Рецензија: Годинава најмногу новозаболени со ХИВ
Бенџамин Дизраели, британски премиер од втората половина на 19 век, засекогаш ќе остане запаметен по својата изрека дека постојат три вида лаги: лаги, големите лаги и статистика. Пред нас имаме текст со сериозни статистички податоци за бројот на заболените, умрените, инфицираните од СИДА во Македонија и начинот на кој ја добиле оваа опасна болест.
За да не се сомневаме во бројките, очекувано е да го знаеме изворот на оваа статистика. Во спротивно, ќе се согласиме со Бенџамин Дизраели и ќе го рецензираме овој напис за да утврдиме во кои делови не се почитувани домашните и меѓународните стандарди за коректен новински текст.
Линк до оригиналниот напис: Годинава најмногу новозаболени со ХИВ
Датум и време на објавување: 02.12.2013
Датум на рецензирање: 02.12.2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Статистички манипулации можат често да бидат институционализирана измама на одредена структура, за да се создаде лажна (поубава или погрда слика) во одно на реалната состојба.
„ …14 лица се заразени при хомосексуален однос…“, “…регистрирани 194 случаи на заболени од ХИВ/СИДА, 143 биле болни, а 51 се ХИВ позитивни, 71 лице починало…“ – ова се сериозни податоци што можат да го вознемират читателот, а за кои не е наведен извор од каде се земени. Оправдано можеме да се сомневаме во нивната вистинитост.
Извори на информации: Нема валиден извор на информации. Во завршниот дел од текстот се спомнува некаква програма за спречување и појава на ХИВ/СИДА во 2014 година без објаснување чија е програмата и на кое ниво.
Содржајност: Написот е презентација на бројки без навлегување во нивната содржина и објаснување што тие значат. Има многу недоречености „Смртните исходи на лица со ХИВ се намалени за 30 отсто, односно во 2012 година умреле 1,6 милиони лица. Од почеток на епидемијата умреле 36 милиони лица“… Немаме одговор, каде, во која држава, во кој регион, во кој период. Текстот не е доволно соджаен.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален и потпишан со иницијали на авторот.
Квалитет на насловот: Насловот е некреативен и вознемирувачки, особено што во него се извлечени податоци за кои не знаеме дали се вистинити и точни.
Фотографија: Претставен е назив на болеста во форма на крстозбор. За одбележување на Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА можело да биде избрана многу посодржајна фотографија.
Заклучок: Ако медиумот сакал да се вклучи во одбележувањето на овој ден требало да избере покреативен начин од сувопарното објавување вознемирувачки податоци за бројот на заболените, инфицираните и умрените од оваа болест во Македонија, без притоа да го наведе изворот. Не смеел по којзнае кој пат да го стигматизира Прилеп како град на ХИВ/СИДА:
„Првиот носител на ХИВ е регистриран во 1987 година во Прилеп“.
Со ударниот поднаслов
„Според начинот на пренесување на ХИВ 14 лица се заразени при хомосексуален однос“
медиумот се вклопува во поприлично конзервативните кампањи кои во моментот ги водат Владата и Црквата против ЛГБТ заедницата во Македонија.
Со ваква презентација авторот ги заплашува граѓаните, дефинирајќи ја ХИВ/СИДА-та како болест од која се умира, заборавајќи, намерно или случајно, да ја спомне препораката на Светската здравствена организација дека ХИВ/СИДА треба да се дефинира како хронично инфективно заболување со кое се живее.
Во написот се забележува и непридржување до основните принципи на кодексот на новинарите на Македонија- член 1 и член 4:
Член 1:
„Новинарот треба да обајвува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Точноста на информација треба да се провери колку што е тоа можно“.
Член 4:
„Новинарот ќе го назначи изворот на и нформациите“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар