Рецензија: Граѓаните веруваат во Владините политики за справување со корупцијата

FireShot Screen Capture 078 - Граѓаните веруваат во Владините - www_sitel_com_mk_mk-crop-resize

Пред нас е еден пристрасен новинарски прилог во кој се претерало со величењето на Владата и нејзинита определба за борба против корупцијата.

„Граѓаните веруваат во Владините политики за справување со корупцијата. Од година в година се повеќе граѓани се вклучуваат и соработуваат со полицијата во борбата со овој вид криминал. Полициската бескомпромисност и граѓанската свест се повеќе даваат резултати,и оттука не треба да чуди што Македонија и оваа година напредна на листата која ТИ ја прави според нивото на перцепција на корупцијата.“

Станува збор за текст во кој преку класичен спин и манипулирање со податоците од  Извештајот на Транспаренси нтернешнел  за оваа година, (официјално презентирани на 3.12.2013 година и што го објавија речиси сите медиуми), се пласира тезата дека корупцијата во Македонија се намалува.

FireShot Screen Capture 078 - Граѓаните веруваат во Владините - www_sitel_com_mk_mk_gragjanite-veruvЛинк до оригиналниот напис: Граѓаните веруваат во Владините политики за справување со корупцијата

Датум и време на објавување: 9.12.2013, 15:57

Датум на рецензирање: 10.12.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Прилогот се повикува  на  годинешниот Индекс на перцепција на корупцијата (ИПК) во кој Македонија е рангирана на 67 место со индекс на перцепција на корумпираност 44.  Овој факт е точен  и тука нема ништо спорно. Проблемот е во тоа што овој податок  се користи за тендециозна и наменска проценка на сосотојбите.

„Со 67-ма позиција во конкуренција на 177 земји, Македонија е подобра од грото држави од регионот. За разлика од пред околу деценија кога бевме на рамниште со земји кои тонат во корупција, сега пред нас се само ЕУ членките Словенија и Хрватска, што е недвосмислен показател дека надлежните си ја знаат работата.“

Притоа, не се кажува дека годинешниот индекс на перцепција на корупцијата (44) бележи скромен напредок во однос на оној од минатата година  (43). Не се споменува ниту тоа дека Македонија се симнала само две скалила подоле споредено со лани (кога беше на 69 позиција), како и тоа дека 67 место го дели со Црна Гора. Исто така, не се пренесува ниту изјавата на Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел Македонија, дадена по повод објавувањето на резултатите на ИПК за 2013 година, а која влијае на вистинитоста на прилогот:

„Корупцијата и понатаму претставува проблем од висок прииоритет за Република Македонија. Резултатот од годинешниот Интекс на перцепција на корупцијата е речиси идентичен со резултатот од минатата година (43 : 44 индексни поени) и укажува на тоа дека постои застој во подобрувањето на состојбите во оваа сфера. Очигледно е дека активностите кои ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни. Недостатоците во владеење на правото создаваат сериозна недоворба на граѓаните во судството и собранието, како институции кои треба да обезбедат гаранција на владеење на правото, заштита на јавниот интерес и просперитетна држава. Институциите досега не обезбедија доволна гаранција дека одговорните за корупција и незаконско работење нема да уживаат заштита и ќе бидат казнети. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени.“

На крајот, повикувајќи се на Транспарентност интернешнел (ТИ), без да се наведе линкот и  без да се посочи на кое истражување на ТИ конкретно  се мисли, прилогот заклучува:

„Во пресрет на Денот на борба против корупцијата, податоците на ТИ покажуваат дека дури 53% од Македонците веруваат во мерките за сузбивање кои Владата ги применува.“

Меѓутоа, во текстот не се споменуваат  податоците од Глобалниот корупциски барометар, што го спроведува ТИ во период од септември 2012 до март 2013 година, во 107 држави во кои се анкетирани  од 114.000 граѓани. Имено, резултатите од Барометарот на корупцијата во Македонија за оваа година (презентиран на 9.7.2013 година), покажуваат дека на прашањето

„Како би ги оцениле напорите на Владата во борбата против корупцијата?“

се добиени следните одговори (во проценти):

„Владата е многу ефективна во борбата против корупцијата                                              10

Владата е до одреден степен ефективна во борбата против  корупцијата                 29

Владата е ниту ефективна ниту неефективна во борбата против корупцијата    19

Владата е до одреден степен неефективна во борбата против корупцијата            24

Владата е многу неефективна во борбата против Корупцијата                                           18

Не знам/Немам одговор                                                                                                                                             /“

Тие, сепак,  даваат поинаква слика за тоа како јавноста го оценува ангажманот на Владата за справување со ова општествено зло.

Содржајност:  Текстот  е „тенок“ не нуди вистинска информација , туку нештата ги прикажува селективно. Ваквиот пристап, е во спротивност со амандманот 1 од  Кодексот на новинари:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци“.

Извори на информации: Извор на информации е Индексот на перцепција на корупцијата за 2013 година, кој потоа произволно се толкува и се користи за да се креира атмосфера во јавноста дека  Владата води бескомпромисна  битка со корупцијата.  Во тој контекст е употребена и изјавата на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска дадена  на 3.12.2013 (кога беше презентиран ИПК ) и објавена на истиот медиум:

Пристрасност: Овој материјал просто зрачи со пристрасност од првиот до последниот ред. Формулациите од типот:

„недвосмислен показател дека надлежните си ја знаат работата “

прозвучуваат дури додворувачки.

Коментирање: Целиот прилог е „зачинет“ со коментаторски елементи.  Лесно се препознава намерата коментарот од редакцијата да се протне како факт и да се претстави како вистина:

„Полициската бескомпромисност и граѓанската свест се повеќе даваат резултати, и оттука не треба да чуди што Македонија и оваа година напредна на листата која ТИ ја прави според нивото на перцепција на корупцијата“.

Текстот што го рецензираме, вусшност, почнува со коментаторски спин:

Граѓаните веруваат во Владините политики за справување со корупцијата…“,

И завршува со конектаторски спин:

„Во пресрет на Денот на борба против корупцијата,податоците на ТИ покажуваат дека дури 53% од Македонците веруваат во мерките за сузбивање кои Владата ги применува.“

Оригиналност/Плагијат: Се работи за авторски текст со потпис  на новинарот.

Квалитет на насловот: Во насловот има граматичка грешка. На погрешно место е употребена голема буква, поточно, кај  придавката „Владините“, која треба да биде напишана со мала буква. Инаку, насловот е неинвентивен но, сосема соодветно ја испраќа пораката од текстот.

Фотографија: Материјалот е илустриран со снимки од: Владата, МВР, Центарот на Скопје, Индексот за перцепција на корупцијата за 2013 година, како и со видео материјал од изјвата на Јанкуловска, на кои стои логото на телевизијата.

Заклучок: Медиумот излегува со претенциозен прилог на кој му фали политичка дистанца. Па, наместо реална слика за состојбите со корупцијата во земјата, добиен е  е лош новинарски производ во кој од самиот старт е видлива  намерата да се воспеваат владините политики.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција