Рецензија: Градоначалникот на Кичево почна да ги брка Македонците од работа

Почна ли во Кичево „етничкото чистење“?

Рецензија: Градоначалникот на Кичево почна да ги брка Македонците од работаЛинк до оригиналниот напис: Градоначалникот на Кичево почна да ги брка Македонците од работа

Датум и време на објавување: 18.04.2013, 20:00

Датум на рецензирање: 19.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Порталот Максим, повикувајќи се на напис во скопски „Дневник“, тврди дека четири од пет вработени со договор на дело во кичевската противпожарна служба добиле отказ од градоначалникот Фатмир Дехари. Со оглед на фактот дека овој факт се наведува и во написот-изворник и не е демантиран, сметаме дека е точен и веродостоен.

Рецензија: Градоначалникот на Кичево почна да ги брка Македонците од работаИзвори на информации: Написот се потпира на два извора, пренесени преку „Дневник“ – отпуштените од Противпожарната единица на Кичево (не се именувани, туку се третираат како неофицијални) и извесен Ѓорѓи Сајковски од Кичево, чие својство не е наведено, а од написот-изворник дознаваме дека станува збор за претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево. Со оглед на нејасниот статус на наведените извори, за читателот е спорна нивната релевантност.

Инаку, нема дилеми дека изворите се еднострани. Порталот Максим тврди дека:

„Дехари не одговорил на прашањата на Дневник, зошто се врши етничко чистење на општинската администрација“, што инаку не е точно.

Содржајност: Веста на Максим не е сеопфатна, бидејќи ја крие другата страна на приказната, прикривајќи го фактот дека „Дневник“, сепак, има објавено исказ за градоначалникот Дехари, кој е важен за приказната.

Пристрасност: Написот на Максим пласира една очигледна лажна информација, дека Дехари не одговорил на прашањето на „Дневник“ за „етничкото чистење во општината“. Весникот поставил поинакво прашање и објаснил:

„Од градоначалникот вчера не добивме одговор зошто почнал со кастрење на администрацијата и на вработените“.

Изразувањето е суштински различно. „Дневник“ зборува за „чистка по етничка основа“, додека Максим за „етничко чистење на општината“. Веројатно авторот е млад и не му е познато значењето на терминот „етничко чистење“, а со тоа и опасноста на спинот што го пласира.

Инаку, факт е дека Дехари дал изјава за „Дневник“. Таа гласи:

„Допрва ќе има систематизација и сега не можам да одговорам дали ќе има отпуштања, дали сите ќе работат во еден објект или ќе има истурени подрачни единици во некои од поранешните општини. Она што првично можам да го кажам е дека има превработеност во комуналното претпријатие. Ќе барам директорот да ми образложи како финансиски функционирало претпријатието со толку вработени“.

Можеби таа не го задоволува љубопитството на авторот, но не е вистина дека новиот градоначалник не дал изјава за спорното прашање.

За разлика од написот-изворник, кој макар формално е избалансиран (сослушани се двете страни), текстот на Максим не е избалансиран и покажува очигледна наклонетост кон едната страна во спорот, кон етнички македонската, што е повеќе од политичка наклонетост – зборуваме, значи, за етничка наклонетост.

Плагијат: Со оглед на фактот што текстот на Максим суштински ги менува елементите од написот-изворник во „Дневник“, може да го сметаме за оригинално дело, во случајов непотпишано.

Со оглед на чувствителноста на темата, било препорачливо Максим прецизно да ги пренесе наводите на „Дневник“ и да објави линк до написот. За жал, целта очигледно била да се издвојат елементите кои се погодни за аголот што го заговара Максим.

Квалитет на насловот: Насловот на текстот, „Градоначалникот на Кичево почна да ги брка Македонците од работа“, сам по себе, носи неточна информација и еден очигледен спин. За споредба, написот во изворниот текст во „Дневник“ е „Дехари почна да им дели откази на Македонци“.

Воопшто не е исто да се каже „Македонци“ и „Македонците“. Нечленуваната форма во „Дневник“ значи дека Дехари откази им дели на некои Македонци, додека членуваната форма во Максим значи дека им дели на сите Македонци, што соодветствува со тезата на написот дека во Кичево почнало „етничко чистење“.

Освен тоа, едно е да се каже дека Дехари дели откази („Дневник“), а друго е да се тврди дека почнал да ги брка Македонците од работа – второво претпоставува дека злобниот градоначалник ги брка Македонците од работа од каде што стигне.

Фотографија: Фотографијата е предизборен плакат на градоначалникот Дехари.

Говор на омраза: Иако оценуваме дека написот директно не содржи говор на омраза, тој сепак предизвикува сериозна вознемиреност кај етничките Македонци и во таа смисла испраќа една многу контроверзна порака.

Заклучок: Живееме во мултиетничко општество, со политички конфликти кои се прелеваат во етничката сфера и често ја загрозуваат и безбедносната ситуација. Кичево е епицентар на еден таков, латентен конфликт, кој еруптираше во предизборната кампања. Поради тоа, треба да се биде крајно внимателен, одговорен и професионален, кога се известува за конфликтни состојби во такви средини.

Неодговорно е, а може да биде дури и опасно, да се зборува за „етничко чистење“ , без тоа да се поткрепи со многу сериозни аргументи. Македонија има и политичко и референтно новинарско искуство за вакви деликатни ситуации, кое треба да се респектира.

Рецензија: Градоначалникот на Кичево почна да ги брка Македонците од работа

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција