна: еден портал и неговиот уредник објавуваат низа текстови, кои, всушност, се пренесување на прес-конференции на политичка партија која обелоденува податоци и документи за бизнис-зделки на двајца новинари инаку вработени во медиуми блиски до владејачката партија. Овие двајца новинари, преку адвокатска канцеларија, побарале јавно извинување од порталот и јавно повлекување на изјава, во согласност со членот 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, по што следи одговорот од уредникот на тој портал во кој тој меѓудругото вели:

„Сите обвинувачки наводи во извештаите се недвосмислено јасно атрибуирани. Според тоа, недвосмислено е јасно дека Плусинфо пренесувал изјави на официјални претставници (портпароли) на политичка партија, која е правно лице, на организирани јавни собири (настани), прес-конференции. Редакцијата на Плусинфо, главниот и одговорен уредник и издавачот, не стојат зад изнесените наводи, ниту можат да ја потврдат или да ја отфрлат нивната веродостојност. Редакцијата на Плусинфо, како и сите други редакции, редовно објавува извештаи од прес-конференции и соопштенија на политичките партии, а особено кога станува збор за партиите со најголем број пратенички места во парламентот. Плусинфо ниту може ниту сака да се впушта во проверка или во оценување изнесените наводи на вакви организирани јавни настани, за што е одговорен тој што ги организира и тој што говори или соопштува.

Како и да е, редакцијата на Плусинфо жали ако пренесените изјави содржат клевети и навреди на сметка на Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска и им стои на располагање уверливо да ги демантираат и да ги отфрлат“.

Потоа на сцена настапува текстот кој е предмет на рецензијата, тврдејќи дека  Геровски и Плус инфо им се извинуваат на Ивона и на Латас. Ова е класично извртување на зборовите, бидејќи жалење и извинување, секако во правото, се две различни работи. Затоа, ќе кажеме „слаба работа“ од вистинитост.

 

АРГУМЕНТИ „ОНАКА, ОД ПАМЕТ“

Проблематичната вистинитост во најголем дел се должи на крајното отсуство на извори на информации, бидејќи ако навистина се прочитал текстот на уредникот на порталот од кој се бара извинување најверојатно немало да се направи таква „утка“. А, незнам од каде авторот на овој напис го извел заклучокот „…Водеа кампања со објавување непотврдени податоци и афери за главната уредничка на “Вечер”, Ивона Талевска, кои се однесуваа на лажните тврдења дека таа заработува преку добивање тендери од владини институции, како и за главниот уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас дека поседувал голем имот, несразмерен на неговите приходи, како и дека имал приходи од државни тендери.… “.

Најверојатно ова му дошло „онака од памет“, бидејќи таквото тврдење со ништо не му е аргументирано. Од каде знаеме дека тоа е неточно, имало ли процес, дали тоа, на пример, е докажано пред суд? Со изместена вистинитост и никакви извори не треба да се очекува некаква содржинска нитка која, да бидеме искрени, во овој текст ја нема воопшто.

 

ЛОШ ДРВЕН АДВОКАТ

Но, затоа, пак, тоа е „надоместено“ со извонредно многу пристрасност и несоодветни коментаторски обиди кои се на „политичка“ линија:

„Сето тоа се покажа како неточно, како валкана кампања на СДСМ во предизборни времиња и лична одмазда на некои функционери од СДСМ, кои со наведените имаат приватно нерешени релации“.

 

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“ – член 13 од Кодексот на новинарите.

Пример, и тоа лош, на „дрвен адвокат“ – еден медиум себе си се вметнува во формално-правната расправија меѓу други новинари.

Непотребно, неумесно, навивачки и конечно многу лош и непрофесионален текст.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција