Рецензија: Голема ајкула уловена на Халкидики Грција
Случајно или намерно, во текстот кој го рецензираме е направена сериозна материјална грешка која му дава сосема друга – застрашувачка конотација и може да ги доведе во заблуда читателите. …„на само 26 метри од плажата Касандра уловена е ајкула“. Иако се работи за обична фото-вест, вака како што е пласирана личи на намерна конструкција луѓето да не одат на летување во Грција бидејќи на 26 метри од плажата има ајкули.
Линк до оригиналниот напис: Голема ајкула уловена на халкидики Грција
Датум на објавување: 19.08.2014
Датум на рецензирање: 20.08.2014
Рецензент: Александар Писарев
КОГА ПРЕПИШУВАТЕ – ЧИТАЈТЕ ТРИПАТИ
Веста која ја рецензираме не е оригинална и преземена е од некој регионален портал без да се наведе изворот. Со сурфање утврдивме дека оригиналната вест потекнува од Halkidiki News – Ena skilopsaro 200 kilon и објавена е на 2. aвгуст. Значи, точно пред осумнаесет дена.
Едно од петте основни новинарски прашања на кои новинарот кој пишува вест мора да одговори доколку сака веста да биде содржајна, е, меѓудругите и кога?: кога настанот се случил. Според „Halkidiki News“ тој се случил на 2 август и регионалните портали го објавиле истиот ден Опрез- ајкула од три метра, а во Македонија веста првпат е објавена на 5 август на порталот на Радиомрежа Канал 77 Ајкула од три метри уловена. Значи, се работи за рециклирање на стара вест, при што намерно не е одговорено на прашањето кога настанот се случил.
ШИРЕЊЕ ПАНИКА
Она што е уште пострашно се работи за случајна или намерна грешка во фактите. Меѓутоа, таа грешка кај граѓаните може да предизвика паника и чувство на страв.
„Ајкулата е уловена на само 26 метри од плажата, од страна на еден риболовец, кој поради големината не можел самиот да ја извади од водата“.
Оваа информација под разни застрашувачки наслови е пренесена за неколку минути на скоро сите македонски портали: Огромна ајкула уловена во Грција, Страшно -на Халкидики, на плажата Касандра уловена огромна ајкула.
Сите медиуми кои коректно ја пренеле веста објасниле дека ајкулата е фатена на 16 милји, односно 26 километри од брегот што на целата информација ѝ дава сосема друга содржина (Туристи опрез ајкула од три метра уловљена на Халкидикију). Медиумот, освен ако намерно не сакал, немал никаква причина да создава паника и сеење страв, затоа што ајкулата е уловена многу далеку од плажите каде вообичаено нема капачи. Логично е дека никој не плива 26 километри далеку од плажата. Таму се движат бродовите, меѓу кои и овој рибарски кој ја уловил ајкулата и поради нејзината големина ја довлечкал мртва до брегот, каде предизвикала љубопитност меѓу капачите. Значи, ајкулата воопшто не е уловена на плажата. Па, според тоа и целата содржина на вестта не е точна. Граѓаните се доведени во заблуда дека настанот се случил можеби истиот ден кога весста е објавена и дека целиот настан се одиграл на плажата, односно на само 26 метри од брегот на плажата, што не е точно, и кај читателите можело да создаде страв, паника и дилема дали да одат на летување на овој грчки полуостров.
Се работи за сериозна манипулација со фактите и повреда на основните критериуми и член 1 на Кодексот на новинарите на Македонија.
Член 1.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
И во овој случај би требало да постапи во согласност со член 3 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Член 3.
Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор, во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар