Рецензија: Голем инцидент во СДСМ Ѓорче Петров
Ова е уште еден од серијалот написи кои се занимаваат со состојбите во опозицискиот двор и тоа со нагласена доза на тенденциозност, гледани само од еден агол и со отсуство на минимум објективност. Па, во еден таков манир со неизбежана драматика на јавноста ѝ се сервираат „пикантерии“ за наводни караници, скандали, расколи, инциденти… Изворите на информации секогаш се неименувани, но, „доверливи и сигурни“! Токму во таков стил е и материјалот што е предмет на оваа рецензија, а кој е целосно непрофесионален, неетички и некоректен. Дотолку повеќе, бидејќи во конкретниот случај се валка угледот на колешка – новинарка. Што е во спротивнсот и со амандманот 16 од новинарскиот Кодекс , каде е прецизно наведено дека:
„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“
Линк до оригиналниот напис: Голем инцидент во СДСМ Ѓорче Петров
Датум и време на објавување: 28.05.2014, 09:25
Датум на рецензирање: 1.06.2014
Рецензент: Оливера Војновска
ИЗМИСЛИЦИ И ДЕМАНТИ
Вистинитоста на оваа медиумска содржина е ставена под голем прашалник. Написот не се темели на факти, туку врз основа на непотврдени информации и користејќи ги вообичаените формулации: „според извори во СДСМ“ и „наши извори“, на читателите им се пренесува атмосфера од наводно, исклучително тензичен состанок на СДСМ Ѓорче Петров. Во кој најпрво, како што се тврди, дошло до „жестока караница и поделба на членството“ на „бранковисти и заевисти“ .
„…половина барало оваа општинска организација да завземе став на кормилото да се врати Бранко Црвенковски, додека останатите не отстапувале и упорно стоеле зад ставот дека Зоран Заев мора да остане прв човек.“
А потоа со леснотија се „плете“ приказната дека Љубица Буралиева (која обезбеди пратенички мандат преку листата на СДСМ во Втората изборна единица):
„во сред жолчната расправија, барала од општинското раководство на партијата да и’ врати околу 10.000 евра, кои таа тврдела дека ги потрошила за потребите на предизборната кампања за парламентарните избори“.
Но, овие и сите други наводи во текстот истиот ден (28.05.2014) беа демантирани од СДСМ и од Буралиева. Во реакцијата на Општинската организација на СДСМ Ѓорче Петров , се вели дека споменатиот текст кој го пренесоа повеќе медиуми „е всушност една голема лага и тешка измислица“ :
1. На 27.05.2014 – вторник, не е одржан состанок во ОО СДСМ Ѓорче Петров;
2. Во ОО СДСМ Ѓорче Петров, никогаш немало состанок, a на кој имало жестоки караници помеѓу членството, дали да останел претседателот Заев или пак да се врател поранешниот претседател Бранко Црвенковски;
3. Во ОО СДСМ Ѓорче Петров, никогаш немало состанок, на кој кандидатот за пратеник Љубица Буралиева барала од раководството на ОО да и се вратат некакви пари
Буралиева пак, која на 28.05.2014 поднесе оставка на пратеничката функција (заедно со другите пратеници од здружената опозиција предводена од СДСМ) најави дека ќе го тужи „порталот и сите медиуми кои ја пренесоа нивната дезинформација “ и ќе бара
„10 000 евра за вознемирување и стрес, како и за уривање на нејзиниот углед, но и угледот на СДСМ“
Буралиева преку пост на Фејсбук најави и посебна тужба за „злоупотреба на лични податоци “, поради централната фотографија со која е илустриран написот, а која веројатно е „позајмена“ од нејзиниот ФБ профил.
ПОДМЕТНУВАЊЕ НЕВИСТИНИ
Нема поента да се разгледува содржајноста на ова четиво зачинето со коментаторски елементи, кое на читателите уште во насловот: „Голем инцидент во СДСМ Ѓорче Петрв“, им подметнува невистинита спинерска информација.
Очигледно е дека текстот не е ни замислен да биде објективен и да има втора страна, туку без никаков доказ да ѝ сервира на јавноста конструкција. Во конкретниот случај е видлива идејата да се оцрни опозицијата и да се извалкаат имињата на конкретни личности. Со што јасно се покажува на која страна е наклонет написот.
Имено, од материјалот не се забележува дека е направен обид да се добие официјален став од СДСМ или мислење од Буралиева.
Ваквиот начин пак, на пласирање на „сигурни“ информации, а притоа да не се понуди ниту еден аргумент за изнесените тврдења – со што кажаното добива третман на шпекулација, се коси со првиот амандман од Кодексот на новинарите, каде децидно стои:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже.
ДИСКРЕДИТИРАЧКИ НАМЕРИ
Во овој материјал нема говор на омраза, но самата конструкција на текстот и употребата на коментари од типот:
„разјарената Буралиева“ или „Буралиева гласно викала…“
прозвучуваат прилично навредливо и ја претставуваат во лошо светло споменатата личност.
А појавата на написот истовремено на неколку сајтови, дополнително го засилува впечатокот дека материјалот има дискредитирачки намери. И што уште да се каже за овој шпекулативен фабрикуван новинарски производ, кој наспроти стандардите на етички исправното новинарство, кои подразбираат обезбедување дистанца од политичките субјекти, е ставен во функција на политичка пресметка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар