Рецензија: Гори зградата на Влада

pozar-vlada-09876-098-crop-resize

Утринските вести на почетокот на неделава беа поврзани со пожарот што се случи во зградата на Владата на РМ. Сигурно дека веста имаше и додатна публика поради фактот што неодамна истиот објект беше цел на напад со рачен фрлач, па фантазијата кај консументите на вести беше разгорена. Можеби и затоа, меѓу останатите, добивме и извори на редуцирани информации – оние кои процениле дека стварноста треба да се преобликува, за таа од „сензација“ што побргу да стане – „оладена супа“. Заборавена е, секако, основната потреба на веста, особено агенциската, каде прецизноста треба да е основниот двигател.

pozar-vlada-09876-098Линк до оригиналниот напис: Гори зградата на Владата

Датум и време на објавување: 11.11.2014

Датум на рецензирање: 12.11.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Утрово на платото пред зградата на Владата на Република Македонија избувнал мал пожар во кој се запалил кабел од инсталациите. По јавувањето во противпожарната единцата, на терен искочиле две до три возила, кои веднаш го локализирале пожарот и изгаснале. Во објектот немало потреба од евакуација, а вработените продолжиле со извршување на своите работни задачи.“

Ова е целата вест и веднаш, ако се потпрете на овој извор, ќе се запрашате зошто и воопшто е пласирана. Практично ништо не се случило! Треба да се напомене дека час и пол по оваа вест е пласирана на порталот на агенцијата, истата вест само нов наслов („Градежните работи причина за пожарот“). Но, дали е така? Дали сè е така банално?

На друг портал, во вест која е истовремено пласирана, таа изгледа сосема поинаку, дури во сите елементи! Така, не се работи за „платото пред зградата“, туку за „недовршената канцеларија сместена во третото крило од владинот објект“. Веста, инаку, користи изјава на командирот на противпожарната служба кој рекол „интервениравме со шест возила“, а не „со 2 до 3“ (што само по себе е необична „комбинација“, кога авторот не можел да се одлучи меѓу тие математички „големини“). Менковски рекол и дека „дел од вработените од владата чекаа надвор да заврши интервенцијата на пожарникарите, кои со моторна пила и секири сечеа и кршеа дел од фасадата на зградата“. На фотографиите што ги објави по медиумите, инаку, се гледа сечењето на фасадата, кое не е наивно и кое покажа дека барокизацијата покажува „малери“ уште недовршена.

И во веста објавена во трет медиум се повторува дека имало евакуација на владините службеници и се објаснува дека пожарот настанал при постаување на хидроизолација на електриката во фасадниот дел на канцеларии од блок број 4 на зградата на Владата. Значи, имаме дури и уште еден елемент во веста кој објаснува каде е изворот на пламенот, кој, инаку, во дел од медиумите беше скептично примен заради можноста да е „повторен ракетен напад“, што овојпат ги игнорираме како несериозни.

Оваа вест е, всушност, реплика на вестите кои во советскиот систем беа познати како „јавува Радио Ереван“, кога „жигулито“ може да е „волга“, Москва да е Казан, Петров да е Киров и слично, значи каде имате изместувања за некои работи да се зголемат. Кај нас, во случајов, се оди по обратна линија, онаа на минимизирање на настанот. Не е тешко да се погоди зошто – сѐ што е во зградата на Владата е безгрешно, дури и мајсторите на скелињата…

Треба да се наведе дека во грижата настанот да се стави во рубриката „не е интересно“, ставена е фотографија во која нема чад. А како и би имало кога таа е од времето кога зградата на Владата имаше првобитен, модерен изглед, ниту налик на сегашниот!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција