Рецензија: Груевски: Ние нудиме јасни цели и програми и ќе му помогнеме на Прилеп
Класичен пример на вест која прикрива важна информација за настан, во екот на изборната кампања, изразувајќи на тој начин суптилна политичка наклонетост.
Линк до оригиналниот напис: Груевски: Ние нудиме јасни цели и програми и ќе му помогнеме на Прилеп
Датум и време на објавување: 13.03.2013, 10:07
Датум на рецензирање: 13.03.2013
Рецензент: Биљана Илиќ
Вистинитост на факти: Написот, всушност, е кус извештај за говорот на премиерот Никола Груевски на предизборен митинг во Прилеп. Фактите, во случајов, се избрани искази од подолгиот говор на премиерот. Низ споредбена анализа со извештаите на другите медиуми за настанот, може да се заклучи дека исказите на премиерот се точно пренесени и дека избраните факти за настанот се веродостојни.
Извори на информации: Како што веќе нагласивме, единствен извор на извештајот е премиерот Груевски, односно неговиот говор. Изворот е познат, официјален и релевантен и тука нема ништо спорно. Во извештаи од вакви настани и не треба да се очекуваат повеќестрани извори, иако еден значаен факт (исказ) од говорот на премиерот, во еден поамбициозен и избалансиран извештај, можеби налага консултирање на уште еден засегнат извор – кандидатот на здружената опозиција за градоначалник на Прилеп, Хари Локвенец.
Содржајност: Доаѓаме до клучниот проблем на овој напис – тој не е сеопфатен и прикрива најмалку една информација од круцијално значење за настанот. Таа информација ја откриваме споредувајќи го овој извештај со извештаите на другите медиуми. Еве два линка за споредба: [линк 1] [линк 2].
Во својот говор, Груевски го навредил кандидатот на здружената опозиција, Хари Локвенец, со следните зборови:
„Па не за џабе драги пријатели, татко му на овој Локвенец го поддржува Марјан, а не Хари, еве во весникот човекот си дал, значи татко му не му верува, па не вие да му верувате, па си го знае човекот син му, добар си е за дома, ама за Прилеп многу ќе му биде, знае човекот искусен, постар човек, не сака градот да му се уназади, да му застане, да го плукаат по улици после, татко си му, што не му кажеш вака, што не го оствари ова, бегај си, вели си имам мака, си го знам детево какво е, ај дома нека не пролажува, ама сега цел Прилеп да го излаже, како ќе излезам на улица.“
Овој исказ, кој претставува очигледна и груба атака, со карактеристики на сериозен скандал, во извештајот на Прес 24, едноставно, не е спомнат. Исказот е спомнат во извештаите на повеќе медиуми и малку е веројатно дека авторот и уредништвото со него не биле запознаени.
Исказот е атрактивен и импактен, па малку е веројатно дека не бил земен предвид поради должината на краткиот извештај. Напротив, во делот од извештајот во кој се зборува за идејата на СДСМ да развива зимски туризам, се покажува очигледна наклонетост кон атрактивниот и духовит исказ на говорникот, кој се шегува со тоа дека на Маркови кули веќе со години не паднал снег.
Според тоа, може да се заклучи дека станува збор за потег на уредувачката политика на порталот, кој очигледно се потрудил да го „поштеди“ премиерот од објавувањето на оваа скандалозна изјава.
Пристрасност: Изборот на исказите зборува за една очигледна, но би рекле и дозволена политичка наклонетост на авторот и на порталот, која, се разбира, не е изненадување. Ниту тука има простор за осуди. Со изборот на фактите, со начинот на уредувањето на написите, доколку при тоа се почитуваат елементарните журналистички стандарди и правила, медиумот има право да фаворизира одредена политичка опција, согласно со својата генерална и транспарентно дефинирана уредувачка политика.
Но, кога отворено се прикриваат факти значајни за настанот, како во случајов, зборуваме за демонстрација на недозволена политичка пристрасност.
Плагијат: Она што е интересно и многу значајно за овој случај, е фактот што текстот е целосна копија на идентичниот текст (сосе идентичниот наслов) на онлајн-изданието на телевизија Сител. Единствената разлика е фотографијата со која се илустрирани написите.
Но, знаејќи за евидентната уредувачка и персонална блискост на двете онлајн-изданија, нема дилеми дека станува збор за „договорен плагијат“, односно за еден ист текст на ист автор (непознат, во случајов), објавен на двете места. Тоа зборува дека некои провладини портали, не само што имаат единствена уредувачка политика, туку едноставно, објавуваат исти текстови.
За потврда на ова, еве го и истоветниот текст објавен на порталот Максим. Можеме да наведеме уште примери, но сметаме дека и ова е доволно.
Квалитет на насловот: Кон маркираните оценки за насловот (информативен, некреативен, неселективен, соодветен и јасен), ние би додале и – промотивен. Имено, насловот е круна на овој текст, пласирајќи една парола од говорот на премиерот.
Фотографија: Фотографијата е портрет на Никола Груевски, во лесна бела кошула, несоодветно го прикажува настанот – митинг во вечерните часови, во зимски услови и со посебна сценографија. Извештајот е објавен речиси 12 часа по настанот, време кое било доволно да се избере соодветна и автентична фотографија.
Заклучок: Кусиот извештај на Прес 24 за говорот на премиерот Никола Груевски од Прилеп, како и неговите идентични копии на други онлајн-изданија, покажуваат дека неколку провладини интернет медиуми функционираат како своевиден заеднички деск и објавуваат идентични текстови. Со тоа се постигнува ефект на поголема посетеност на истите содржини и нешто уште поважно од тоа – можност лесно и ефикасно, од еден единствен центар, да се контролира нивната уредувачка политика.
Во конкретниот случај, таа можност е внимателно искористена. Пласиран е извештај кој прикрива (игнорира) клучен факт за настанот, непристојниот исказ на премиерот, со кој тој грубо го навредува кандидатот на опозицијата за градоначалник на Прилеп.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар