Рецензија: „ХиМ“ наскоро со скопска продавница

Пред нас е вест во која дел од фактите не се проверени. Со оглед на фактот што таа е преземена од неколку портали, благодарејќи на препишувачкиот тренд во македонскиот интернет информативен простор, веста може и да биде извор за манипулација на јавноста.

Текстот е школски пример за погрешно правење вести каде не се почитувани стандардите во професијата, Ова е основна причина за тоа како информацијата што се нуди, всушност, може да претставува дезинформација или барем полуинформација.

'„ХиМ“ наскоро со скопска продавница' - www_utrinski_mk_default_asp_ItemID=DBFC6449AA744A47A64D452A09058707Линк до оригиналниот напис: „ХиМ“ наскоро со скопска продавница

Датум и време на објавување: 22.092014, 16:53

 Датум на рецензирање: 24.09.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Веста се потпира врз две клучни тврдења: излепен излог на една скопска продавница со етикета на познат трговски бренд и познатиот трговски бренд наскоро ќе ја отвори посочената продавница, со што граѓаните ќе имаат дополнителен извор на понуда при купувањето текстилни производи. Додека првото тврдење не е спорно и може да се утврди и од  фотографијата со која е опремена веста, тврдењето дека познатиот трговски бренд ќе ја отвори наскоро продавницата не е поткрепено со ниту еден извор и се чини дека авторот го извлекол само од фотографијата.

Извори на информации: Веста нема извор. Како пара-извор е користена фотографијата со излепениот излог. Но тој пара-извор не послужил како провокација барем за минимална проверка на фактот изложен во фотографијата или барем тоа не е наведено во текстот што го анализираме. Оттука и заклучокот дека во веста нема истражувачки напор, односно нема наведено извор.

Содржајност: Веста не прикрива информација, туку едноставно е несеопфатна и оттаму станала предмет на манипулација на јавноста што се покажа за околу 24 часа подоцна со демант од самата трговска компанија.

Пристрасност: Самиот наслов е базиран врз заклучок за кој нема извор (се потпира врз фотографија) и е своевиден спин, т.е. извртување на вистината – H&M наскоро отвора продавница во Скопје.

Оригиналност/Плагијат: Со проверка на интернет преку агрегаторите се доаѓа до заклучок дека веста е оригинално дело со наведен автор со иницијали и без наведен извор.

Квалитет на насловот: Насловот е несоодветен со фактите што се понудени во текстот. Таков заклучок каков што има во насловот не може да се изведе од фактите што се понудени во текстот. Оттука, насловот е тенденциозен и го наведува читателот на погрешно толкување.

 Фотографија: Фотографијата е клучен елемент во веста. Таа е користена како извор врз кои се градени тврдењата и се вадени заклучоци кои не се проверени преку други извори, што на крај довело до дезинформација или полуинформација.

Заклучок:  Текстот кој по својот жанр претендира да биде вест, е пример за тоа како непрофесионална вест може да направи забуна во јавноста. Веста ги има сите параметри што се неопходни за овој жанр, освен еден – кој кажал?

Во насловот има децидно тврдење дека еден светски трговски бренд со текстил ќе отвори продавница во Скопје:

 „ХиМ“ наскоро со скопска продавница

Кога ќе почне да се чита веста, тоа тврдење го нема во главата на веста, што е прво и основно правило во жанрот вест. Во главата на веста мора да се одговори на прашањето „што“, едно од петте прашања на кое мора да одговори секоја вест. Во наредниот  пасус веќе може да се насети од каде произлегува тврдењето изнесено во насловот:

Тоа дека шведската мултинационална компанија за облека се подготвува за влез во Скопје зборуваат и натписите „Наскоро“.

Бидејќи го нема изворот на веста дека H&M наскоро ќе отвори продавница во Скопје, (тој не е наведен ниту како анонимен), еден од најлогичните заклучоци што се наметнуваат е дека авторот го изградил ова тврдење на ниво на факт, само од облепениот излог на продавницата.

Во веста има напор да се објасни која е компанијата „Хенес и Мориц“, но, нема одговор на прашањето – дали тврдењето е вистинито. Нема никаков истражувачки напор, што на пример го направил следниот ден еден друг портал, кој, повикувајќи се на прес службата на компанијата, тврди дека отворањето на продавница на H&M наскоро во Скопје, во овој момент е шпекулација.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција