Рецензија: Гробот на Александар Македонски е кај Свети Николе?

FireShot-Гробот-на-Александар-Македонски-е-кај-Свети-Николе-Нова-Македонија-crop-resize

Написот изобилува со претпоставки и шпекулации. Егзактното е измешано со метафизичкото. Математички, астрономски и геометриски пресметки се толкуваат со метафизички и митолошки аргументи. Самопрогласени експерти се претставуваат како самостојни истражувачи без да се провери нивното професионално портфолио. Недостига аналитички пристап во третирањето на темата. Место објективно информирање на јавноста предноста им е дадена на шпекулациите на соговорниците кои се извори на информациите.

Рецензија: Гробот на Александар Македонски е кај Свети Николе?Линк до оригиналниот напис: Гробот на Александар Македонски е кај Свети Николе?

Датум и време на објавување: 18.12.2013, 17:31

Датум на рецензирање: 26.12.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Меѓу апстрактното и реалното, позбунети од читателите изгледа дека се самите толкувачи/изложувачи на аргументите. Во исказите на соговорниците нема јасна граница кои се реални, а кои се митолошки претпоставки во нивните тези. Во целиот напис приближно точно е одредена единствено локацијата на објектот кој е предмет на истражувањето.

Извори на информации: Текстот е базиран на изјави од тројца соговорници. Првиот од нив, Домагој Николиќ, е самостоен истражувач на архаично минато од Далмација. Нема прецизна дефиниција со која професија се занимава соговорникот. Со него се поврзува откривањето и истражувањето на пирамиди во Босна и Херцеговина. Вториот соговорник, Аристотел Тентов, е најавен како професор на скопскиот универзитет, но нема дообјаснување дека е професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во јавноста е познат по псевдонаучните хипотези за значењето на средниот текст на Каменот од Розета, како и со трагањето по античките корени на македонската нација. Третиот соговорник во текстот е Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе. Самиот градоначалник, на одреден начин, се оградува од тезите на самостојните експерти и својата изјава ја насочува во правец на туристички развој на регионот. Заеднички факт за тројцата соговорници е што ниту еден од нив не е археолог, ниту се занимава со археологија. Тешко е да се дефинира и дисциплината во која самостојните и самопрогласени експерти ги вршат своите истражувања.

Содржајност: Во професионална смисла, текстот е солидно поткрепен со изјави од соговорниците. Недостига амбиција за прецизно толкување на фактите. Изјавата на Домагој Николиќ е конфузна, дури и неразбирлива. Очигледна е намерата да се предизвика сензација со спомнувањето на името на Александар Македонски. Шпекулациите ги засилува и спомнувањето на чудовиштето од Лох Нес.

Пристрасност: Место да трага по вистината и фактите што говорат во таа насока, написот само ги пренесува претпоставките на соговорниците, а со тоа дава јавност на нивните шпекулации. Има обид за балансирање со изјавите на соговорниците, но нема изјави од експерти во областа на археологијата или историјата на старите цивилизации. Шпекулацијата дека станува збор за гробот на Александар Македонски може да се третира како лажна информација сѐ до моментот на потврда на претпоставката со валидни археолошки истражувања.

Оригиналност/Плагијат: Во поднасловот јасно е нагласено дека станува збор за текст пренесен од агенцијата МИА. Текстот е пренесен без наведен автор.

Квалитет на насловот: Прашалникот во насловот е единствениот обид за дистанцирање од тезите изнесени во написот. Без прашалникот насловот ќе беше класична дезинформација. Името на Александар Македонски тенденциозно е ставено во насловот за да се постигне поголема сензација. Насловот е соодветен за темата што е обработена во текстот.

Фотографија: Фотографијата со која е придружен написот прикажува детал од споменик, кој би требало да биде Александар Македонски на коњ. Нема извор од каде е преземена фотографијата, ниту кој е автор на истата. Фотографијата би требало да го засилува чувството дека фактите објавени во написот се веродостојни, а со тоа манипулира со чувствата на читателите.

Заклучок: Во Кодексот на новинарите на Македонија, во Член 1, прецизно е нагласено:

Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Во овој напис претпоставките на соговорниците се пренесуваат како научни вистини и тоа е неговиот основен проблем. Самопрогласеноста на самостојните експерти внесува дополнителна доза конфузија кај читателите. Сензационализмот во насловот манипулира со нивните чувства. Новинарскиот производ е солиден, но неговата порака е шпекулативна и неверодостојна.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција